Слушањето вести поврзани со вознемирувачки настани, на пример, тероризам, масовни престрелки или природни катастрофи, може да предизвика вознемиреност кај децата или грижа да не им се случи нешто лошо ним или на нивното семејство.
На кој начин вестите предизвикуваат вознемиреност кај децата?
Во зависност од нивните години, децата не секогаш разликуваат реалност од фантазија. Децата до осумгодишна возраст сите настани ги перципираат премногу лично и доколку слушнат вест за автомобил-бомба, прво што би се запрашале е: „Може ли ова и мене да ми се случи? Можам ли јас да бидам следниот?“
Телевизијата и интернетот се дел од нашето секојдневие. Но со преобемното објавување насилни приказни светот станува поопасно место за најмалите отколку што навистина е.
Искреноста е многу важна
Родителите треба да им ја кажуваат вистината на децата, но само до оној степен до кој сметаат дека е доволно. Секој родител треба да биде искрен, но и да му овозможи на детето да се чувствува безбедно. Нема потреба да се кажуваат сите детали поврзани со веста.
Секој родител треба да го охрабри детето отворено да зборува за сè што го плаши или загрижува.
Родителот да дискутира со детето за веста
Дискутирањето за вестите во текот на денот е многу важно за детето да се чувствува послободно да каже што мисли за секој настан.
Доколку вестите предизвикуваат непријатно чувство, потребно е родителот да ја смени програмата и притоа да не дозволи децата сами да гледаат емисии за кои се бара родителски надзор.