Воспитување

Како да смирите дете што вреска

Врескање, хистерично плачење и сосема неконтролирано однесување се епизоди со кои секој родител на дете од 1 до 3 години понекогаш се среќава. Родителите различно реагираат на таквото однесување, од игнорирање на детето до моментално угодување на секое негово барање. Без разлика каде се наоѓате во моментот кога детето со напад на бес реагира на некаква забрана, тешко е да се остане мирен и да се реагира на вистински начин. Не само што чувствувате дека сите што присуствуваат на таа сцена ги осудуваат и ги оценуваат вашите родителски способности, туку оваа ситуација е стресна и за родителите и за децата.

Во периодот од 1 до 3 години децата поминуваат низ многу брз психофизички развој. Тоа е период кога се усвојуваат многу моторни вештини, детето го учи јазикот и усвојува начини за решавање проблеми, па не чуди што брзината со која се случуваат овие промени и експлозивниот развој го збунуваат детскиот ум. Всушност, тој брз развој и е причина за фрустрациите што понекогаш завршуваат со вистински напад на бес.

Иако физички веќе потсетуваат на мали луѓе, детскиот ум во оваа фаза сѐ уште е во развој, го придвижуваат емотивни, инстинктивни, примарни реакции. Како што објаснува американскиот педијатар д-р Карп, реакцијата во бес е заснована на примарните  инстинкти, на однесување што ни е вродено, дури и кај возрасните чие однесување обично го регулираат општествените правила. Ова е поизразено кај децата бидејќи уште немаат усвоени шеми на прифатливо однесување, а се соочуваат со многу нови искуства.

Методот на д-р Карп

Прочуениот американски педијатар д-р Карп, чија книга „Најсреќното бебе“ стана речиси неизоставна на полиците на семејствата што чекаат бебе или тукушто го добиле, во својата нова книга „Најсреќно бебе“ се занимава со нападите на бес кај децата.

Тој ги советува родителите дека ако детето плаче, вреска и хистерично бара нешто, да не му пристапуваат на рационален, практичен начин зашто тоа тогаш не може да го прифати. Наместо тоа, советува на детето да му се каже точно тоа што сака да го слушне. Тоа значи ментално и физички да се спуштите на нивото на детето кога е вознемирено. Целта не е да попуштите и да му дадете на детето сѐ што ќе посака, туку да комуницирате со него на негов начин, така што тоа да ве разбере:

  • да ги повторувате зборовите што ги користи детето;
  • да користите кратки фрази со многу повторувања;
  • да ги рефлектирате чувствата на детето во тонот на вашиот глас и во изразот на лицето.

На пример, кога вашето дете ќе добие напад на бес во продавница затоа што не сте му купиле лижавче, тоа ќе почне да вреска: „Сакам! Сакам лижавче!“ Ако се обидете со мирен и благ глас да му одговорите: „Злато, не можеш да добиеш лижавче затоа што се уште не си јадел. Ќе си го расипеш ручекот“, таквиот одговор само ќе ја влоши ситуацијата.

Тоа е логичен, разумен одговор на родител кој си го сака своето дете, но на дете на таа возраст, само ќе го разбесни, објаснува д-р Карп. Тогаш тоа смета дека мора да го повторува својот став погласно и похистерично за да го разберете. Наместо тоа, докторот советува да ги повторите зборовите што вашето дете ги кажува, но со смирен тон на гласот. „Сакаш лижавче. Сакаш лижавче. Лижавче. Сега.“

Можеби овој пристап ви се чини чуден, но ваквиот одговор е всушност само верзија на веќе добро оправданиот метод на активно слушање што го користат возрасните во секојдневната комуникација, особено во проблематични ситуации. Целта, секако, не е само да ги повторувате зборовите, туку да ѝ стане јасно на личноста со која разговарате дека сте разбрале на што се жали. Кога разговарате со возрасен кој е вознемирен и бесен, би му кажале: „Разбирам, разбирам. Те сфаќам. Навистина ми е жал“. Овој одговор изваден од контекст звучи бесмислено, но сепак личноста на која ѝ зборувате може да се смири и да престане со хистеријата. Сосема е слична и реакцијата на децата.

Доктор Карп и практично го демонстрира овој метод и покажа како расплакано и хистерично дете во рок од неколку секунди, откако ќе добие таков одговор, се смирува и прашално ја гледа возрасната личност која го повторува неговиот проблем. Кога тоа ќе го постигнете и ќе го надминете нападот на бес, можете на детето да му објасните зошто сте му рекле не, да го утешите и да му понудите друго решение. Само смирено дете ќе биде во состојба да ве слушне и да го прифати вашето објаснување.

Доколку интензивните напади на бес се јавуваат многу често, може да бидат знак на некои здравствени проблеми, па тогаш посоветувајте се со педијатар.

 

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top