Растењето покрај баба и дедо има непроценлива важност за детето, не само што се голема помош за родителите, туку и поминувањето на времето со нив има позитивно влијание врз развојот на децата, а и врз здравјето на бабите и дедовците. Имено, истражувањата покажуваат дека бабите и дедовците што повеќе се грижат за своите внучиња и поминуваат повеќе време со нив живеат подолго. Но, доаѓањето на детето во семејството често предизвикува и несакани совети од сите членови, а најмногу од бабите и дедовците кои често преминуваат во целосно мешање во воспитувањето.

Главната улога во животот на детето би требало да ја имаат родителите, а не бабите и дедовците, смета психологот Наталија Станковиќ, но вели и дека бабите и дедовците се исто така важни во животите на децата бидејќи им помагаат на родителите во конкретни ситуации. Улогата на родителите треба првенствено да биде на самите родители, бидејќи тие се одговорни.

Родителот има главна улога во воспитувањето на детето

Родителот со детето има најинтензивна емотивна блискост, а претставува и модел преку кој детето учи. Улогата на родителот е да го води своето дете низ животот грижејќи се за него, давајќи му насоки преку структура, зајакнувајќи го и вреднувајќи ги неговите потреби и чувства. Родителот донесува одлуки поврзани со детето и општо има главна улога во воспитувањето на детето. Ако дедовците и бабите ја преземат родителската улога, најчесто доаѓа до конфликт кој никако не придонесува за здрав развој на детето. Најдобра опција е отворен разговор во кој родителите јасно ќе им кажат на бабите и дедовците како гледаат на нивните улоги, вели психологот.

Психологот Станковиќ објаснува како треба да се поставите кон бабите и дедовците што имаат различни ставови за воспитувањето и се обидуваат да им ги наметнат на внуците. „Понекогаш дедовците и бабите, поради силната желба да помогнат, го прават тоа на начин кој можеби не им одговара на родителите. Со јасно изразени очекувања и се разбира благодарност за желбата да помогнат, конфликтот може да биде успешно решен. Доколку не постои добра волја да се реши конфликтот, понекогаш единствено решение е физичката одвоеност и контролирани контакти. Родителството е една од најтешките задачи и поддршката е секако потребна. Доколку постојат поединци во блиска околина кои не само што не ги поддржуваат родителите, туку и ги девалвираат, тогаш е потребно да се дистанцираат“, советува психологот.

Односот помеѓу бабата, дедото и внуците треба да се негува

Кои се вредностите што децата ги добиваат од бабите и дедовците, односно заради што и во која мера треба да се дозволи да поминуваат време со бабите и дедовците, ако имаат различен пристап кон родителството и воспитувањето – психологот вели дека различностите во пристапот кон родителството и воспитувањето не би требало да бидат проблем ако се работи за помалку важни нешта.

– Во ред е дедовците и бабите да бидат утеха и поддршка за децата, повеќе да им попуштаат и да им угодуваат, па со тоа да им помогнат полесно да пребродат различни развојни фрустрации. Дедовците и бабите ја чуваат семејната традиција и им ја пренесуваат на внуците. Нивните приказни се интересни и важни бидејќи содржат нешто мистично и посебно оти им припаѓа само ним, односно на нивното семејство. Не е реткост да се чуе како возрасните се сеќаваат на бабите и дедовците со голема љубов и почит, истакнувајќи како тој однос им бил многу важен. Затоа, ако постои волја и можност, односот помеѓу бабата, дедото и внуците треба да се поттикнува и обострано да се негува – смета таа.

Автор: Татјана Третњак



912

X