Не е можно целосно да се подготвиме за нешто ново што досега не сме го доживеале. Сепак, размислувањето за тоа што значи за мене да се биде мајка, што очекувам од себе и од детето, партнерот и остатокот од семејството, ја олеснува навигацијата во овие нови и често стресни околности.
Подготовка – тој магичен збор
Често слушаме и читаме за важноста на подготовката за нешто – подготовка за породување, доење, родителство… Основната идеја е дека кога нешто ни е непознато и ново, тешко е да знаеме како ќе се чувствуваме, реагираме и како ќе се справиме. Секако, со непознатото доаѓа и прашањето дали имаме контрола над тоа и се појавува страв и чувство на беспомошност. Подготовката во суштина е рефлексија на можните идни настани преку искуствата на другите, знаењето и фактите обезбедени од професијата и знаењето за себе преку минатото животно искуство. И тогаш кога ќе го подготвиме сето тоа и ќе планираме како нешто ќе изгледа, животот се случува и сите планови паѓаат во вода.
Подготовката е важна бидејќи ни го дава потребното знаење и чувството дека ги имаме работите под контрола, што ни го намалува стравот. Но, во суштина, ние навистина не ги имаме под контрола. Ослободувачко е кога ќе си признаеме дека сме направиле што сме можеле и дека сепак ќе се случат некои непредвидени работи. И дека и тоа ќе го преживееме. На овој начин си дозволуваме да сфатиме дека не мора да биде совршено и дека е сосема во ред што не знаеме како да се однесуваме, дека не ни е лесно и оти ни треба поддршка и помош.
Очекувањата – главниот непријател
Кога нешто ни е непознато и ново, создаваме слика за тоа врз основа на сѐ што сме слушнале, прочитале, научиле за него. Од ова произлегуваат нашите очекувања кои се „обоени“ од нашите ставови, вредности, начинот на кој се перципираме себеси и светот. Повеќето луѓе имаат одредени очекувања, а тоа е нормален начин на функционирање. Проблемот настанува кога се обидуваме да го ставиме „животот што се случува“ во рамките на нашите очекувања и стануваме целосно вознемирени затоа што „животот што се случува“ не се покорува и се спротивставува на нашите напори. Ако дозволиме ситуацијата да се развие и во даден момент имаме доверба во себе дека ќе се приспособиме на сè што се случува, сета подготовка и очекувања што сме ги имале ќе станат наши сојузници.
Од страв и срам до убаво породување
На пример, сте испланирале три различни сценарија за тоа како ќе изгледа вашето породување и се случува четврто, сосема неочекувано сценарио. Сигурно во овие три планирани има техники, алатки и вештини кои можете да ги искористите во оваа нова неочекувана ситуација, но тоа е можно само ако се откажеме од планираните сценарија и го посветиме своето внимание и концентрација на она што се случува токму сега. „Живеењето овде и сега“ и функционирањето во непредвидени и стресни околности се вештини кои можат да се научат и развиваат.
Поддршка од експерти и од најблиските
Психолошкото советување како подготовка за нова улога во животот и олеснување на поврзувањето со нероденото дете може да ни помогне полесно да се справиме со искуството од породувањето и мајчинството. Преиспитувањето на сопствените очекувања, стравови и добивањето поддршка во сè што ни се случува ни помага да ја тренираме нашата отпорност на несигурност и да ја зајакнеме вештината за справување во стресни и непланирани околности. Професионалната поддршка се фокусира на личноста на која ѝ е потребна поддршка и сѐ што носи со себе, без да проценува што е правилно, а што не, без да бара точни одговори и точни начини. На овој начин се отстранува огромниот товар што идните мајки често го ставаат на својот грб и „полесно се дише“, што е од големо значење за мајката во ситуација на породување, но и на мајчинството во целина.

Породувањето е природен процес кој настанува на крајот од бременоста, но доењето, односот мајка-дете, меѓусебната комуникација и разбирање бараат труд и трпение и не се случуваат сами по себе. Тоа не значи дека нешто не е во ред со мајката и нејзиното однесување. Но, односите се такви. Не е секогаш лесно да се усогласат две лица кои во ист момент имаат различни потреби и емоции. Ако дозволиме да сфатиме дека нема веднаш да знаеме што и како да правиме, да се разбереме себеси и детето и да бидеме во нашите најдобри услови, значително ќе биде полесно да се движите „во животот што се случува“ и да бидете позадоволни од крајниот резултат.
За да не се изостават татковците и другите блиски луѓе, нивната поддршка е незаменлива во целиот процес. И тие можат да научат што ѝ помага на нивната сопруга/ќерка/сестра/пријателка, каква поддршка ѝ треба и да ги преиспитаат нивните очекувања за тоа што значи поддршката. Единствената поддршка што навистина помага е онаа приспсобена на личноста што ја поддржуваме.
Автор: Сунчана Роквиќ, магистер по психологија