Ниту еден родител не сака неговото дете еден ден да биде лажго и секојпат кога ќе се најде во незгода да се извлекува користејќи лаги. Но, факт е дека лагата е дел од човекот, па истражувањата покажале дека сите на оваа планета лажат.

Причините поради кои децата лажат зависат од возраста, но и од тоа колку детето се чувствува прифатено од страна на родителите. Важно е да се биде реален и да се прифати фактот дека и децата се луѓе и можат да лажат, што секако ќе го намали чувството на повреденост во таа деликатна ситуација.

1. Родителот треба да ги разбере причините поради кои детето лаже

Речиси 90 отсто од луѓето ја изговориле првата лага на најмала возраст – помеѓу 2 и 3 години. Но, детето на претшколска возраст не знае точно што е тоа лага, каде таа почнува и каде завршува. Децата не разликуваат што е реалност, а што имагинација, па можат и да излажат затоа што се збунети или за да исполнат некоја своја желба. Некогаш причината може да е и обидот на детето да му угоди на родителот. На возраст од 7-8 години децата лажат во врска со активностите поврзани со училиштето. Иако сега ги разликуваат лагите од вистината, сепак е лесно да се разоткријат. Причините за лажење се многу слични на оние на возрасните: да се покажат во подобро светло, да ги задоволат другите или успешно да се извлечат од некоја неприлика.

2. Родителот со своето однесување може да придонесе детето да лаже

Често првата реакција кај родителите е збунетост, а потоа лутина кон детето или чувство на повреденост. Кога родителите го чувствуваат ова, почнуваат да го критикуваат детето или да му држат лекции. Таа атмосфера на осудување го наведува детето повторно во некоја ситуација да ја скрие вистината. Наместо тоа, родителот може со љубопитство и топлина да му рече на детето: „Тоа не ми звучи како вистина. Можеби не сум во право, ама ми изгледа дека се плашиш да ми кажеш што точно се случило. Од што конкретно се плашиш да ја кажеш вистината?“ Дури и ако детето не сака да каже што точно се случува, на ваков начин му се дава до знаење дека се наоѓа во средина која му нуди сигурност и гаранција дека нема да биде осудено. На некои деца едноставно им треба време за да соберат храброст и да ја кажат вистината. Можете да го охрабрите на следниот начин: „Знам дека е некогаш тешко да се каже вистината и ти благодарам што сега ми ја кажа, колку и да е лоша. Горд сум на тебе што имаше сила за вистината. Многу сакам кога си искрен со мене“.

3. Начинот на кој родителот поставува прашање може да го наведе детето да лаже

Децата често сакаат да се извлечат од неволја. Ако родителот постави прашање со лут тон, детето автоматски ќе ја избере лагата. Наместо такви прашања, родителите многу повеќе ќе дознаат која е вистината ако ја опишат ситуацијата без лутина, а потоа мирно да почекаат објаснување од страна на детето.

4. Некогаш е во ред да не се каже целата вистина

И кај лажењето не е сѐ црно и бело. Секое лажење не е злонамерно. Доколку детето добие подарок кој не му се допаѓа, не треба во таа ситуација да каже: „Подарокот е без врска!“, бидејќи личноста што го донела подарокот ќе биде повредена. Затоа родителите треба да издвојат одредени ситуации кога наместо искреност, подобро е да се фокусираат на позитивните страни.

5. Родителот треба да се однесува онака како што зборува

Најголемо влијание врз детето и неговиот однос кон искреноста има однесувањето на родителот во критични ситуации. Па така, кога детето ќе ве излаже, потребно е:

– Да разберете од кои причини ве лаже;
– Да размислите за своето однесување со кое придонесувате детето да ве лаже;
– Да не му поставувате прашања на кои мора да ве излаже;
– Да му објасните дека постојат и „бели лаги“ и кога треба да ги употребува;
– Да бидете модел за искреност.

Автор: Николина Милосављевиќ, психолог, тренер за вештини на родители



912

X