Авторката на книгата „Размислувајте: Разговори за паметни жени во затапен свет“, Лиза Блум, советува дека со малите девојчиња треба да се разговара на малку поинаков начин. Еве нејзин пример кој го испробала на петгодишното девојче Маја, ќерка на пријател:

„Отидов на вечера кај пријател и ја запознав неговата ќерка, која имаше пет години. Малата Маја имаше кафена виткана коса, темни очи и беше преслатка во нејзиното розово фустанче. Сакав да извикам – Маја, преслатка си! Погледни се! Сврти се наоколу во тој прекрасен фустан, ти преубаво девојче! Но, не го сторив тоа. Се сопрев. Како секогаш кога се запознавам со мали девојчиња, си го прегризав јазикот одолевајќи му на мојот прв импулс кој ме тера да им кажам колку слатки/убави/прекрасни/убаво облечени се.

Што е проблемот во тоа? Проблемот е во нашата култура и обраќање кон малите девојчиња, нели? Зошто да не им се упати искрен комплимент за да им се зголеми самодовербата? Почекајте.

Повеќе би сакале да победат на натпревар за топ-модели отколку да добијат Нобелова награда

„Еј-би-си њуз“ објави дека речиси половина од девојчињата на возраст од три до шест години мислат дека се дебели. Во мојата книга откривам дека помеѓу 15 и 18 отсто од девојчињата помали од 12 години редовно ставаат маскара, молив за очи и кармин. Нарушувањата во исхраната растат додека самодовербата кај девојчињата се намалува, а 25 отсто од младите Американки повеќе би сакале да победат на натпревар за топ-модели отколку да освојат Нобелова награда. Дури и паметните, успешни студентки изјавуваат дека би сакале повеќе да бидат убави отколку паметни. Мајка од Мајами почина поради последици од козметичка операција, оставајќи зад себе две тинејџерки. Ова продолжува да се случува и ми го крши срцето.

Учењето што го добиваат девојчињата дека изгледот е првото нешто што се забележува кај нив им порачува дека изгледот е поважен од што било друго. Тоа е она што ги наведува да гладуваат од пет години, да се шминкаат од 11, да вградуваат силиконски гради на 17, а со ботокс почнуваат на 23 години. Слично е и со девојчињата низ целиот свет, па доволно е само малку да се завртите околу себе или да поминете низ кој било училиштен двор. Поради императивот дека мора да бидат убави 24 часа дневно, жените стануваат сè понесреќни. Недостигаат значењето, целта, смислата, живот со развивање на имагинацијата, читањето книги, а и луѓето да нè вреднуваат поради нашето мислење, успесите и она што сме.

Затоа се терам себеси да разговарам со малите девојчиња на следниот начин:

„Маја“, ѝ реков клекнувајќи до неа и гледајќи ја в очи, „многу ми е мило што те запознав“.
„И мене исто така“, рече таа љубезно.
„Што читаш?“, прашав возбудено. Обожавам книги и дозволувам тоа да се покаже.
Нејзините очи се зголемија, а вежбаниот љубезен изглед се претвори во возбуда во врска со темата. Таа направи пауза, малку засрамена од мене, непозната.
„Сакам книги“, реков. „Ти сакаш?“
Повеќето деца сакаат.
„Да“, рече таа. „И сега можам сама да ги читам сите книги!“
„Тоа е прекрасно!“, реков јас. И навистина е, за петгодишно дете. Само напред, Маја.
„Која ти е омилена книга?“, прашав.
„Ќе одам да ја земам! Може да ти читам?“

Маја одбра книга што не ја знаев, седна до мене и гордо почна да го чита секој збор, за некоја хероина што ја сака розовата боја, но е измачувана од група девојчиња во училиште што носат само црно. Всушност, беше книга за девојчињата и она што тие го носат, а и како нивните избори на гардероба ги дефинираат нивните идентитети. Откако Маја ја затвори и последната страница, ја одведов дискусијата во подлабоки проблеми: лошите девојки и притисокот од врсниците не се согласуваат со групата. Ѝ реков дека моја омилена боја е зелената бидејќи ја сакам природата, и таа немаше проблем со тоа.

Ниту еднаш не дискутиравме за облека или коса или тело, или кој е убав. Изненадувачки е колку е тешко да се стои настрана од овие теми со малите девојчиња, но јас сум тврдоглава. Ѝ реков дека само што сум напишала книга и дека се надевам оти и таа ќе напише книга некој ден. Беше многу возбудена околу тоа. И двете бевме тажни кога Маја мораше да оди на спиење, но ѝ реков дека следниот пат ќе избереме друга книга, ќе ја прочитаме и ќе зборуваме за тоа. Тоа уште повеќе ја израдува, па уште неколку пати излезе од нејзината соба и дојде кај мене.

Прашајте ги што им пречи во светот? 

Па така, ова беше мало спротивставување на културата што испраќа погрешни пораки до нашите девојчиња. Еден мал удар со цел вреднување на женските умови. Еден мал момент на намерно покажување пример. Дали моите неколку минути поминати со Маја ќе ја променат целата мултимилионерска индустрија за убавина, манијата од реални шоуа што ја понижуваат жената и нашата култура насочена кон славни личности? Не. Но, ја сменив перспективата на Маја барем во текот на таа вечер.

Обидете се со ова следниот пат кога ќе запознаете мало девојче. Може да биде изненадено и несигурно на почетокот, бидејќи малкумина прашуваат за неговиот ум, но бидете трпеливи и држете се до тоа. Прашајте го што чита. Што сака, а што не и зошто? Нема погрешни одговори. Само генерирате интелигентен разговор кој го почитува умот на девојчето. Постарите девојки, прашајте ги за моменталните проблеми: загадувањето, војните, намалените буџети во училиштата. Што им пречи во светот? Како би ги решиле проблемите кога би имале магично стапче? Можно е да добиете интригантни одговори. Кажете им за вашите идеи и постигнувања, како и за омилени книги.

Покажете им што прави и што зборува жена која размислува.

Автор: Лиза Блум



912

X