Како што ескалираат вестите за ситуацијата во Украина, така расте и загриженоста. За оние што се погодени од насилството, ситуацијата е незамислива, а оние што гледаат оддалеку имаат чувство на страв и беспомошност. Сѐ почесто се слушаат термини како бомбардирање, инвазија и Трета светска војна, а за децата, кои можеби не разбираат целосно што се случува, ваквите информации се крајно загрижувачки.
– Децата се како сунѓери, сè апсорбираат. Без разлика дали се тоа вести, видеа на „Тик-ток“, неврзан разговор со продавачка или родители кои разговараат на игралиште, многу од она што децата го слушаат е надвор од ваша контрола. А понекогаш и надворешните фактори (на пример, момче кое им кажува на сите во паркот дека започнува Третата светска војна и дека сите ќе умреме) може да предизвика повеќе чувства отколку само страв – објаснува наградуваниот психотерапевт Тања Тејлор за британски „Метро“.
Можно е малите деца да се посвесни што е војна отколку што можеме да замислиме.
– Многу деца слушале разговори на постари луѓе или биле во друштво на постари браќа кои играат видеоигри на тема војна или гледаат видеа на таа тема на Јутјуб. Така зборовите како бомбардирање и инвазија можеби и не се толку непознати за нашите деца – додава Тања.
Како да се пристапи кон темата?
Како родители и старатели, можеме да им дадеме на децата факти и да ги информираме. Но, таквиот пристап понекогаш може да ги совлада децата, смета Тања. Децата се многу спонтани. Ако сакаат да знаат нешто, ќе прашаат. Пред сѐ, треба да ја земете предвид сопствената состојба на умот во однос на тоа што се случува и колку информации сакате да му дадете на вашето дете.
„Ако и самите сте вознемирени околу актуелните настани, најдобро е да почекате кога ќе бидете посмирени за да зборувате за тоа. Или можеби можете да побарате некој друг (баба или учител) да разговара со вашето дете за тоа“, советува таа.
Психотерапевтот додава дека е добро да го започнете разговорот со прашање, на пример: Дали сте учеле за војни на училиште, а потоа да го слушнете одговорот на детето. „Тоа всушност ќе му даде шанса на вашето дете да зборува за нешто за кое можеби не сфаќа дека може да зборува. Ако вашето дете не е заинтересирано, ќе ви каже. Во тој случај, нема потреба да форсирате разговор. Но секогаш е добро да им дозволите на децата да ве запознаат, па ако имаат какви било прашања, можат да прашаат“, вели таа.
Како да му објасните нешто на детето, а да не го исплашите?
Не сакаме да ја нормализираме војната, но тоа е нешто што се случува во различни делови на светот во текот на животот на вашето дете, вели Тања.
„Иако вашето дете можеби сака да разговара со вас за луѓето директно погодени од војната, обидете се да го приспособите разговорот на неговата возраст“, истакнува Тања и препорачува активно да го слушате вашето дете. „Посветете му целосно внимание на детето за време на разговорот, игнорирајте ги одвлекувањата и слушајте ги неговите зборови. Слушајте што бара и не давајте му повеќе информации отколку што сака и бара. Па дури и ако не ги знаете одговорите на сите прашања, не плашете се да кажете дека не знаете.“

Како да се зборува за војна со деца од различни возрасни групи?
Ваквите вести можат да бидат застрашувачки за децата доколку не им се пристапи на вистински начин.
„Децата на возраст под седум години важно е да знаат дека се безбедни и дека она што се случува не е во нивната земја. Можете да им покажете на мапа или на Земјина топка каде е Украина. Препорачуваме да прочитате книга за општите грижи и како да се справите со нив“, советува младинскиот лидер и коосновач на „Спиритус“, Жаки О’Конел. Децата на возраст од 8 до 12 години се посвесни за светот околу нив. Тие учат за војна и конфликт во училиште и имаат однапред смислени претстави за што се работи. Останете позитивни со тоа што ќе разговарате со нив и ќе им поставувате прашања што ќе им помогнат да најдат решенија за нивните грижи.
– Децата се чувствителни на тоа како родителите реагираат на проблемите, што може да придонесе за анксиозност. Затоа, внимавајте како разговарате за ситуацијата во Украина и Русија со другите возрасни блиски до вашите деца – вели експертот за образование Кавин Вадар. Прашајте ги тинејџерите што знаат и кажете им дека сте тука за да разговарате.
„Мислам дека е важно да знаат дека сè што гледаат на социјалните мрежи не е точно и да научат да читаат од доверливи извори на вести на интернет“, додава Вадар.
Автор: Шиобан Смит