Здравје

Како да препознаете дистонија кај бебињата?

Синдромите на дистонија вклучуваат хипертонус – засилен тонус во мускулите на бебето, хипотонус – намален мускулен тонус кај бебето или флуктуирачки (променлив) тонус, малку хипо, малку хипертонус

Тонусот е мускулна напнатост која го одржува телото во просторот и мора да биде доволно висок за да ја одржи стабилноста на телото, т.е. да може да ја совлада гравитацијата, а воедно да биде доволно низок за да овозможи и да дозволи движење.
„Нормално е да немаме сите еднаков тонус. Тој се гради преку активност и е условен генски. Го сметаме за нормален ако детето може да совладува моторни активности за негова возраст“, објаснува Алма Ќуртовиќ од Специјалната болница за деца со невроразвојни и моторички пречки.

– Карактеристично за децата со хипотонус е тоа што се мирни бебиња, меки, малку се движат, тивко плачат, нозете ги држат во ’жабја‘ положба, одбиваат да бидат поставени на стомак, подоцна почнуваат да седат, сакаат статични играчки кои лесно ги задржуваат во нивната првобитна положба. Децата со хипертонус, пак, главно побрзо усвојуваат моторички активности – вели Алма Ќуртовиќ и додава дека родителите на децата со хипертонус често кажуваат дека бебето им е цврсто, дека тешко му ги свиткуваат рачињата и ножињата, има затворени дланки, се извива, главата ја зафрла наназад, ги вкрстува нозете или со прстите се оттурнува од подлогата, и иако е побрзо во активностите – потешко усвојува рамнотежни реакции, па често паѓа или продолжува да се подигнува на прсти.

Родителот мора да научи да „ракува со детето“ (baby handling)

Физијатарот редовно го контролира моторичкиот развој на детето и доколку е потребно, го вклучува детето во работна терапија, терапија на сензорни интеграции или дефектолошка работа. За родителите е многу важно да научат да „ракуваат со детето“ (handling). Физијатарот вели дека со „ракувањето“ прво се учат основните активности со бебето, како хранење, капење, преслекување, позиционирање. „Ракувањето“ се менува со возраста на детето. Родителот не смее да му биде терапевт на своето дете, туку родител.
Детето кое ќе влезе во процесот, под надзор е сè до моторичка зрелост и го отпуштаат од установата додека не се направи тимска обработка која подразбира преглед од логопед и од психолог.

– Некои деца успеваат порано да ја совладаат моторичката способност за својата возраст, а на некои им е потребно повеќе време за истите активности. Некои никогаш не достигнуваат одреден степен на квалитет. Опсегот за одредени моторички активности кај децата се разликува, на пример, ползењето се јавува на возраст од 7 до 10 месеци, некои деца проодуваат на 10 месеци, а некои на 16 или 18 месеци. И сето тоа се смета за нормално – вели физијатарката, порачувајќи дека најважна е улогата на родителите вистински да бидат родители, а терапевтот ги учи како правилно да се занимаваат со детето и да си играат. Терапевтот е личност која се образова за својата професија и не треба тој товар да им се наметнува на родителите. И тоа е единствениот клуч да не добиеме исфрустрирани и оптоварени семејства.

Што сè спаѓа во синдромот на дистонија?

Овој синдром вклучува хипертонус – засилен тонус во мускулите на бебето, хипотонус – намален мускулен тонус кај бебето или флуктуирачки (променлив) тонус, малку хипо, малку хипертонус.

Постојат повеќе фактори на ризик кои можат да се јават: пренатално, натално или постнатално. Некои од нив се генски, вирусни, неправилна положба на плодот, плацента или папочна врвца, недоносеност, ниска тежина при раѓањето, асфиксија, апнеа, хипербилирубинемија.

– Доколку бременоста е ризична, може да настане состојба (не болест!) што се нарекува синдром на дистонија. Често се среќава и како невроризично дете или церебрални нарушувања во движењето. Родителите често се загрижени од имињата СИНДРОМ, НЕВРОРИЗИЧНО НАРУШУВАЊЕ. Синдромот на дистонија се уочува во нарушувањето на мускулниот тонус, а со самото тоа и во доцнењето и квалитетот на усвојувањето на постуралните активности за возраста. Многу е важно на родителите да им се објасни дека тоа е термин кој ја опишува моменталната состојба, дека е променлива и дека во мнозинството случаи со терапија има добар исход, а тоа е нормален развој. Кај некои деца може да остане минимална церебрална дисфункција. Често таквото дете го нарекуваме невешто. Тоа се деца што често паѓаат, избегнуваат моторички активности, како што се возење велосипед, качување, возење ролерки, скокање. Повеќе се статични и бараат такви активности во кои не е потребно многу да се менува положбата. Најчесто сакаат пливање“, објаснува физијатарката Алма Ќуртовиќ.

Понекогаш педијатарот мора неколку пати да го прегледа бебето

Педијатарот Џована Армано објаснува дека некогаш се потребни неколку прегледи на бебето за да се утврди дали станува збор за синдромот на дистонија.

– Бебето не е секогаш расположено за преглед, понекогаш може да биде кенкаво и нерасположено и да не покаже сè што знае, па затоа треба да се прегледа неколку пати. Ако во просторијата е студено или ако бебето нагло го соблечат, може да биде постегнато од вообичаено – објаснува таа.

Откако педијатарот ќе го прегледа бебето, ќе собере податоци за породувањето и за бременоста, кои можат да укажат на нужноста од дополнително надгледување и повторно да инсистира на преглед на бебето, па ако е потребно да препорача одредени вежби за вежбање дома. Постојат пропишани вежби во зависност од возраста на бебето кои е добро да се спроведуваат и превентивно, а особено ако се уочи некое нарушување во психомоторниот развој.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top