Постојат родители кои многу тешко поднесуваат кога нивните возрасни деца поставуваат преголема дистанца од нив, кога многу ретко им се јавуваат или кога целосно ги прекинуваат контактите, не сфаќајќи ги причините што стојат зад тие одлуки.

Ако односот помеѓу родителите и нивното дете го ставиме во временска димензија, јасно е дека тој однос се менува со текот на времето. Како што се менува детето, како што расте или поминува низ различни фази од својот живот како возрасна личност, така би требало да се менува и родителскиот пристап. Јасно е дека не може на ист начин да му се пристапува на дете од претшколска возраст, на дете во основно образование, на дете на факултет и на возрасен човек, кој исто така се менува. Идеално е во сите овие фази да постои обострано разбирање, како и силна емоционална врска на роднинска љубов, која се шири и на внуците, кои исто така растат и се менуваат.

Изразот „возрасно дете“ е оксиморон, односно означува нешто неспоиво. Детето е личност која е во позиција на зависност од своите родители, бидејќи сè уште не е спремно за самостоен живот. Прифатено е дека секое лице до својата 18-та година е дете. Кога нечие дете ќе порасне, кога ќе стане самостојно и ќе ја прифати одговорноста за сопствениот живот, тогаш веќе не е дете, туку е нечиј возрасен син или возрасна ќерка.

Одрекување од родителите

Некогаш доаѓа до тоа да престане секој контакт помеѓу родителите и детето, без разлика дали тоа се случило по волја на возрасното дете или на родителите. Познато е дека некои родители се одрекуваат од своето возрасно дете кога ќе оценат дека целосно ги разочарало и засрамило. Повеќето родители не се одрекуваат од своето дете без разлика на она што тоа го направило и начинот на живот што го живее. Некогаш ниту оние родители што трпат значајно физичко и психичко насилство од својот потомок не помислуваат да се одречат од него.

Од друга страна, пак, постојат и возрасни деца кои прекинуваат секаков контакт со своите родители. Иако ова не е честа појава, постојат многу причини за тоа: некои се срамат од своите родители, некои сметаат – оправдано или неоправдано – дека во детството биле жртви на малтретирање од страна на своите родители, некои не гледаат друг начин за да останат самостојни и да се ослободат од родителската контрола итн.

Опасност од преголема љубов

Родителите многу тешко поднесуваат кога нивното возрасно дете поставува преголема дистанца, кога многу ретко се јавува или кога целосно го прекинува контактот. Родителската болка го зголемува неразбирањето на причините што стојат зад одлуката на возрасното дете.

Една категорија на овие родители се „родителите кои премногу сакаат“, на кои нивното возрасно дете им е смислата на животот и кои целата љубов ја прикажуваат со преголема грижа. Токму ова однесување кое родителот го гледа како голема љубов, возрасниот син или ќерка сосема поинаку го доживува. За мајката која 5 пати дневно ѝ се јавува на својата 30-годишна ќерка, тоа е „голема љубов“, но за ќерката тоа е големо оптоварување и доживување дека мајката се обидува целосно да ѝ го контролира животот. Тогаш ќерката протестира и се обидува да воспостави различен тип однос со својата мајка, но мајката не го прифаќа тоа и продолжува по свое. Кулминацијата на овој конфликт е кога ќерката сфаќа дека мајката нема да се промени и дека единствено решение е да остане своја и да го сочува интегритетот на својата личност и да прекине да контактира со мајката.

Колку и да е ваквиот потег на ќерката нужен или оправдан, емотивната цена што ја плаќаат двете страни е секогаш голема. На тој начин „преголемата љубов“ станува главната причина за прекин на односот и за обострано страдање.

Добриот родител сфаќа дека самостојното дете треба да оди по својот животен пат, да донесува свои одлуки, бидејќи детето е одговорно за својот живот и ќе живее со последиците од своите одлуки. Некогаш овој прекин на односот е „лекција“ за родителите кои треба да научат да го променат својот пристап, така што наместо вечно преиспитување и контрола, треба да прифатат дека нивното дете е веќе возрасно, да прифатат дека мора емотивно да се оддалечи од родителот и да воспостави други, цврсти емотивни врски со својот партнер, со своите деца… Често се случува по неколку години „пауза“, односот на родителите со возрасното дете повторно да се воспостави и да се продолжи на нови темели.

Синдром на отуѓување

Посебна приказна се оние родители кои по разводот емотивно го изгубиле детето затоа што другата страна – поранешниот сопружник и неговото пошироко семејство го „труеле“ односот помеѓу родителот и детето. Ваквото однесување стручно се нарекува „синдром на отуѓување“, односно алиенација и не е случајно што со закон е забрането. Не е случајно ни тоа што во некои земји, каде што ќе се утврди дека едниот родител го отуѓува детето од другиот, да го саботира или спречува гледањето на детето со другиот родител, старателството автоматски му се одзема на првиот и му се доделува на вториот родител.

Повторниот пат до односот со детето кое го прекинало односот почнува со преиспитување на своите родителски улоги.

Автор: Зоран Миливојевиќ

Извор



912

X