„Што направи со своето дете?“ се прашував себеси додека ја гледав мојата петгодишна ќерка Софија како ја влече и ја удира сестра си Ема. Како вонземјани да ја зеле или јас некаде многу сум погрешила во воспитувањето. Знам дека кај секое дете постои одредена количина агресивност, но многу е тешко да се признае дека тоа „лошо“ дете е баш ваше. Не е поентата во непрепознавањето на агресивноста, туку што да се прави со неа? Софија има три постари браќа кои секој ден се удираат, се тепаат и се борат. Еднаш ги прашав дали знаат за некој друг начин на искажување љубов. Само се насмеаја и рекоа: „Не, мамо, мислиме дека не постои“.

Меѓутоа, голема е разликата помеѓу таа игра со борење и она што го видов кај мојот мал „ангел“, од чии очи бликаа бес и агресија. Тој судир помеѓу моите девојчиња беше добра можност да се потсетам на некои од основните родителски вештини.

Прво, мораме да се запрашаме што го предизвикало таквото однесување на детето. Треба да утврдиме што се случило пред детето да реагира со агресија. Бидејќи бев сведок на инцидент помеѓу Ема и Софија, најстарата ќерка Сеј ми призна дека и таа ја удрила Ема, била лута зашто ѝ ги зела нејзините работи. Тогаш ми стана јасно! Ема беше тој таен агресор во двете ситуации, само внимаваше да не биде фатена. Другите две реагирале на нејзиното малтретирање со удирање и така се создале проблеми. Знаев дека морам нешто да преземам во врска со нивното агресивно однесување, но требаше да се реши и изворот на проблемите, Ема.

Второ, мораме да размислиме што е она што го покренува интензитетот на агресивноста кај нашите деца. Некои деца едноставно не можат да се контролираат кога се гладни или изморени. Можеби сака да завладее со некоја нова вештина, но е фрустрирано од сопствените ограничувања. Можеби имало премалку време за промена на активност, па затоа така реагира на лицата што го опкружуваат. На Софија ѝ требаше попладневен одмор за да може да го поднесе дополнителното малтретирање од сестра си. Кога ќе го откриете двигателот на агресивноста, тогаш може да реагирате пред да биде предоцна и можете да му помогнете на детето вториот пат да го контролира своето однесување.

Трето, обидете се да останете смирени. Велам, обидете се, затоа што знам колку е тешко да се остане прибран и како многу лесно реагираме, баш како деца. Меѓутоа, некој во сето тоа мора да биде возрасен. Останете смирени и помогнете им на децата наместо да создавате дополнителни фрустрации. Намалете го гласот и вашите упатства нека бидат кратки и јасни, на пример: „Гледам дека си лут. Спушти ја сега таа играчка“. Тоа не е момент да држите лекции, туку да му помогнете да се смири.

Четврто, препознајте како се чувствува детето, но поставете граници. Синот на мојата пријателка ја покажува агресивноста така што ги гризе децата во градинка. Она што таа треба да го направи е јасно да му каже: „Знам дека ти ја зедоа играчката, но не смееш да гризеш“.

Петто, секогаш повторувајте им на децата: „Користи зборови!“

Откако Софија ја удри Ема, се обидовме таа сцена да ја одиграме уште неколку пати. Во нашето семејство владее правило дека ако некој ти каже: „Те молам престани (да ме скокоткаш, нервираш, земаш работи…), тогаш мораш да престанеш или ќе се соочиш со реакцијата на мама или тато. Тоа правило на децата им дава одредена моќ и контрола над личното опкружување и ги поттикнува да комуницираат со зборови.

Шесто, издвојте го детето не за да го казните, туку за да му дадете можност да се смири. Еднаш кога играта помеѓу нашите двајца постари синови стана прегруба, затекнав еден од нив како седи на скалите во ходникот. Го прашав што се случува, а тој ми рече: „Сега сум многу лут и треба да бидам малку сам за да можам повторно да играм со него“. Бев задоволна што се издвоил за да се смири. Тоа е и целта со нашите помлади агресивни деца, да ја препознаат својата лутина и да научат да ја контролираат.

На крај, немојте да дозволите децата да манипулираат со вас преку нивното агресивно однесување. Баш пред некој ден видов мајка која на својот син му рече: „Не“. Тој се налути, заплака и ја удри, отиде, па се врати и уште еднаш ја удри. По неколку минути мајка му налутено му рече: „Молам? Толку си безобразен“. Освен што беше по негово, научи и дека „не“ не мора да значи „не“ ако доволно долго си безобразен.

Направете граници, држете се до нив и издвојте го детето ако е потребно. Одредена доза агресивност постои кај секое дете, а на виделина излегува во многу непријатни моменти. Еднаш имавме семинар за воспитување деца, а нашите деца седеа во првиот ред и се тепаа. Ако и вам ви се случи нешто вакво, добре дојдовте во клубот на родители. Меѓутоа, исто така, треба да знаете дека тие од вас ќе учат за самоконтрола и токму од вас очекуваат да ги преземете првите чекори, можеби токму тогаш кога ви е најтешко.

Автор: Џејн Кјудон



912

X