За родителите што работат во приватни фирми, но и за претприемачите, работно време не постои или ретко се завршува по излегувањето од работното место. Во големите градови до работа и од работа се патува сè подолго, па децата добиваат сè помалку внимание помеѓу испраќањето е-пораки и телефонскиот разговор со колегите, подготвувањето на денешната вечера и утрешниот ручек, пеглањето облека, туширањето на помалото дете и пишувањето на домашната задача. Викендот е посебна приказна бидејќи на многумина им служи за да го завршат она што преку работната недела не успеале.

А каде се тука децата?

Децата се тука и ги чекаат своите пет минути, својот половина час или половина ден со родителите. Некои добиваат помалку, некои повеќе време, сеедно колку, ако родителите не се целосно фокусирани на нив бидејќи поентата е во квалитетот, а не во квантитетот. Поважно е родителот да биде 100 отсто концентриран на детето, со чисти мисли и изолиран од сите надворешни влијанија, отколку детето да добива поделено и делумно внимание. Ниеден родител не може по цел ден да биде 100 отсто посветен на детето, па затоа би требало да биде 100 отсто фокусиран на детето во одреден временски интервал.

Тоа значи дека мислите треба да ви бидат ослободени од сè што не се однесува на вашето дете. Само вие, вашата празна глава и вашето дете на кое сте фокусирани 100 отсто. Меѓутоа, тоа не е лесно да се изведе, па „чистењето“ на мислите и фокусирањето на вас двајца и она што сакате да го споделите во времето резервирано за вас мора да се вежба. За почеток, треба да се изолирате и да го гледате детето в очи и ако не разговарате за ништо посебно, сепак, да се трудите од главата да ја исфрлите секоја споредна мисла.

Тоа време не мора да биде резервирано само за разговори. Играјте си, гответе заедно, гледајте филм, читајте книги… Ако бидете тука не само физички, туку и ментално, детето со текот на времето ќе престане да се бори за вашето внимание, па повеќе ќе ги цени вашите заеднички моменти. Ќе стане поодговорно бидејќи ќе знае дека мајката и таткото, ако не мораат да собираат валкана облека по нивната соба или да му помагаат околу домашните задачи, ќе можат да издвојат повеќе време за него. Тоа време тогаш нема да премине во критикување, туку ќе се потроши за разговори, дружење, галење, а од тоа нема ништо поубаво и поскапоцено.

И уште нешто…

Прво, ова е однос 1:1, еден родител – едно дете, никако и мајка и татко и никако повеќе деца.
Второ, по ова ваше посебно време детето треба да научи дека не смее да бара да ги оставите другите обврски и повторно да му се посветите.

Извор



912

X