Животот е полн со мали разочарувања, па клучно е децата да научат да се справат со проблемите уште на рана возраст. Експертите издвојуваат како да реагирате за да му помогнете, но и што не треба да му зборувате во моментите кога се чувствува разочарано.

Без оглед дали станува збор за дождот што го уништи одењето во паркот или тоа што повеќе нема чоколаден сладолед, животот е полн со мали разочарувања. Колку и да сакате да го спасите детето од разочарување, тоа е невозможно, но и тоа е добра работа. Кога детето уште од мало ќе научи да се справува со одредена ситуација што носи разочарување, подоцна кога ќе порасне многу полесно ќе се соочува со вакви работи.

– Доколку се поставите како штит против разочарувањето, спречувате развој на некои многу важни способности – истакнува Роберт Брукс, психолог од Медицинската школа при Универзитетот „Харвард“ и автор на многу книги.

Секако, тоа не значи дека не треба да му подадете рака. Доколку го научите дека може да побара поддршка, да се потпира на другите, да комуницира убаво и да остане оптимист, полесно ќе се соочите со овие работи што ги носи животот.

Постојат неколку начини да му помогнете на детето да се избори со разочарувањето, одобрени од експертите.

Реакција: Мал проблем доведува до големи изливи на бес и лутина

Вашето дете ќе почне да плаче доколку го нема неговиот омилен сок? Или ќе се фрли на подот ако друго дете му ја земе играчката?

– Научете што може, а што не може да промени детето. Не може да сфати дека проблемот е надвор од ваша контрола, ниту дека нападот на бес нема да му го даде она што го сака. Покажете разбирање, потврдете ги неговите чувства: – Разбирам дека си вознемирен, а потоа разговарајте за ефикасни решенија.

– Изложете го детето на различни активности, сè додека не избере што го интересира, и гледајте како го совладува тоа. Ако детето се насочи кон нешто што навистина го сака и во што е добро, тоа веднаш ќе му го зајакне егото. Шаблонот ќе се промени од „Кутриот јас, не ми оди ништо“ во „Во ред, ќе биде подобро наредниот пат“.

– Не казнувајте го детето поради негативните реакции на разочарување, особено кога плаче. Иако е тешко, сетете се како ви било вам кога требало да се исплачете за нешто.

Реакција: Детето се црвенее поради разочарување

Нема повеќе напади на бес, така што сте на добар пат.

– Дајте му на детето избор кога ќе се случи неочекуваното. Д-р Брукс посочува дека децата се вознемируваат затоа што им се чини дека ја губат контролата врз животот кога нешто не оди онака како што тие сакаат. Давањето можност тие да донесат одлука ќе ги охрабри. Ако не можете да одите во продавницата за играчки сега, замолете ги да изберат дали да одат утре наутро или навечер или која играчка би сакале да ја добијат кога ќе одите.

– Најдете начин вашето дете да им помогне на другите. Можете заедно да волонтирате или да ви помогне кога ќе готвите, дури и ако тоа предизвика хаос. На овој начин своите проблеми ќе ги стави во поинаква перспектива, а ќе се чувствува како да направило нешто позитивно.

Научете го детето да биде потолерантно

Не мора да има виновник за секој неуспех. Иако експертите веруваат дека децата можат да се родат со поголема способност да се соочат со проблемите, тие исто така ја истакнуваат важноста на родителите во целата приказна. Дајте му на детето поддршка и помогнете му да ги зајакне своите способности.

– Покажете емпатија. На пример, ако средбата со пријателите е откажана, речете му дека го разбирате затоа што исто сте се чувствувале кога вашите пријатели ви откажале. Тие ќе сфатат дека е совршено добро да се чувствуваат лошо кога ќе се разочараат.

– Поврзете го детето со други луѓе. Не мора секогаш да бидете таму во тешки моменти како родител, понекогаш е добро и други луѓе да бидат до него. Искористете го разочарувањето како лекција. Потсетете го детето дека и вие поминавте низ многу проблеми во животот и кажете му дека секогаш има решение, но и причина да се смеете и да научите заедно.

Што не треба да му кажете на детето кога ќе се разочара

Јасно е дека му го посакувате најдоброто на детето. Сепак, кога ќе плаче или ќе добие напад на бес, често изговараме некои реченици што не треба да ги кажеме:

Се однесуваш како бебе – наместо ова, подобро речете му дека е нормално да се изнервира, но и дека со текот на времето полесно ќе ги прифати овие разочарувања. Покажете дека го разбирате.

Ајде да го направиме ова наместо тоа – подобро прашајте го детето што би направило наместо тоа што не може. Важно е самото да најде решение – ќе се чувствува подобро, но и ќе разбере дека знае да контролира лоша ситуација.

Тоа е глупост – не, тоа не е мала работа за вашето дете. Немојте да му покажувате дека работите што нему му се важни, вам не ви се. Знам дека е тешко, те разбирам, не сум поминал низ истото на училиште, но се чини дека е тешко, се реченици што може да се подобра опција.

Автор: Меган Ребит

Извор



912

X