Како да ги зачувате нервите? Поради големите промени во енергијата и бурните реакции, бунтовниците ги доведуваат луѓето до граница на издржливост, како емоционална така и енергетска, но тоа е така бидејќи врз нив „не влијае“ ниту еден конвенционален пристап на воспитување и комуникација.

Детето-бунтовник е специфично со самото тоа што е забележително, лесно паѓа в очи бидејќи се истакнува и е различно од другите. Проблемот настанува кога сите сакаат да „го доведат во ред“, и дома и на училиште. Но, тоа не е возможно додека се прави на стандардниот начин – со закани, казни, молби, критики, ветувања и слично.

Она што родителите најтешко го прифаќаат е фактот дека тоа е само дел од неговиот карактер. Проблем е и што мислат дека детето постојано покажува отпор, се инаети, а тоа всушност се обидува да остане автентично и да биде свое во околина која постојано сака да го „поправи“ и така му дава до знаење дека не е прифатено. Колку е поголем притисокот на средината, толку е поголем и отпорот на детето.

Ако се земе предвид дека се работи за личност која реагира и е често под интензивен емоционален притисок, на тоа дете му е потребна помош од родителите. Така, треба да научи да го поврзува своето однесување и реакциите со начинот на кој се чувствува, а потоа да научи и како да управува со своите емоционални состојби на прифатлив начин. Со текот на времето треба да стане одговорно за своите емоции. Ако ова не се случи во текот на растењето, тогаш тоа дете, како возрасен, секогаш ќе ја бара вината кај другите лица. Прво што може да помогне во такви случаи е следното:

1. Детето не ја донело само одлуката да има доминантен развој на тој дел од неговиот карактер, туку такво е родено.
2. Не можете овие деца да ги промените, „поправите“, негирате и слично, ниту пак да очекувате дека со текот на времето ќе се промени.
3. Детето има право да биде такво какво што е.
4. Родителите треба да најдат начин да му бидат поддршка, неговите реакции и однесување да се насочуваат на начин кој за него е најсоодветен. Исто така, може да ви биде од корист и детално да се запознаете со карактеристиките на „бунтовник“, бидејќи кога нешто го разбирате, тогаш можете и да го подобрите.

На крај, треба да откриете кој пристап дава резултати со овој тип дете и така да му олесните и нему, а и да си го олесните вашето секојдневие.

Автор: Драгана Алексиќ, семеен тренер



912

X