Воспитување

Како да излезете на крај со тврдоглаво дете?

Животот на родителите што имаат тврдоглаво дете може да биде предизвик: од миење заби до хранење или спиење, сè изгледа како битка во која обично нема победник.

Иако можеби станува збор за моментална фаза на развој или за карактеристика со која ќе треба да научите да се справувате, добро е да се запамети дека децата што покажуваат силна волја и ги тестираат вашите граници од мали нозе, всушност, имаат светла иднина – тврдоглавите деца имаат поголеми шанси да станат успешни и да постигнат академски резултати, се вели во студијата објавена во списанието „Американ сајколоџиак асосиејшн“.

Родителите на тврдоглави деца се соочуваат со уникатни предизвици кога станува збор за дисциплината. Едноставните барања или казни се претвораат во борби за моќ каде што ништо не им помага на децата да го променат своето однесување. Во овие моменти родителите може да почувствуваат дека нивното дете едноставно не може да се казни, што доведува до фрустрација. Но, кога станува збор за дисциплина – системот што родителите го користат за да му ги пренесат основните вредности на своето дете – казнувањето не е главната цел.

– Ако имате тврдоглаво дете кое не слуша, кое не ги сака границите или кое се однесува воинствено поради нив, признајте си дека немате контрола врз неговата личност, но имате контрола врз она што го учи – вели Џејми Марфи, автор на неколку книги за воспитување деца и основач на здружението „Проактивно родителство“ кое им помага на родителите.

Накратко, не можете да го промените вашето дете, но можете да направите одредени приспособувања за детето да има можност да научи кое е и да биде најдобрата верзија од себе во рамките на границите што ќе ги поставите.

Како да поставите такви граници?

– Одредете граница која не смее да се премине, без оглед на емоциите. Кога вашето дете има тантрум или е луто, вика или се однесува агресивно, покажете му до каде е границата. Бидете возрасен и преземете ја контролата врз акцијата во ситуацијата – вели Џејми и додава дека на вашето дете можете да му кажете нешто како: „Гледам дека си навистина лут. Колку е голема твојата лутина на скала од 1 до 10? Што можеш да направиш за да се чувствувате подобро? Сакаш да прошеташ? Дали сакаш да зборуваме за тоа?

Со таков пристап, вие го зајакнувате детето и му дозволувате да се чувствува слушнато. Колку повеќе детето се чувствува слушнато, толку повеќе детето ќе се труди да слуша.

Следниот чекор е да се постават јасни правила.

– Како семејство, треба да седнете заедно во некое нормално време (не за време или по конфликт) и да ги поставите правилата – вели Џејми и објаснува дека тоа мора да бидат три едноставни правила кои се еден вид насоки за однесувањето што може да се примени на сè: пријателства, училиште, домаќинство, однесување во јавност. Тие три правила се: безбедност, љубезност и почит. Дајте му до знаење на детето дека ако однесувањето не е безбедно, љубезно и почитувано – тогаш не е соодветно.

Постои и предупредување: за овие правила да бидат ефективни алатки за учење, мора и да ги применувате.

Не однесувајте се агресивно по нивното агресивно однесување – вие не сте непријател на вашето дете

Ако детето вели: „Не те слушам“ или „Те мразам“, а вие веднаш реагирате нагло – се ставате во борба за моќ. Не реагирајте, не викајте. Не дејствувајте агресивно на нивното агресивно однесување. Тоа создава непријатели во конфликтот, а вие не сте му непријател на вашето дете.

– Како возрасен човек кој научил сè за безбедноста, добрината и почитта, ваша одговорност е да ги уверите децата и да им кажете дека сте тука за нив, дека ги слушате и дека ништо не го менува фактот дека сте нивни родители – вели Џејми Марфи и додава дека не можеме да очекуваме децата да се контролираат себеси ако ние родителите, кои сме авторитет, не можеме да се контролираме.

Клучот за успехот во тие моменти е да го третирате детето како индивидуа која ја развива сопствената личност врз која вие влијаете, но не ја контролирате.

– Не се работи за присилување на детето да го изеде зеленчукот, да ги дели играчките или да ја напише домашната задача. Работата е да ги научите децата дека заслужуваат да бидат најдобрата верзија од себеси и дека можат да изберат да го изедат зеленчукот, да ја делат играчката или да ја напишат домашната задача, бидејќи тоа им овозможува да бидат најдобрата верзија од себеси – објаснува Џејми и ги потсетува родителите да запомнат која е нивната работа: да го воспитуваат, учат и поттикнуваат детето да се развие во добра личност способна да живее добар живот.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top