Воспитување

Да ги научиме децата како да мислат, а не што да мислат

Можеме да се согласиме дека целта на секој родител (барем така би требало да биде) е да го одгледа и да го воспита детето на најдобар можен начин. Од дамнина постојат некои универзални ставови за тоа што претставува добро воспитано дете, но дали тоа може да биде прифатливо во современиот свет?

Дефинитивно постои голема промена во родителството помеѓу нашата генерација и онаа претходно. Поминавме долг пат од моментот кога нашиот татко влегуваше дома и ние скокнувавме од неговиот стол или кога родителите ни велеа да се вратиме дома пред да се стемни. Во последните неколку децении стандардите за „добро родителство“ претрпеа длабоки промени и отидовме далеку од онаа стара изрека „да ги учиме да бидат чесни, добри и одговорни“.

Родителите сега се борат да пронајдат свој единствен начин на родителство. Многумина од нив денес се пообразовани од претходните генерации, но тоа понекогаш може да доведе до преголемо оптоварување со информации – не само за тоа како децата треба правилно да растат и да се развиваат физички, туку и како треба да израснат во едно општествено, емоционално и интелектуално битие.

Денес е голем предизвик да се биде „добар“ родител.

Влијанието на интернетот и социјалните медиуми

Интернетот и социјалните медиуми нè поврзаа, но истовремено и нè разделија, на начин кој е неразбирлив за претходните генерации. Затоа во денешното општество е невозможно спонтано да се одгледува дете. Постојано нè бомбардираат конфликтните совети за различни пристапи при воспитувањето на децата – и во најголем број случаи останува на самиот родител да процени и да го примени она што го смета за правилно.

Оваа пристапност до информации го трансформира родителството. Сега повеќето семејства имаат пристап до интернет, а светот стана „мало село“ и се отворија мноштво комуникациски канали, менувајќи го начинот на кој ги консумираме вестите. Благодарение на ова, децата се просветлени и со самото тоа повеќе испитуваат, што е добра работа. Меѓутоа, интернетот е меч со две острици, со својата темна страна од која демнат многу негативни работи.

Имајќи го тоа предвид, денешните родители мора да бидат внимателни, мора да вложуваат повеќе напор во родителството за детето да не се вовлече во тој темен свет и да не потпадне под влијание на негативни работи. Нашите деца денес се соочуваат со многу притисоци со кои ние како родители никогаш не сме морале да се соочуваме во детството. Тоа значи дека дефинитивно мораме да ја промениме својата родителска техника за да ја приспособиме на денешното општество и неговите притисоци.

Отсуство на страхопочит

Се сеќавате како се плашевме од својот татко (или мајка) и како бевме строго послушни? Страхопочитта кон родителите (и воопшто постарите) се подразбираше, а денес многу често ситуацијата е обратна. Денес родителите многу често се плашат од своите деца, во смисла дека нема да ги задоволат сите нивни потреби и желби, дека нема да направат нешто што нивното дете ќе го поздрави – па затоа често навлегуваат во бесконечен круг на угодување и привилегии.
Строгата послушност беше вообичаена кај претходните генерации родители, а сега на неа се гледа како на застарена метода и потенцијално опасна. Тоа направи децата да бидат помалку врзани за возрасните и под нивно влијание, а затоа влијанието на врсниците стана многу поважно.

Типови современи родители

Модерното општество толку многу става акцент на продуктивноста и активноста, што тоа доведе до појава на два вида слични стилови на родителство:

– „хеликоптер“ или родител кој поминува многу време лебдејќи над своите деца, секогаш останува блиску до нив, спремен е да ги насочи, да им помогне или да ги заштити;
– „косилка“ или родител кој чекори пред своите деца, со цел да им го трасира патот и да се погрижи ако нешто им се најде на патот.

Ниту еден од овие два пристапа не е сосема соодветен и можете да забележите дека многу се разликува од оној „старински“ начин на одгледување деца. Преголемата заштитеност на децата мора да има своја граница – поентата е во рамнотежата. Детето никако не смее да биде препуштено само на себе, родителот треба да се занимава со своето дете – но не до таа мера целосно да ги преземе сите негови улоги и активности. На тој начин само го спречува развојот на неговата личност.

Зошто е важно образованието?

Образованието е клуч на сето она што е добро во нашиот свет денес. Напредокот во информатичката технологија, математиката, медицината, психологијата, инженерството и секоја друга дисциплина би бил невозможен ако образованието не ни помогне да ги надградуваме постигнувањата на големите умови што постоеле пред нас.

Всушност, како општество, од суштинско значење е да учиме нови работи. Образованието не е само минато и сегашност, туку е и клуч за иднината. Тоа ни помага да ги дисциплинираме нашите деца заради интелектуалните предизвици што ни ги наметнува овој 21 век. И не само нашите деца да учат неопходни и корисни факти, туку образованието ги учи и како да мислат и да учат самостојно.

„Треба да ги научиме децата како да мислат, а не што да мислат“.

Меѓутоа, денес кога сме сведоци на тоа дека високообразованите луѓе се невидливи и дека акцентот е на луѓето со „сомнителен морал“ и без дефинирана професија, а камоли образование – како на детето да му се покаже модел за тоа да го цени образованието и да учи? Како со пример од животот да му се покаже дека образованието денес се цени и дека ќе му донесе многу погодности – покрај тоа што ќе има богато знаење и вештини? Ова поле го оставам отворено, бидејќи ниту јас немам одговор.

Поентата е во рамнотежата

Додека живееме во постојано променливо опкружување, целта на родителите е да создадат простор за љубов каде што детето секогаш ќе може да се врати кога животот ќе му стане премногу тежок и хаотичен. Размислете за малите начини на кој секој ден можете да се поврзете со своето дете за да му создадете долготрајни сеќавања. Детето повеќе ќе ве памети вас, вашето присуство или отсуство, вашето однесување и емоции, гестови, награди и забрани.

Односите се клучни, па затоа бидете промислени за негувањето ефикасен однос со своето дете, така што ќе бидете, пред сè, физички присутни. Како да се чини дека поради современиот начин на живот, физичката присутност на родителите е доста намалена – ова е прв и најголем предизвик со кој  се среќаваат модерните родители.

Обезбедете му на вашето дете можности за да се поврзе со другите деца, но и со возрасните, кои може да го научат животни вештини, но вашето присуство и вашите сугестии се незаменливи и пресудни.

Автор: Тамара Николиќ, биолог и мастер проф. биологија

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top