Го преживеав Божиќ десет пати без мојата ќерка. Едвај се сеќавам на првиот Божиќ откако почина. Таа почина само 2 месеци пред празникот и јас сѐ уште се обидував да ставам една нога пред друга во тоа време. Станувањето од кревет беше единственото на кое се сеќавам како оддавање почит кон Божиќ. На втората година откако ја изгубивме се сеќавам малку повеќе, но како и на секој ден оттогаш. Тогаш можев да правам нормални работи, како туширање и оброци за моето семејство (имам уште 4 други деца), но сигурно не ги славевме празниците како пред загубата.

Всушност, сега е помината една деценија откако ја загубивме, а нашите празнични прослави не се како порано. Сепак, празниците станаа малку полесни. Најдов начин за повторно да се радувам на Божиќ, како и да создавам спомени и да ѝ оддадам почит на ќерка ми со тоа што ќе продолжам понатаму – и покрај горчливото чувство кое секогаш е присутно. Еве што ми помага. Можеби ќе ви помогне и вам:

Бидете си најдобар пријател на себеси

Се сеќавам додека тагував, мојот терапевт ми рече дека тагата е изолирачка, па морав да се третирам себеси како што би се однесувала кон најдобар пријател ако помине низ истото искуство. Тој совет ми помогна. Дали би му рекла на најдобар пријател да се справи со секој детал на Божиќ, без разлика колку е тоа болно за него? Дали би очекувала да купува подароци за друго девојче откако го изгубил своето? Се разбира дека не – и вие не би требало да го правите тоа.

Опкружете се со луѓе што ви даваат поддршка

За нас, празниците значат големи прослави со семејството и пријателите кои не ги гледаме многу често. Откако ја изгубивме ќерката, овие собири може да подразбираат низа прашања и коментари кои може да ме онерасположат. Па затоа, научив да ги избегнувам големите настани и да се задржам на малите и да ги поминувам со луѓе кои се чувствителни на нашата ситуација.

Идентификувајте ги поттикнувачите и обидете се да ги избегнувате

Дали ќе има новороденче на собирот кај вашата тетка кое можеби ќе ви предизвика емоции? Дали најлошиот период од денот е времето кога треба да одите во црква со целото семејство? Дел од наоѓањето начин за издржување во текот на празниците е и учењето што ви ги поттикнува емоциите и пронаоѓањето начини за нивно избегнување, сѐ додека вашето срце малку не зајакне. Некој ден ќе можете да ги издржите овие емоционални ситуации, но сега треба да го направите она што е најдобро за вас.

Правете го само она што можете

Не е важно што мисли вашиот втор братучед – дали треба да учествувате во размената на подароци или пробувањето на десертот подготвен од свекрвата. Треба да се грижите за себе во тие моменти. Самото станување од кревет и миењето заби може да е единственото што можете да го направите, и тоа е во ред за вас и за оние што се грижат за вас.

Чествувајте го споменот на детето што сте го изгубиле

Дел од креирањето нормално секојдневие по губитокот е наоѓањето начин за справување со спомените поврзани со вашето дете, без разлика дали тоа ќе подразбира некој украс за оддавање почит на детето секоја година, или ќе наполните пакетчиња за донирање, или ќе оставите дополнително место на масата за него. Овие дела ќе направат празниците да немате чувство дека се оддалечувате од споменот на детето и да го носите споменот секаде со вас.

Без разлика низ што поминувате за време на празниците, се надевам дека ќе ви биде сѐ полесно како што поминува времето. Се надевам дека го чувствувате детето блиску кога ви е најпотребно.

Се надевам дека овој пат ќе стане полесен за вас, сѐ додека не почнете почесто да се смеете, а поретко да плачете.

Најтопли празнични желби од една мајка што изгубила до друга.

Автор: Џесика Ватсон

Извор



912

X