Без разлика дали се работи за ран спонтан абортус или за подоцнежно губење дете, доволно е тешко да се справувате со неочекувана траума и без да добивате непосакувани коментари, пораки и добри желби од пријатели и семејството кои не знаат да ги поддржуваат оние што тагуваат и жалат. Додека некои родители влечат сила од пораки за духовно закрепнување и токсична позитивност, некогаш тие пораки се на штета на двојката која се соочила со ваква загуба. Така тврди Самала Кридеман, која работи како дула.

– Кога се работи за рана загуба, двојката често ќе слуша дека може да се обиде повторно да зачне. Некои може да им велат на родителите да се фокусираат и да бидат благодарни за децата што веќе ги имаат. Или дека детето сега е на подобро место – вели Кридеман.

Таа објаснува дека ваквите коментари ја деградираат болката на лицето што страда, често предизвикувајќи да молчи и да тагува во себе и тивко, односно да не ја процесира болката.

– Пријателите и семејството често претпоставуваат дека ако родителите продолжат да зборуваат за детето што го изгубиле, нема да можат да продолжат понатаму. Но, тоа не е така. Мораме да си дозволиме време за тагување, жалење и отворено зборување за личноста што сме ја изгубиле.

Кридеман додава дека ако на родителите не им е понуден безбеден простор за да зборуваат за својата загуба, тие ќе ја интернализираат тагата, што може да биде многу штетно. „Родителите кои се соочуваат со такво нешто се во реалноста дека малото човече на кое се радувале сега веќе го нема. Не можат никако да го заменат, дури и ако имаат и друго бебе потоа… тоа никогаш нема да го замени детето што го изгубиле.“

Па, како пријателите и семејството да понудат корисна поддршка во тие тешки моменти?

Семејството и пријателите треба да бидат присутни (тивко). „Жалам за вашата загуба“, може да е единствената афирмација на страдањето која му е потребна на родителот. Кога се сомневате, прашајте ги што им е потребно во моментот. Кридеман додава дека ако бебето што починало имало име, користете го името кога зборувате со родителите. „Кажувањето на името наглас значи дека го валидизирате нивното бебе како личност. Им давате на родителите право да се чувствуваат на начинот на кој се чувствуваат, што често е она што им е потребно.“ Таа вели дека поддржувачите не треба да ги имаат сите одговори или да чувствуваат дека треба да ги водат оние што се во жалост. „Само треба да понудите безбеден простор за родителите да го изразат она што им е потребно да го изразат.“

Споделување незамислива траума

Социјалните медиуми се преплавени со информации за спонтани абортуси, доенечка смртност и мртвородени деца. „Се создава свесност за ваквите процеси, за мајките и татковците што поминуваат низ овие тешки искуства“; вели Кридеман. „Тоа е можност за семејствата што ги изгубиле своите деца да им оддадат почит и да сфатат дека не се сами и дека има заедница која ги поддржува“ заклучува таа.

Како може да помогне дула за поддршка?

Кридеман е и квалифициран социјален работник, па е обучена да им дава поддршка на семејства што искусиле загуба. Таквите работнички ја обезбедуваат истата физичка поддршка што дула за породување ја дава, но нудат и дополнителна емоционална поддршка за ваквите двојки. Ги водат жените низ процесот, помагајќи им во секој чекор. Ако има претходно сознание дека детето нема да преживее, дулата им помага во справувањето со таа реалност. Некои од одлуките што родителите треба да ги донесат се: Дали ќе сакаат да го видат своето дете откако ќе се роди, дали ќе сакаат да го земат в прегратка, дали ќе сакаат да направат фотографии, дали ќе сакаат да има некаква религиозна церемонија.

Треба да размислат и за начинот на погребување на детето. „Кога веќе сте во траума или шок, многу е тешко да донесете вакви одлуки сами. Затоа ние им помагаме на родителите во тој процес за да се осигуриме дека ќе го направат она што навистина им е потребно во однос на начинот на збогување со своето дете“, вели Кридеман.

Таа додава дека среќавањето со бебето дури и во такви трагични околности, сепак, може да понуди моменти вредни за паметење дури и ако се толку тажни. „Нашата работа е да се обидеме да ја минимизираме траумата.“ Кридеман верува дека ваквите можности помагаат во процесот на заздравување. Колку повеќе се валидизира тагата и се работи на справување со тешкото искуство, толку побрзо ќе се справат и со страдањето, а на родителите во тие моменти им е потребен секој вид помош што може да ја добијат.

Автор: Саманта Хербст

Извор



912

X