Во време на прогласувањето вонредна состојба на ниво на држава доаѓа до големи промени во нашиот секојдневен живот. Навистина е голем шок кога сте во ситуација одеднаш да морате да почнете сè да правите поинаку од она на кое сте навикнати. По првобитниот шок, сите на некој начин навлегле во една преоптовареност во смисла на секојдневните обврски и организација на денот во новонастанатата ситуација.

Сите се наоѓаме во период на адаптација на новонастанатата ситуација: и вие како родители и децата, а ние како вработени кои својата работа продолжуваат да ја работат од дома. Овој период ќе трае извесно време и треба да се најдат начини за да се направи таканаречен вонреден животен ритам. Колку сме посинхронизирани во уредувањето на својот дневен ритам, толку животот побрзо ќе ни се „нормализира“ во вонредните околности. Ќе ви дадам неколку совети од моето искуство бидејќи и за мене ова е целосно нова ситуација во животната улога на мајка.

Моментално, веројатно како и сите, моето семејство функционира во многубројни приватни и работни вибер-групи и други социјални мрежи и едукативни платформи, со грижа за мојата ќерка, која не е во градинка, но и за постарите, за кои обезбедуваме неопходни намирници од продавница. Приватните и работните обврски целосно се измешаа и се преклопија.

Одржете ја рутината

Обидете се да ги организирате дневните активности да бидат што послични на вашата вообичаена рутина, а тоа првенствено значи – будење во слично време, приближно како и во работен ден. Во викенд можете малку да го поместите будењето. Навечер одењето на спиење нека биде во слично и приближно време, исто така.

Испланирајте го „работниот ден“

Ако сте во можност, обезбедете секој да ги извршува своите работни обврски во свој простор, а детето во својата соба на својот компјутер. Однапред договорете кога ќе направите паузи, не подолги од 20 минути, кои може да ги користите за да се опуштите, да јадете, да испиете кафе, да прочитате вести, да контактирате преку социјалните мрежи со своите пријатели или да размените информации за тоа кој што направил во меѓувреме. Пред крајот на „работниот ден“ проверете дали децата завршиле со своите училишни обврски и дали треба нешто да им се разјасни, помогне, да се побара помош од учителот, наставникот, пријателите и слично. Завршете со обврските до одредено време во текот на денот (на пример, околу 4,5 часа).

Заеднички активности

По сите овие активности времето поминете го во следење на некоја релаксирачка содржина, вежбање (следете некој туторијал на компјутер), готвење, набавка, заеднички активности со децата (друштвени игри), читање итн.

Не информирајте се премногу

Избегнувајте во текот на целиот ден да ги следите вестите и информациите врзани исклучиво за актуелната епидемиолошка ситуација. На овој начин сите ги „плашите“ со овие информации и можете да дојдете во ситуација да бидете преплавени со страв, грижа, паника, што може многу негативно да влијае врз вашето расположение, а може да се јават и главоболки, несоница, напади на паника, чувство на исцрпеност и замор, депресија. Информирањето ограничете го на двапати дневно, чисто за да бидете во тек со тоа што е актуелно и важно за да ги преземете мерките со кои нема да бидете изложени на ризик. Многу е важно во оваа ситуација да се грижите за себе на вистинскиот начин, а најважно е да се биде свесен дека стравот, зголемената внимателност, грижа, тага – се сосема нормални реакции на новонастанатата ситуација. Затоа зборувајте за тоа со пријателите, домашните, семејството.

Децата ве гледаат!

Како и во секоја животна ситуација, ние сме им пример на нашите деца и нивна сигурност. Се грижиме за нивната благосостојба и чувството на сигурност во вакви вонредни околности. Потребно е ние, возрасните, да се однесуваме функционално кон новонастанатите околности и да им помогнеме во сето тоа да се снајдат, па така и тие полесно ќе се адаптираат на оваа ситуација, која има ограничено траење, но ќе трае подолг временски период.

Автор: Данијела Андрејиќ-Миќовиќ, училиштен психолог



912

X