Да се спие заедно со детето: за или против? Има многу „против“. За тоа зборуваат и педијатри, и педагози, и психолози. (Иако постојат и други педијатри, педагози и психолози што наведуваат аргументи „за“)

Бессоните ноќи се болна тема за многу мајки. Кога моето прво дете имаше половина година, јас можев да спијам на клупа во паркот со торба под главата додека тоа – за моја среќа – спиеше во количката…
Значи и јас имав период на бессони ноќи. Помагаше помиреноста со ситуацијата и сознанието дека тоа ќе помине.

– Мамо, кога ќе почне да спие? – ја прашував мајка ми во очај. Бев на гости кај родителите, а петмесечниот син ме разбуди по четврти пат таа ноќ.
– Ќе спие кога ќе порасне. И тоа само така. Не ќе можеш да го разбудиш! Особено за првиот час во осмо одделение – нема шанса да го дигнеш од креветот!

Мајка ми уште се шегуваше дека тоа е одмазда на внукот за бессоните ноќи што таа ги имала со мене.
– Ти половина година спиеше само в раце! Кога ќе те ставев во креветчето, почнуваше да врескаш. На подот имав постелено јорган со два слоеви вата, плашејќи се дека случајно ќе заспијам и ќе те испуштам на подот – се жалеше мојата мајка.
– А што велеа докторите? – не се согласував дека не сум ѝ дозволувала да заспие од чисто безобразие.
– Лекарите велеа дека си ги заменила денот со ноќта. Ти спиеше преку ден.
– А дали ти спиеше дење?
– Ама, што ти е тебе, ќерко мила! Па имав уште едно дете од две години! Твојот брат тогаш сè уште не одеше во градинка.

Ми се чинеше дека ако мојата мајка можела со ноќи да не спие, ќе можам и јас. Но, не можев. Една ноќ кога по којзнае кој пат станав поради детското плачење, настапи хипотонична криза и јас паднав во несвест. Лекарката од итната помош ми рече: „Мајко, не будали се. Стави го детето покрај себе во креветот и наспиј се, инаку ти веќе немаш ни малку сила“. Така и направив. И конечно целото семејство почна човечки да спие.

Да се спие со детето: за или против? Има многу „против“. За тоа зборуваат и педијатри, и педагози, и психолози. (Иако постојат и други педијатри, други педагози и други психолози кои наведуваат аргументи „за“).

Јас сум „за“: така мајката ќе се наспие. Со постариот син бев „правилна“ мајка и половина година го ставав да спие во креветче. Го ставав по петпати во една ноќ бидејќи често се будеше и почнуваше да вреска. А со помладиот син станав „мрзлива“ мајка и веднаш го ставив до мене во креветот. Но, тоа е мое лично искуство и не треба да се зема како препорака. Има среќни луѓе чии бебенца мирно спијат во своето креветче цела ноќ. Добро, нека не е баш цела ноќ, но барем не се будат на секој час.
Ако вашето дете спие одвоено – тоа е одлично. Тоа значи дека не мора да ја решавате следната задача: како детето да се научи да спие одвоено? Но, да претпоставиме дека сте дошле до тоа прашање, па неколку совети би можеле да ви користат.

Ми се чини дека наједноставно е кога детето не се одвојува во друг кревет, туку мајката престанува да спие со него „образ до образ“. Се разбира, мајката не може да се смести во детското креветче, но се случува мајката и детето да спијат заедно на кауч или софа. И јас спиев со својот син на софа. Потоа (откако наполни една година), кога тој спиеше, преоѓав во својот кревет. Се разбира, ако детето се разбудеше и ме повикаше, се враќав кај него, но со текот на времето спиеше сè поцврсто. Потоа не беше потребно ни да лежам до него додека не заспие. Во овој случај, детето не мора да се привикнува на друг кревет кој би можел да биде и во друга соба. Сè е како претходно, само што присуството на мајката се проретчило.

Ако детето спиело во креветот на мајката и таткото, можеби мајката ќе мора да се пресели со него на некое време. На почетокот, детето се привикнува на новиот кревет (мама е тука, еве ја, седи), а потоа ќе се привикнува и на тоа дека присуството на мама не е задолжително. Кога се воведуваат некои измени, важно е нешто да биде „како што било вообичаено“. Во ист момент – нов кревет и отсуство на мајката – е тешко за психата. Меѓутоа, дури и ако „вообичаеното“ од некаква причина не дава резултат, психата на детето ќе излезе накрај со тоа. Сеедно, ако постои можност стресот да се намали, подобро е да се искористи таа причина.

Уште една фаза на „преодниот период“ е покривањето со различни прекривки. Сте одлучиле да го „иселите“ детето. Тогаш прво извесно време покривајте се со засебни прекривки (ако дотогаш сте користеле една заедничка). Мама е тука, но нема директен контакт со нејзиното тело, топлината на мајката физички не се чувствува. Односно, телесниот контакт се прекинува и детето постепено очекува автономија.
За спиење може да послужи некоја мека играчка. Ако детето има таква играчка, чесно ќе заспива со неа на кое било место. Патем, играчката треба да се носи и на патување и во градинка. Јас дури и би ве советувала да купите две исти играчки, па едната да ја скриете. Затоа што ако едната играчка „заспивалка“ се изгуби (на пример, останала заборавена во хотелската соба), ќе дојди до вистинска трагедија. А вака – само ќе ја понудите резервната и ќе добиете мир…

Поредок е случајот, иако се случува, детето само да побара да спие одвоено од родителите: „Јас сум голем! Сакам да спијам сам!“ Како дополнителен поттик може да послужи самостојното уредување на новото место за спиење. Заедно со детето купете убава постелнина: „Моја е! Мама и тато немаат ваква!“ Заедно одберете и удобна перница. Купете уште некои ситници: симпатична ламба која прави ѕвезди на таванот и амајлија за убави соништа. Бидете му „љубоморни“ на детето, ќе му се допадне тоа.

Што не треба да правите: да го ставите детето во кревет и да заминете, оставајќи го да плаче. Демек, првиот ден ќе плаче неколку часа, па ќе заспие. Вториот ден ќе плаче час-два. Времето на плачење ќе се намалува, а детето ќе научи само да спие во својот кревет. Вистинска убавина! Што е тоа една недела да се истрпи плачењето на бебето! Можам да се согласам дека тој метод е ефикасен. Но никогаш не би ризикувала да го применам на своите деца. Тешко е да се претпостави во каква психолошка траума сето тоа може да се претвори за детето. Замислете ги чувствата на детенцето кое срцепарателно ги довикува родителите, а нив ги нема. Постои суштинска разлика во тоа зошто детето престанува да плаче. Затоа што ништо не го вознемирува или затоа што од довикувањето нема корист, сеедно – никој нема да дојде. Од втората варијанта лично се растажувам и се вознемирувам.

Извадок од „Самостојно дете или како да станете ‘мрзлива’ мајка“ од Ана Бикова

 

 



912

X