Еве прекрасна пригода да се заменуваат тези, бонтонот и сентиментот да се натпреваруваат кој е поважен, оние што имаат деца да сметаат дека само благодарение на нив Земјината топка се врти, а тие што немаат да се осудуваат и да се смета дека не треба да постојат на овој свет! Воедно и можност со очи на хроничар, некој кој е непристрасен и кој само со набљудување и забележување на виденото, да констатира одредени појави и да им дава можност на сите според својата совест да изреагираат и да донесат сопствени заклучоци.

Стана сосема нормално до своето место во кафуле или ресторан да се пробивате низ „паркирана“ детска количка. Оној момент кога сте седнале, вие веќе и не знаејќи станувате воспитувач, на оние малку постари деца од 4, 5, 6 години кои весело трчаат низ детската градинка наречена КАФУЛЕ. Ви се мотаат околу масата, ја тресат, вашата закачена торба на столот паѓа, врескаат во моментот додека се обидувате да го слушнете соговорникот и вие морате како вистински педагог, со тивок „буци буци“ тон да го прашате каде му се родителите, да му кажете колку е слатко, дека има слатко фустанче, дека му е убав тротинетот со кој поминува меѓу масите. Келнерите веќе со совладани вештини се движат лесно со пијалаците како да одат по жица и среќно стигнуваат до гостите и му го носат неистурениот пијалак. За сето тоа време родителите на тие исти кутри деца мирно седат, спокојни и опуштени, бидејќи знаат дека додека тие уживаат во кафето, има кој да ги чува нивните наследници.

Често поминувам покрај една детска градинка, баш во време кога родителите доаѓаат по своите деца. Ми се стегнува стомакот кога ќе видам како ги третираат тие мали луѓе. Обично без прегратка или бакнеж, како пластични кеси ги фаќаат со едната рака и ги ставаат на задното седиште од автомобилите, а со другата разговараат на телефон или пишуваат порака. Неретко се слуша дека по градинка детето ќе оди кај баба му, додека мајката или таткото не завршат уште некои важни работи. На тој краток пат од дворот на градинката до автомобилот нема комуникација, туку само се слуша тропкање на детски ножиња и звук на пластично копче од мал ранец кој се влече по асфалтот и, се разбира, гласот на родителот кој ги договара своите следни активности. Тој мал човек останува без ДОПИР; БАКНЕЖ, ПРЕГРАТКА во моментот кога денот го поминал со некои други луѓе кои не се негова крв.

Дали родителите се свесни какво злосторство вршат над суштеството што го создале како што многумина велат – од љубов, а сега кога таа љубов треба и да се одржува, се нема време. Знаат ли родителите каков грев е да се нема трпение и да не му се одговори на детето на неговото 1001 повторувано ЗОШТО?! Одговарајќи му на тоа зошто, вие создавате од него човек, кој кога ќе порасне, ќе знае што е љубов, внимание, почит и што е всушност живот.

Немојте да мислите, драги родители, дека сте ја подариле најголемата љубов, фалејќи се со неговите фотографии на социјалните мрежи и известувајќи нè за секој негов чекор.

Љубовта е кога ќе го доближите детето до градите, го гледате в очи и имате храброст да се соочите со фактот дека вие сте го создале тој мал живот и дека вашата моќ е посилна од Божјата.

ДЕЦАТА СЕ УКРАС НА СВЕТОТ, рече еднаш еден поет, а многу родители, изгледа се НАЈГОЛЕМИОТ СРАМ НА УНИВЕРЗУМОТ!

Автор: Јасмина Санадер

Извор



912

X