„Се извинувам, не можам да стигнам на состанокот ова попладне“ – ова почнаа да им го кажуваат големите банкари и адвокати на своите шефови, по месеци откако нивните сопруги почнаа да им кажуваат слични работи на своите претпоставени. „Морам да му помогнам на синот со неговите задачи“.

Ова би било невозможно, нели? Но, знаете и што друго беше невозможно пред неколку месеци? Апсолутно сè што беше поврзано со нашата моментална реалност. Постојано слушаме за родители кои се борат и се мачат во ова време на пандемија, но да се соочиме со фактите: кога го велат ова, сите мислат на мајките. Жените се тие што споделуваат објави на социјални мрежи за ургентната потреба за безбедно отворање на училиштата и градинките. Жените се оние што повеќе не можат да се изборат со одржувањето баланс помеѓу семејните и професионалните обврски.

Жените претставуваат повеќе од половина од вработените што работат со деца и го изгубиле своето работно место помеѓу февруари и април, а помалку од половина од нив добиле плата за работата во мај. Самохраните родители искусиле најголема загуба на работните места и работните часови, а повеќето од нив се жени. Многу жени имаат среќа сè уште да имаат работа, како и да балансираат во однос на напуштање на работата за да се справат и со родителските задачи, што често е невозможно да го остварат бидејќи се исцрпени. Сето тоа доведува до дефицити, што ќе резултира со последици за кариерите на жените и личните финансии, а да не ги споменуваме децата кои примарно се поддржани од приходите на мајката.

Мажите треба да излезат надвор и да бараат поддршка за вработените родители, на ист начин на кој тоа го бараат мајките

Почетокот на решението за овие проблеми лежи кај мажите. Но, не во нивниот моментален пристап или статус кво ситуација. И не е кај татковците што ја имаат улогата на примарни носители на приходот во домот додека жените надоместуваат во однос на сите дневни активности, или грижа за децата кога се дома, па и на училиште. Јасно е дека едукацијата и грижата за децата се застапени и се важни, а присутна е и соработка со едукаторите, истражувачите, здруженијата и слично, но промените мора да започнат дома, со тоа што татковците ќе направат еден чекор напред кон преземање на одговорноста и поддржување на партнерите и на професионален и на домашен план.

Татковците не може само да дадат придонес во перењето на облеката. Татковците треба да излезат надвор и да бараат поддршка за вработените родители, на ист начин на кој тоа го бараат нивните партнерки. Нема причина товарот на ваквите моменти да паѓа исклучиво на жените. Патријархалните правила би требало да се напуштени уште пред неколку децении. И пред пандемијата, жените кои ги започнале своите кариери со еднаква професионална подготовка како партнерите често заостанувале поради бременост, породилно отсуство и подоцна барањата што ги поставува самото родителство и грижата за децата.

Лесно е веднаш да се отфрли кариерата на жената кога ќе добие деца. Нејзината работа повеќе е флексибилна – работи нерегуларни работни часови за да се приспособи и на грижата за детето. Па кога ќе се случи криза на глобално ниво, станува очигледно дека таа флексибилност треба да продолжи… а илјадници жени ја ризикувале својата кариера во која инвестирале толку многу за да се посветат и на децата и на семејството.

Но, што ако не мора да биде така? Промената е можна. Станува нормално, на пример, за татковците во Канада да земаат родителско отсуство: 30 отсто од новите татковци пополниле такво барање во 2015 година, според статистиката во Канада, а во 2000 процентот изнесувал само 3. Значи, може да дојде до приспособување.

Мојата работа не е помалку важна само затоа што тој заработува повеќе од мене

Па како би се промениле работите за жените ако повеќе работници имаат можност да бидат флексибилни – вклучително и татковците да бидат посветени на обврските додека нивните жени можат да останат на работното место? Кога почнавме да работиме од дома поради ситуацијата, мојот сопруг се грижеше за училишните обврски на децата додека и самиот работеше – сето тоа од дома. Јас бев позафатена тој период, а тој беше подобар во решавањето на тие задачи. Мојата работа не е помалку важна само затоа што тој заработува повеќе од мене.

Мажите имаат тенденција да заработуваат повеќе од своите жени – а тоа е вообичаениот изговор зошто тие се помалку вклучени во моменталните предизвици на семејниот живот. Но, тоа не е добар изговор. Всушност, високите приходи на мажите доведуваат до тоа нивните барања да бидат помоќни. Замислете маж од средна каса како ја признава и ја користи тежината на своите избори и својот глас со цел да направи промена.

Ова е момент за нови структури, време за мажите конечно да направат чекор напред и да ги поддржат своите семејства и своите партнери, да придонесат за заедницата кон која се стремиме. Најмногу затоа што тоа е најпристојното и најчесното нешто што треба да се направи. Но, и затоа што никогаш нема да видиме подобра реалност додека мажите не се еднакво погодени и вклучени во моменталната грижа за децата како и жените.

Сè додека мажите не пропагираат во име на доброто за нивните семејства, креирањето на политиките може да ги одмине жените. Што и често се случува, па следствено на тоа ништо и не се менува.

Автор: Кери Клер Шателејн

Извор



912

X