Стоеја пред нас на касата.
– Сакааам автомобилче…! – врескаше малиот на цел глас.
– Сега немам пари – тивко рече мајката.
– Но јас сакам, сакам, сакам…! – повторуваше детето. – Мора да ми го купиш!
Луѓето почнаа да се загледуваат меѓу себе.
– Купи му го тоа автомобилче! – викна некој од редот.
– Е, јас не би му го купила, па што сака нека е… – рече една повозрасна госпоѓа зад нас.
– Госпоѓо, видете колкав е редот, и други луѓе чекаат – се огласи касиерката, додавајќи масло на огнот. Жената погледна во паричникот, а потоа и во кошницата.
– Колку чини играчката? – праша таа.
– Петстотини и триесет денари – рече касиерката. Жената повторно го отвори паричникот.
– Ништо тогаш, ќе го земеме автомобилчето – рече и од кошницата ги извади детергентот за перење и омекнувачот за алишта. – Сторнирајте ги овие, ве молам.
– Јас него би го сторнирала! – дофрли госпоѓата одзади.
– Па гледате дека ништо не му може… – рече некој.

Ништо не ти можам, ќе мисли на патот до дома. Одамна ништо не ти можам. И затоа сега немам каде. Каде погрешив? Можеби тогаш кога имав температура, но станав од креветот да те одведам во кино, а потоа ги развозував сите твои другарчиња по дома? Или тогаш кога го откажав дружењето со пријателките за да останам дома и со тебе да играм монопол? Или тогаш кога не отидов на работа бидејќи ти плачеше по мене и ми рече дека се плашиш да останеш сам? Можеби тогаш кога почнав да станувам во шест часот во викендите бидејќи ти сакаше заедно да гледаме телевизија? Кога се променија работите? Кога ги заменивме улогите? Колку долго трае тоа? Кога почна ти да управуваш со мене? Кога твоето ТИ го замени нашето НИЕ? Можеби токму тогаш кога рече дека не сакаш зеленчук и дека не сакаш да го јадеш тоа што со часови го подготвував. Можеби токму тогаш кога ти дозволив наместо супа, да јадеш чоколадо. Можеби тогаш кога се почувствував виновна што не поминувам доволно време со тебе. Или тогаш кога престанав да бидам строга и кога границите меѓу смееш и не смееш избледнаа. Впрочем, доцна те добивме. Како воопшто можев да ти забранам што било кога те очекувавме толку многу години?

И затоа те штитам од другите деца во паркот, затоа на сите им кажувам дека си исклучителен, затоа ти купувам сè што ќе посакаш, затоа велам „нема повеќе“, па повторно попуштам. Затоа велам дека си совршен, сине мој. Затоа го оддалечувам од себе секој што ќе се осмели да каже поинаку. Што знаат тие…? И од каде им е правото да велат дека си разгален и мрзлив? Ќе има време да работиш, сега си дете – и треба да уживаш. Уживај. И, да, ти треба играчка. Ако јас не можев сè да имам, зошто ти да страдаш? Впрочем, и ти си личност како и јас. Твоето мислење е важно исто како и моето. Зошто да не кажам дека си најдобриот? Сиот лош свет таму надвор одвај чека да ти ја сруши самодовербата, можам барем да ти помогнам да ја изградиш.
Понекогаш, додека скршена лежам ноќе благодарна на бога што си заспал, посакувам да те разбудам и да ти се извинам. Да речам – извини што стана центар на мојот свет, што се вртам околу тебе како што Земјата се врти околу својата оска. Извини што сè ти е подредено тебе. Извини што толку многу ти дозволувам. Само си мислам – ако моето дете е среќно – и јас сум. А не сум. Не си ни ти. Ти си мало саможивно суштество. И баба вели дека си напорен и дека премногу ти дозволуваме. Има право. Сите свои потреби ги запоставив, своите желби ги ставив под тепих, одиме во кревет кога тебе ти се спие, го готвиме само она што ти сакаш да го јадеш, одиме на места што ти ги сакаш, гледаме филмови кои тебе ти се допаѓаат. Врескаш кога нешто нема да ти дадам. Ме шуткаш и ме клоцаш со ногата кога не е по твое. Ги гризеш другите деца. Никој не те сака. Ти никого не сакаш. Ти попуштам затоа што немам веќе сила да се борам со тебе. Посилен си, признавам.
Кога ќе пораснеш, ќе станеш себичен, нема да знаеш да споделуваш, нема да поднесуваш критики, нема да умееш да се носиш со тешкотиите, никогаш нема да се ожениш бидејќи ниту една нема да те трпи, не ќе можеш да ги задржиш работните места, ќе живееш со мене и одвај ќе чекаш да умрам и да ти го ослободам станбениот простор. Никогаш нема да стекнеш ништо свое. Ќе станеш сето она што никогаш не посакував да бидеш. Тогаш ќе застанеш пред мене и ќе ми кажеш: „Ти си виновна, поради тебе станав ваков“.
Јас се трудев, ќе ти речам. Се обидував да бидам подобар родител од моите мајка и татко. Те фалев и кога немаше за што. Те следев во секоја стапка. Бдеев над тебе. Ги работев твоите работни задачи. Ги оправдував твоите изостаноци. Барав врски за да те вработам. Подоцна, ти ги избирав девојките… Одбивав да одам на места на кои не бевме повикани заедно. Не сакав да бидам како оние мајки чии деца се оставени сами на себе. Ти беше оставен само на мене, и тоа ми годеше. Се плашев да не те изгубам, сине мој. Сè правевме заедно. Секогаш те прашував за мислење, се плашев да не те повредам, па дури и не сакајќи да ти нанесам зло. Те обожавав. Ти се поклонував и ти принесував жртви. А сега… Сега гледам дека требало само да те сакам.

Автор: Даниела Бакиќ

 



912

X