Често можеме да слушнеме коментари како денешните деца сè помалку играат и сè поретко можеме да ги сретнеме пред зградите, во парковите или на игралиште, да се дружат, да играат играат со топка, возат велосипед, возат ролери… Каде, всушност, исчезнаа децата? Вистина е, секоја година се раѓаат сè помал број деца и демографската слика е сè полоша, но тоа не е вистинската причина што не можеме да ги видиме децата надвор. Игрите им ги украде новата технологија – социјалните мрежи, компјутерите на кои играат различни игри, како и стотината ТВ-програми. Но, постои уште една причина, а тоа се нивните многубројни обврски што ги имаат покрај училиштето. Денес е ретка појава дете што не оди на ниту една организирана активност. А и ако постои барем една – се смета за недоволна. Покрај една задолжителна спортска активност, децата денес задолжително одат на курсеви по јазици, музичко училиште…, што прави часовите поминати во слободни активности да се изедначуваат со училишните. А кога на тоа ќе се додадат и пишувањето домашна задача и учењето, тешко е да се најде време за одење на игралиште.

Образованието е најважно?

Зад секое такво дете стојат, пред сè, неговите родители. Уште во градинка го вклучуваат во многубројни активности, скратувајќи им го времето за игра, совладувањето на вештини како возење велосипед, импровизација, испитување на светот околу себе…

Поинформирани се од минатите генерации, свесни кои придобивки ги носи образованието и активното занимавање со спорт, па поучени од своето искуство колку е важно да се има исполнет ден, денешните татковци и мајки ги ангажираат своите деца во што поголем број активности. Да се занимава со спорт е апсолутно пожелно, но ако таквата активност се одвива неколку пати неделно, комбинирана со, на пример, музичко училиште, кое има исто такво темпо на одржување – тогаш со право се наметнува прашањето: Зарем тоа не е премногу?

Управувате со неговото време како со свое

Родителите често на ваквото прашање одговараат дека сметаат оти не претерале бидејќи нивните деца успевале сè да постигнат. И покрај тоа, имаат и слободно време. Но, тоа е често гледање на ситуацијата од еден исклучиво, личен агол. Децата главно мислат различно и би сакале да имаат повеќе време за себе. Родителите често се плашат дека децата не го искористуваат добро тоа слободно време, па затоа настојуваат да им го исполнат денот со смислени обврски и активности. И притоа забораваат дека секојдневно е добро за нивното дете да има дел од денот кој самото ќе си го испланира и ќе го помине со другарите така како што сака. Без разлика дали тоа ќе биде пред ТВ, или во соба пред компјутер. Едноставно, морате да му дадете дел од времето што тоа ќе го испланира по сопствена волја, бидејќи ако непрестајно го контролирате и организирате секој негов час, ќе се чувствува како да е под притисок. Треба секогаш да се води сметка и за желбите на своето дете, па да му се даде простор во таа смисла.

Покрај тоа, добро е да се размисли и за тоа дали му се навистина потребни сите тие активности и треба ли да се ослободи од некои од нив? И дали некои од активностите што детето ги извршува се дел од некоја ваша нереализирана приказна од детството која сакате вашето дете да ја оствари?

Автор: Ј.С.

Извор



912

X