Цврстото врзување за родителите создава препрека за подоцнежното приспособување на светот. Човекот кој пораснал е предодреден за светот, а не засекогаш да остане дете на своите родители. Има, за жал, многу родители кои своите деца уште ги сметаат за деца, бидејќи и тие самите не сакаат да остарат и не сакаат да се откажат од својот родителски авторитет. Меѓутоа, вршат многу нездраво влијание врз децата на тој начин што им ја одземаат секоја можност за индивидуална одговорност. Оваа штетна метода создава или несамостојни луѓе или такви кои својата самостојност можат да ја стекнат само по заобиколени патишта.

Други родители, повторно поради својата сопствена немоќ, не се во состојба на детето да му го дадат оној авторитет кој му е потребен за да може подоцна да се приспособи на светот.

Оттаму, учителот како личност има деликатна задача, од една страна, да не покажува никаков авторитет кој потчинува, додека, од друга страна, треба да ја покаже токму онаа одредена мера на авторитет кон детето, која прилега на возрасно, искусно лице. Вештачки не може ниту со најдобра намера да се воспостави таков став, туку до него може да се дојде само на природен начин – учителот како човек и граѓанин едноставно да ја извршува својата должност. Тој самиот мора да биде коректен и здрав, што претставува најдобра педагошка метода, односно добар пример. И најсовршената метода нема ништо да значи ако човекот кој ја применува не е супериорен, благодарение на сопствената личност.

Би било поразлично кога на училиште би било важно само тоа на децата да им се пренесува материјалот методично. Меѓутоа, тоа претставува не повеќе од половина од вредноста на училиштето. Другата половина претставува психолошко воспитување, кое се пренесува благодарение на личноста на учителот. Задачата на ова воспитување е да се пренесе детето, во подалечниот свет и на тој начин да се дополни родителското воспитување. Родителското воспитување може, кога е многу грижливо, никогаш да не надмине одредена едностраност. Училиштето, според тоа, претставува прв дел од реалниот, голем свет со кој детето се среќава и треба да му помогне во одреден степен да се одвои од родителскиот свет.

Ако личниот однос на детето со учителот е добар, тогаш мало е значењето на тоа дали неговата педагошка метода одговара или не на најмодерните барања. Всушност, успехот на предавањата не лежи во методата. Како што воопшто не е исклучена целта на училиштето детските глави да се наполнат со знаење, напротив, децата треба да се одгледуваат и да израснат во вистински луѓе. Не се работи за тоа со колку знаење е натоварен некој што излегува од училиште, туку дали во училиштето се успеало младиот човек да се ослободи од несвесниот идентитет со семејството и да се направи свесен за самиот себе. Без таа свест за себе, тој никогаш нема да знае што навистина сака, туку секогаш ќе остане зависен и само ќе имитира, со чувство дека е погрешно сфатен и ограничен.

Извадок од книгата „За развојот на личноста“, Карл Густав Јунг



912

X