Студено зимско утро. Сè е замрзнато, колешката и јас, живееме во близина, тргнуваме кон паркингот да го најдеме нејзиниот автомобил, подготвени да го стругаме мразот од замрзнатата шофершајбна. Јас земам некоја од оние силни картички за поени во текот на купувањето, а што се однесува до мене, не постои подобар алат за вадење мраз во зимските денови. Колешката, дотерана во долг капут, широки панталони и убав џемпер со крем боја, вади женска ракавица со инкорпориран стругач за мраз.
– Неверојатно смислен (моден) зимски додаток! Не смее стилот да трпи – ѝ реков на шега, но и воодушевено.
И кога го завршивме тоа, седнуваме во автомобил, таа го мести подобро ретровизорот и ѝ останува во рацете. Нервоза и смеа истовремено, а работата да биде уште полоша, се пали и сигнализацијата за масло.
– Ма каков феминизам, бре, ми треба маж! – одѕвонуваше во автомобилот, а таа продолжи: Знам дека сето ова го правам и сè е во ред што ние жените умееме многу работи, но сакам маж покрај себе. Да му го оставам клучот и тој да се занимава со овие работи. Не сакам да купувам масло. Умеам, ама не сакам. Сакам маж, се разбира, бидејќи ми треба љубов и сите оние убави работи што доаѓаат со тоа, но и поради сите тие стереотипни работи – менување светилки, фрлање ѓубре, кревање тешки предмети… И да, сакам да работам и да создавам, но сакам на крајот од денот моите обврски да бидат она што ѝ прилега на жена. Ете, нека кажат и дека сум старомодна, но ете таков маж (меѓу другото) сакам. Тоа отсекогаш сум го сакала и кога го имало и кога го нема – ми се доверува таа.
Речиси и да стана срамота некоја жена да каже дека сака класично, традиционално семејство – каде што жената се грижи за домаќинството, а мажот за другите работи
И иако нервозата избиваше од неа и сето ова звучеше и изгледаше комично, не можев, а да не помислам дали навистина претеруваме со уверувањето „Јас го можам тоа сама“? Денес многу се потенцира еднаквоста помеѓу мажите и жените. Но, една работа е да бидеме еднакви во правото на глас, правото на образование, слободен говор, облекување, почит, кариера и висина на примања, а сосема друга да сакаме да ја победиме природата. Поради различни трендови што ни се наметнуваат, речиси и да стана срамота некоја жена да каже дека сака класично, традиционално семејство – каде што жената се грижи за домаќинството, а мажот за другите работи. Не постои ништо лошо во тоа, доколку некој се пронаоѓа во тоа и го прави среќен. Жените можат сè – и да имаат деца, и да се заштитат, и да имаат кариера, и да покажат издржливост, меѓутоа, додека сето тоа го правиме, каде е среќата? И притоа не говориме за жени кои биле во токсични врски или бракови или оние жени што навистина не сакаат семејство.
Никогаш жените и мажите нема да бидат исти, бидејќи и природата не ни е иста. Секој во својата сфера има своја сила, а заедно може да направат убава хармонија. Дали навистина сме силни кога се задушуваме во емоции? Да, ние можеме самите да си ги платиме сметките или да си купиме цвеќе, да одиме во шопинг, да свариме кафе, да промениме масло во автомобилот, но не е иста емоцијата кога некој ќе го направи тоа за нас.

– Имам свој стан, работам, се негувам, сосема сум самостојна и да се разбереме, многу ми е драго поради тоа. Не ги сакам оние што постојано зависат од некого. Но, сакам да бидам искрена и пред себе и пред светот и не се согласувам со тоа дека треба да се натпреваруваме во тоа што сè подобро правиме кога сме сами. Зошто не се натпреваруваме како подобро да одржиме однос со саканото лице? Што подобро правиме и умееме заедно? Денес има толку разводи, не сакам да верувам дека решението е во тоа дека треба да учиме да поправаме и водоводни цевки и да ѝ кажеме збогум на љубовта, не ми треба веќе никој.
Со тоа што станавме супержени и што сè можеме сами, дали навистина сме посилни?
– Верувам дека постојат работи во кои подобро се снаоѓаме и кога нешто ќе наумиме, тоа и го правиме или учиме. Но, не знам дали во суштината сме навистина силни бидејќи сме такви „скроени“ или затоа што така мораме. Така ситуациите ни налагаат. Го знаеш она кога ќе ни дојде преку глава, па ќе кажеме: „Не морам јас ништо да правам, се изнаправив работи во животот“. За мене некогаш е многу поголема работа да покажеш слабост, да посакаш утеха и нечија прегратка отколку сама да ги голташ солзите во тоалетот.
– Нема ништо полошо од тоа кога ќе се најдеш сама во тишина. Имав професорка која велеше дека е силна жена онаа која има на кого да биде слаба. Тогаш не разбрав, но сега ми се чини дека поголема вистина не можела да ни каже – ја завршува таа својата мисла додека бараше старо шише со масло, внимавајќи да не го извалка прекрасниот џемпер.
Автор: Јулија