Јас го хранам, преслекувам, го набљудувам, знам како дише, го учам – 99% од времето. Значи, јас се прашувам кога станува збор за воспитувањето на моето дете.

Сите ние сакаме нашите деца да се напредни, да учат, да бидат добри луѓе, задоволни и успешни, да го остварат својот сон. На тој пат ние ги охрабруваме, ги учиме како да се движат по патеката на животот, им подаваме рака кога ќе паднат, ги поттикнуваме со сопствениот пример.

Дали навистина знаеме сѐ, како што смета нашето дете? Дали го преиспитуваме своето однесување и начинот на кој ги воспитуваме децата? Колку пати сме се изнервирале кога некој прокоментирал дека нашето дете не требало така да се однесува? Или требало така да се однесува?

На почетокот сѐ ме излудуваше. Коментарите на тема што требало или не требало да го научам моето дете ме носеа до точка на вриење.
Досега требаше да прооди… требаше да зборува… зошто ја научи да ја заспиваш секоја ноќ… како можеше да го оставиш своето двегодишно дете кај мајка ти на две недели… многу е гласна… зошто го научи бебето да јаде со музика… не треба да мислиш на работа додека бебето ти е вакво (читај: си бара мајка, а ти останале уште пет месеци од породилното боледување)… треба да добие стап по газето, мора да се плаши од нешто…

Да не набројувам повеќе. Тоа се тие коментари после кои се чувствуваш бедно, неуспешна како мајка, како да си ја промашила животната професија. Секој коментар ти доаѓа како кофа полна со студена вода или шлаканица, во најмала рака. По лутењето и коментарите, како и одговорите, кои понекогаш внимателно (или не?) им ги даваме на личноста што нѐ критикувала, почнуваме да се преиспитуваме. Дали навистина погрешив? Дали можев подобро? Дали тие можеби се во право?

Откако го родив второто дете, сфатив една прекрасна работа. Луѓето сакаат да даваат совети преку критика бидејќи не умеат поинаку. Многумина во нас ги гледаат сопствените грешки за кои самите се нервираат (тоа најдобро ќе го забележите според жестината на реакцијата, односно од тоа колку се изнервирале). Најголемиот број од нив коментираат со најдобри намери, а ние едвај се контролираме бидејќи нѐ боли. Повеќето сакаат себеси (а не нам) да се убедат дека тоа го правеле подобро за да си оддадат признание дека во нешто се подобри. Луѓето обично ги критикуваат недостатоците кај другите, а за тоа да не се свесни. Ако тоа го изговорат наглас, им дава чувство дека напреднале во решавањето на сопствените проблеми, барем потсвесно. Сите тие критики ги рефлектираат чувствата што постојат во луѓето.

Последниот пат кога добив критика дека е ужасно што моето четиригодишно дете со раце го јаде пилешкото, се направив како да не слушам, се свртив и излегов од просторијата. Ми дојде да кажам дека пилешкото треба да се јаде со раце. Внатрешниот нагон да се изнервирам го заменив со добра музика и насмевка.
Претпоследниот пат одговорив дека правам најдобро што знам и умеам, а ако некој мисли дека може подобро, само нека повели. Потоа отидов во дневната соба и се изнаплакав. Но, барем реков. Мислам дека извесен период нема да добивам критики.

Јас го воспитувам моето дете. Јас го хранам, преслекувам, го набљудувам, знам како дише, го учам 99% од времето. Значи, јас се прашувам кога станува збор за неговото воспитување. Никој не се грижи за него колку што јас се грижам. Тоа си го повторувам секојдневно. Да не е така, ќе горам како оган секогаш кога ќе добијам некоја критика.

Вака, само ќе се насмевнам или не, но не давам никаков коментар. Со критиките што немаат никаква валидна подлога не морам веќе да се борам, бидејќи сѐ помалку ме погодуваат. Не беше отсекогаш така и беа потребни многу истренирани нерви за да стигнам до ова за кое пишувам.
Знам, коментарите главно се даваат со најдобри намери, иако никој не ги бара.
Исто така, научив дека најубаво е најпрво да се исчисти сопствениот двор, па потоа да се гледа кај сосетката.

Како што ни растат децата, така растеме и ние. Ги менуваме нашите личности до граница на непрепознавање. Нашите деца нѐ учат на толеранција, трпение, одговорност, пожртвуваност, безгранична и несебична љубов и уште многу други работи. Не дозволувајте критиките од луѓе што се само случајни минувачи на вашиот животен пат да ве доведат до разочарување и незадоволство од себе, бидејќи вие сте најдобриот родител што вашето дете можело да го избере. Најмногу вам ви се радува. Сака да ве воодушеви и да го има само вашето внимание. Вие сте му најважни бидејќи за него сте најдобри. На критиките одговорете со насмевка и тие набрзо ќе изгубат во силата, суштината и првобитната намера, а потоа и ќе се проретчат. Речиси до граници на истребување.

Автор: Татјана Куљача

 



912

X