Јаномами е племе кое живее на подрачјето околу реката Ориноко, од двете страни на границата Венецуела-Бразил. Во допир со западната цивилизација првпат дошло во 1950 година. Антропологот Наполеон А. Шанон неколку години живеел со нив и ги истражувал нивната култура и однесување, кои според нашите стандарди се невообичаено сурови и агресивни, па својата антрополошка студија ја нарекол „Јаномами – суров народ“. Всушност, тоа е народ кој негува култура на војување и кој, како што забележал Шанон, се смета себеси за суров и така сака и другите да го гледаат, но тоа е и народ кој сака песни, дружење, ритуали, а родителите се полни со љубов.

Децата се сметаат за најголемо богатство и од жените се очекува да родат колку што е можно повеќе деца. За да имаат што повеќе потомци, мажите земаат повеќе жени, а полигамијата е вообичаена.

Јаномамите сметаат дека децата се ранливи бидејќи нивните души сè уште не се зацврстени во нивните тела и можат да залутаат, па и да го напуштат детето. Најчесто душата им бега кога детето плаче, па мајките многу се обидуваат детето никогаш да не им заплаче. Душата на детето може да биде принудена да се врати во телото преку метење на местото на кое се смета дека побегнала, како и со повикување.

Едно дете – повеќе родители

Во племето можно е да се има повеќе мајки и татковци и овие термини говорат повеќе за социјалниот отколку за биолошкиот однос помеѓу поединците. Причина за тоа е верувањето дека детето се зачнува во текот на неколку сексуални чинови, па сите мажи што биле во сексуална врска со мајката имаат свој удел во татковството.

На породувањето, на бремените жени им помагаат другите жени од селото. Подготвуваат лисја кои ги поставуваат под жената додека таа клекнува, допрена до дрво, за полесно да го донесе детето на свет. Крвта од папочната врвца се мачка на усните од новороденчето за да зборува брзо и течно. По породувањето жената се смета за нечиста и не смее да има сексуални односи додека детето не почне да оди.

Новороденчето цело време е прилепено до мајчиното тело и се дои секојпат кога ќе заплаче. Спиењето со мајката престанува околу четвртата година, кога топлината на мајчиното тело е заменета со топлината на огништата. Децата поминуваат голем дел од времето учејќи за билки и животни од своето опкружување, бидејќи племето, како заедница од типот на камена доба, целосно е зависно од природата и од своите знаења за неа. Така повеќето момчиња од 12 години знаат да разликуваат 20 вида пчели и знаат кои прават најдобар мед.

Малите деца постојано се покрај својата мајка, а една од причините е да не бидат раздвоени доколку жената ја земе некоја друга група. Малку постарите деца самостојно играат – момчињата ловат гуштери и вежбаат ловечки вештини, така што гуштерите ги гаѓаат со минијатурни стрели, што е многу тешко, па така играта/вежбата трае со часови.

Како и сите ловечки групи што зависат од колективниот дух и заемната помош на членовите, и на Јаномамите многу важен дел им е делењето на храната, особено месото, и тоа настојуваат да им го пренесат и на своите деца. Дарежливост, силна волја, нечувствување болка и храброст се доблестите кои од мали нозе им се пренесуваат на децата од двата пола. Реторичките вештини, исто така, се сметаат за доблест неопходна за општествениот углед, па момчињата поминуваат доста време вежбајќи „дебатирање“.

Фото: de.wikipedia.org

Момчиња – тирани

Уште од мали нозе кај Јаномамите доаѓа до израз острата поделба на машки и женски свет. Женското новороденче мајката го става на левата, а машкото на десната дојка. Момчињата брзо сфаќаат дека имаат подобра положба во однос на девојчињата и дека ретко кога можат да заслужат казна. Тие дури и се поттикнуваат да бидат насилни кон девојчињата или своите родители бидејќи возрасните тоа го сметаат за симпатично, така што на четири или пет години веќе се вистински мали деспоти.

Децата поминуваат време имитирајќи ги возрасните, но и тука момчињата се во подобра положба бидејќи имаат многу повеќе време за игра. Девојчињата се притиснати од многубројните обврски и домашни задачи, вклучувајќи ја грижата за помладите браќа и сестри. Од десет години девојчињата веќе се сериозни работници, кои претставуваат дополнителен пар раце во домаќинството, додека момчињата можат да го продолжат детството до 12-тата година.

Кога девојчето ќе ја добие првата менструација, тоа ја фрла својата стара облека, а мајките и пријателките му прават нова. Во текот на првата менструација цела недела ја хранат роднините и тоа со помош на стапчиња. Не смее да го допира своето тело, а особено не смее да се чеша со рацете, туку само со посебни стапчиња. Таа се трга во некој ќош во колибата и се сокрива клекната додека менструацијата не ѝ помине, а тоа клечење го поминува секој месец и како возрасна жена, бидејќи тогаш се смета дека е особено „нечиста“ и опасна за околината. Таа не смее да зборува, ниту да јаде одредени намирници. По првата изолација девојката ја мачкаат со црвена боја, што го означува почетокот на ритуалот за иницијација, односно премин во светот на возрасните. Тогаш таа може да го започне животот како жена и да се пресели кај мажот.

За момчињата, преминот во зрелоста е помалку упадлив и повеќе претставува процес на докажување на зрелоста, иако мутацијата на гласот е еден од знаците на машкоста. Во тој период на момчето почнува да му пречи да го нарекуваат со неговото вистинско име, што инаку е нешто што Јаномамите го избегнуваат. Учеството во воените походи и убивањето на непријателите некогаш биле дефинитивна потврда за машката зрелост, но денес, за среќа, момчињата Јаномами не мора да поминуваат низ оваа фаза на растење.

Автор: Јована Папан



912

X