Воспитување

Ја нападнале зашто му менувала пелена на своето бебе во ресторан

Мојот син Хенри има шест месеци и ние сме неразделни. Апсолутно сакам и обожавам да бидам со него постојано, тој е навистина среќно, насмеано бебе и за мене да се биде мајка е природен и забавен процес. Дури пред неколку недели, кога бев на ручек со некои пријатели, наидов на мојот прв проблем поврзан со родителството, но тоа немаше никаква врска со нешто што направил Хенри. Се однесуваше на „пресудата“ од непозната личност.

Бев во ресторан чекајќи мојот оброк да пристигне кога мојата пријателка ми го врати Хенри в раце, откако го држеше. Забележав дека неговата пелена е полна. Не сакајќи да чекам предолго бидејќи добива лош исип од пелените, почнав да го правам она што секогаш го правев. Од мојата чанта ја извадив неговата простирка за пресоблекување, вреќа за ѓубре, марамчиња и нова чиста пелена. Ја ставив прекривката помеѓу мене и другата пријателка за да има малку приватност и почнав да му ја менувам пелената.

Мајка што се срами што сменила пелена на бебето на јавно место

Меѓутоа, за разлика од другите пати кога сум го правела тоа на јавен простор, овој пат еден човек помина покрај нас и викна „извинете“ на цел глас во моја насока. Прво не го забележав, но откако неколку пати повтори, една од моите пријателки ми го посочи тоа. Погледнав нагоре и видов човек кој зјапа директно во мене.

„Што мислиш дека правиш?“, викна тој. „Не можеш да му ја менуваш пелената на твоето бебе овде, ова е ресторан, луѓето јадат. Тоа е несоодветно, одвратно и нехигиенско. Никој не треба да го види ова.“ Седев вчудовидена и толку шокирана од неговото долготрајно предавање, што не можев да му одговорам. Всушност, моите пријатели на крајот учтиво го замолија да си замине. Човекот се оддалечи, но до тој момент јас се тресев и бев на работ на солзи, но успеав да ги задржам додека не влегов во мојот автомобил за да си одам дома.

Моите пријатели ме тешеа и ми рекоа да не се грижам, дека тоа е проблем на тој човек, а не мој, но јас си заминав чувствувајќи се како некој дивјак кој никогаш порано не бил во јавност. Потоа размислував за сите други времиња кога сум го правела истото. Всушност, јас некогаш сум користела само неколку табли за промена на пелената во јавност, затоа што кога ги користев, претежно беа валкани или лошо опремени. Плус, знам што се случува во некои јавни бањи, конкретно за што се користат таблите за промена на пелени и не сакам да ризикувам моето бебе ненамерно да допре нешто што може да го доведе во опасност.

И покрај тоа што имам добри намери, се прашувам колку други луѓе ме осудуваат? Колку други го виделе тој процес и тивко му шепнале на семејството или пријателите дека не е во ред? Колку луѓе мислат дека тоа е одвратно, нехигиенско и несоодветно? Реалноста е дека користам душек за промена на пелените, имам марамчиња, чанти, чисти пелени при рака. Се трудам да го сторам тоа што е можно подискретно. Не дека го ставам бебето на заедничка маса за банкет среде храна, или во садот за суши од каде што секој зема храна. Мислам дека е сосема во ред, а и многу други родители го прават тоа без разлика дали е во ресторан или на плажа.

Меѓутоа, сега се чувствувам како да сум лоша мајка, како да правам нешто неприфатливо и можеби, само можеби, човекот имал право, од што јас како мајка се срамам.

Автор: Шона Хендли

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top