Со истите планови за живот, со семејни фотографии во рамка закачени на ѕидот, со исти две-три седи влакна во косата, со планови за вечера да испече пита, а утредента за ручек да зготви мусака. Таква иста како ти.

Тој се согласува да има мусака, малечката исто така сака, сè ќе биде во ред, животот е убав, питата крцкава. Но ете, таа одлучила од утре таа мусака да биде само за двајца и да праша дали ќе биде доволна за една голема и една малечка, само што прозборувала, уста. Таа одлучила и така било.

Таа, една голема, со уште една, малечка. Тие две. Се разбудиле така во светот наменет и скроен за 2+1. Минимум. И гледајте, чуда! Тие две, велат, не се комплетни. Не се доволни.

Не може тоа така, ти самостојна жено! Каде си тргнала?

Добар ден, добар ден. Би сакала семејна карта за таму и таму. Како не може? Не сум семејство? Ми фали нешто? Некој? Не разбирам. Да, господине. Замислете, ние сме семејство. Таа и јас. Да, господине, таа сега има 7 години. Да, „само тоа“ е моето семејство. Извинете.

Добар ден. Би сакала да отпатувам на крајот од светот. Да, знам дека е прекрасна идеја и верувам дека имате прекрасна понуда за семејства со мали деца. Дете до 12 години гратис сместување? Леле, па тоа е прекрасно! Не, немам друг возрасен. Да, таа има помалку од 12 години. Како мислите „жал ми е“… па рековте семеен попуст… Да, господине. Само „тоа“ е моето семејство. Само. Ништо, ви благодарам, разбирам дека не можете да ми помогнете.

Добар ден. Да, јас сум на ред. Да, ме интересира тој кредит, тамам да ги пополнам дупките во буџетот и да ѝи купам нов велосипед. Добро ќе дојде. Да, знам дека примањата задоволуваат. Не, немам сопруг. Па така убаво, немам. Аууу? Што ви значи тоа ауу? Не, немам никој да застане зад мене ако „згусне“. Не, не знам колку е платата на мојот сопруг бидејќи немам сопруг. Ќе ми се јавите кога ќе проверите? За неколку дена. Аха. Ок. Разбирам. Да, благодарам, да, баш е паметна. И брзо расте. Да, не личи на мене. На татко ѝ личи, да. Туку, кажете ми, колку е месечна кирија за овој стан? Аха. Па ок, ми одговара. Убав е, тамам за нас две. Мислам дека ќе го земеме. Што велиш ти, душо? Не, само ние две сме. Така, само ние две би живееле во станот. Да, вработена сум, се разбира. Не, немам „машко“. Сепак не го издавате? Зошто? Аха, сте сакале за семејство… Извините, ете, само таа и јас сме семејство. Само ние две… Ништо, пријатен ден…

Знаеш, ти не мораш да ја разбереш. Не мораш ниту да ја сожалуваш (таа, дури и го мрази тоа). Можеш, на пример, да не помислиш дека „самата си го барала“. Можеш, на пример, да замислиш колкава сила е потребна за да бидеш двочлено семејство.

Семејство кое не се вклопува во ниту една семејна влезница, семејство кое нема да биде ставено на леток на некои модерни летувалишта, семејство на кое, ако го прашаш светот, му недостига онаа +1 личност за да летува, зимува, да влезе во луна-парк. Да се вклопи и да не стрчи.
Вака ништо.

Вака не се важи.

Е, па, извини, свету. Сами сме ние две. И да… „само тоа“ е моето семејство.

Автор: Мирјана Девиќ-Кнежевиќ

Извор



912

X