Прво и најважно што советувам е родителите да бидат добар пример! Детето од најмала возраст го имитира родителот, што значи првиот модел на однесување го зема од него. Тоа значи, кога го прекоруваат своето дете за прекумерна употреба, треба прво сами себе да се запрашаат колку време минуваат со уред в рака. Не смее да им се даваат двојни пораки на децата, за оваа зависност, како и за сè друго, вели Хаџиванова

Зависноста од смарт-уредите е актуелен психолошко-социолошки проблем и зема сè поголем замав, а родителите не бараат помош колку што е потребно за да го решаваат. Ова е само едно од предупредувањата на м-р Ивана Хаџиванова, психолог и психотерапевт во „Неокортекс“, центар за психотерапија, психодијагностика, тренинг и едукација, која, меѓу другото, работи и со деца што имаат проблем со ваква зависност. Таа зборува за тоа колку време треба да поминува дете покрај екраните, како да се оддели од нив, колку е опасна зависноста…

Детските психолози во последно време сè почесто предупредуваат на зависноста од телефони, лаптопи, таблети… Колку често родителите бараат стручна помош за овој проблем?

– За жал, не толку колку што сметам дека е потребно. Не е доволно со оглед на тоа колку овој психолошко-социолошки проблем е актуелен и зема сè поголем замав. Увидот во сериозноста на зависноста од технологија сè уште е мал кај родителите, а таа сè повеќе се распространува кај децата и младите. Сè уште голем број родители го потценуваат проблемот, и од тие причини повеќето не го препознаваат навреме. Тие бараат помош кога веќе ќе забележат и ќе настанат сериозни промени во однесувањето на детето. Многу често не бараат помош и до доцната адолесцентна возраст кога веќе немаат толку големо влијание и младиот тешко се убедува да дојде самиот кај стручно лице со цел работа на себе и надминување на зависноста, како и репарација на последиците од неа. Поради сите горенаведени причини, прашањето „Колку време вашето дете минува на телефон и таблет?“ е задолжително и без исклучок поставувано кон секој родител во мојата секојдневна практика, како и психо-едукацијата за последиците од преголемата употреба на цела таа низа уреди кои мамејќи го и внесувајќи го детето во виртуелниот свет, го тргнуваaт од реалниот живот, овде и сега.

Колку е опасна прекумерната употреба на технологијата и зависноста кај децата?

– Последиците од неконтролираната употреба на мобилни телефони, лаптопи, таблети, се сериозни. Злоупотребата е директно поврзана со разни развојни проблематики како доцнење во когнитивниот развој и сериозни последици врз способноста за логичкото мислење, како и аналитичко-синтетичкото, притоа се јавува недостиг на внимание, тешкотии во учењето, зголемена импулсивност и намалена способност за контрола на емоциите и однесувањето. Користењето на технологијата бара минимум физичка активност. Главно се сведува на допири на тастатурата од лаптопот или телефонот, со нефизиолошко движење и ограничена употреба на рацете и ова може да резултира со одложување на развојот и моторно-когнитивната интеграција, која е круцијално да настане и да се стимулира уште од најраниот период (0-5 год). Во контекст на моториката особено страда фината моторика. Покрај ова, долготрајната статичност го спречува развитокот и на акомодацијата на окото, процес кој исто така настанува до петтата година. Со моторната пасивност често се појавува и дебелината, односно покачување на телесната тежина кај децата и зголемување на ризикот од дијабетес, како и сериозни последици на психолошки план кај детето. Но, постојат и спротивни случаи, најчесто кај адолесцентите, кога од занесот во уредите, игрите и видеата комплетно се занемарува грижата за себе и исхраната и тоа води кон намалување на телесната тежина. Загрижувачки факт е дека сè почести се и ноќните мори и негативните промени и растроености во сонот и спиењето, како резултат на несоодветните содржини и зрачењето на екраните, особено кај помалите деца. Во рамките на горенаведените последици сè почести се говорни нарушувања кај децата, за кои секако има придонес молчењето додека се гледа видео или игра, наместо да се развива и стимулира јазичната способност и да се искористи периодот кога детскиот мозок впива како сунѓер.

Кои се симптомите на зависност што се најчести и може да се препознаат?

– Кога детето ќе почне да се повлекува, сè почесто да биде само со своите уреди и најголемиот дел од денот го минува во својата соба, сè повеќе ја намалува вербалната комуникација со родителите и притоа го губи интересот за надворешниот свет, за другарите, за каква било друга физичка игра, спорт или активност. Притоа се намалува училишниот успех, дури заборава да јаде и да ги заврши некои од основните одговорности кон себе и домот, веќе се очигледни симптоми и аларм. Треба да се земе предвид и реакцијата кога родителот ќе се обиде да му го одземе телефонот или лаптопот и во зависност од возраста на детето, следуваат најразлични изразени и очигледни негативни реакции. Колку е поголем степенот на незадоволство, толку е поголем степенот на зависност од уредот. Ако станува збор за дете во претшколска возраст, тоа е плач, викање и силно негодување, дури до степен на тантруми со фрлање на подот.
Доколку станува збор за школско дете, може да се јави интензивно агресивно однесување и изразен бес кон родителот, пркос, негодување, опоненција, уценување и симптоми на невроза, односно анксиозност како резултат на наглото прекинување на секојдневното задоволство и рутина. Како резултат на преголемото време во виртуелниот свет, децата не ги развиваат некои од најпотребните животни вештини, емоционалната интелигенција и комуникациските способности, и тоа е забележливо. Особено е загрижувачки моментот на прогредиентниот пад на волево-нагонските динамизми, пад на интереси за животни задоволства, безиницијативност, неконструктивност, пасивност и осамување, што се најдоминантни симптоми на еден очекуван прогредиентен депресивен тек.

Колку време со технологијата е препорачливо и е во нормални здрави граници?

– Сметам дека на деца до петгодишна возраст не треба да им биде овозможен пристап до технологија, односно родителите да се потрудат колку е можно повеќе да го одложуваат тоа. По шестата година, еден час со контролирана употреба и содржина, додека со започнување на адолесцентниот период до два часа вкупно на различни уреди. Силно советувам да се форсира употребата и корисноста на истите тие уреди за конкретно употребливи цели и едукација. Старосната граница за деца зависни од мобилни телефони сè повеќе се спушта. Оваа форма на зависност сега почнува да се забележува, за жал, и кај деца на возраст од 11 и 12 години, додека проблемот со зависното играње видеоигри обично е најизразен кај адолесцентите на возраст од 15 и 16 години, а многу случаи има и кај млади од двата пола на возраст од 24 и 25 години.

Има ли третман за оваа зависност? Што ги советувате родителите, што треба да преземат за да се надмине проблемот што го имаат нивните деца?

– Прво и најважно што советувам е родителите да бидат добар пример! Детето од најмала возраст го имитира родителот, што значи првиот модел на однесување го зема од него. Тоа значи, кога го прекоруваат своето дете за прекумерна употреба, треба прво сами себе да се запрашаат колку време минуваат со уред в рака. Не смее да им се даваат двојни пораки на децата, за оваа зависност, како и за сè друго. Процесот на третирање на зависноста не оди со нагол прекин, бидејќи може да се јави анксиозно-депресивна симптоматологија и растројување во емоционално-бихевиоралната сфера. На детето треба да му се објасни процесот на создавање зависност и последиците од неа, и постепено да се инсистира на совладување на проблемот.
Добро е да се креираат правила и план на заеднички активности за исполнување на денот кои ќе бидат напишани и ставени на видно место во домот, при што ќе има точно одредено ограничено време за забава и користење технологија во здрави рамки. Во тие правила задолжително да биде и забраната за користење телефон пред спиење и спиење во иста соба со него, како и користењето за време на семејните ручеци и вечери. Препорачувам вербална комуникација лице в лице. Во однос на останатите активности и слободно време, доколку станува збор за помало дете, родителот е одговорен да му помогне да направат креативен, стимулирачки и интересен распоред. На децата мора да им се понудат разни алтернативи за да им се окупира вниманието.

ДЕЦА, СПОРТУВАЈТЕ!

Спортот и градењето спортски дух и дисциплина мора да се задолжителни уште од најрана возраст и за секое дете, смета Хаџиванова.
– Дружењето со деца и игрите на улица со децата исто така да бидат дел кој не треба да се прескокнува во секојдневието. Читање книги, разговор со родителите на разни теми, меѓу кои и грижата за себе и што значи здраво и исполнето живеење како лекции кои се учат дома, се неопходни. Притоа во домот препорачувам да се направи место за телефоните, кутија или некој сад, во кој ќе се оставаат во одреден период во денот, односно да не бидат на дофат постојано со цел полесно фокусирање на други активности или контакт со семејството – вели таа.



912

X