Како што го пишувам ова, веќе поминува 9. недела од „Побезбедни дома“ во Лос Анџелес. Дистанцирање, време поминато пред екраните, сите заедно. Но, добри сме. А тоа ме натера да размислувам: Дали нешто не е во ред со мене зашто навистина уживам со моите деца во целата оваа ситуација?

Мојата голема исповед деновиве е дека се чувствувам како единствена жена во групите на мајки-пријателки која има проблем да се поврзе со реченицата „Моите деца постојано ми додеваат“ и „Се откажав од правилата за седење пред екраните“, како и „Сè што ми треба е вечер со вино“. Се разбира, имаме и добри и лоши моменти, но ништо повеќе од порано, пред да почне оваа пандемија – работиме, играме, се расправаме, живееме, започнуваме одново и ги правиме истите работи следниот ден. Иако сакам моите девојчиња да се вратат на училиште, на часовите по танцување, на часовите по пијано, без да треба поврзување преку „Зум“, сепак, моменталната состојба не влијае негативно врз мојот однос со ќерките.

Подобро се запознавме. Се справуваме со работите заедно. Се забавуваме. Сепак, речиси секоја мајка на „Фејсбук“ прави да се чувствувам засрамено поради тоа.

Моите деца не се нерасположени или тажни – тие постојано цртаат и играат. Онлајн-наставата продолжи да се одвива и ги следиме насоките на наставникот како да ќе добиеме невидлива награда на крај. Училишниот ден започнува во 10 часот наутро. Одиме на спиење набројувајќи барем 5 работи што се случиле тој ден.

Сакам да го искористам даденото време бидејќи веројатно нема да се случи повторно. Пред да оставите некаков коментар дека оваа објава ви изгледа лажно, дозволете да повторам едно од правилата за мајчинството кое го употребуваме кога не ни се допаѓа нешто што некој друг го кажува: Не судете.

Пред да се случи оваа светска криза, јас веќе верував дека не треба да се пренатрупуваме со активности, дека треба да имаме семејни вечери 4 пати во неделата и да не одиме натаму-наваму само за да го исполниме нашето време со активности. Освен „Дизниленд“, седењето дома долго време беше нашата омилена активност.

Пред неколку години јас бев нова мајка што избегна да оди на курсеви за мајчинство за да може да ги однесе децата во парк или едноставно да ги гледа како играат надвор или со нивните играчки, за лично да ги научам на „животни вештини“. Сега сфаќам дека се подготвувавме за ова „побезбедни дома“ време, речиси цела деценија.

Дома секогаш беше забавен простор, безбеден простор, наш најдобар простор. Ако не продолжам да зборувам за времето поминато дома во кое ќе ги научам девојчињата како да пуштаат машина, како да ја користат креативноста за да се занимаваат кога им е здодевно, како да се борат со фрустрациите и како да се учат да бидат издржливи во време на неизвесност, тогаш не ја завршувам добро мојата задача како родител. И нема да дозволам некој да ме засрамува поради тоа што наоѓам радост во сето ова.

Бидејќи да се биде дома со луѓето што ги сакате најмногу, никогаш не треба да биде страшно или панично, дури и во најлошите светски ситуации. Другите делови од оваа ситуација да, но тоа што сум со своите деца, не. Најдоброто што можам да го направам за нив сега е да им помогнам да се чувствуваат безбедно, сакано и згрижено – и да се обидам да уживам во процесот. Тоа е најмалку што заслужуваат и во ова време на неизвесност е единствена сигурна работа што можам да им ја дадам.

Автор: Џил Симониан

Извор



912

X