Секој некогаш се прашува од кои причини луѓето се однесуваат на одреден начин? Што ги мотивира? Како размислуваат? Кога се обидуваме да одговориме на тие прашања, главно земаме предвид колку години имаат личностите чие однесување се толкува. Можеби се чини интуитивно и логично човек на различна возраст во својот живот различно да функционира, да мисли и да се однесува, но тоа не било секогаш познато.

Долго разликите помеѓу децата и возрасните се сфаќале само како квантитативни. Децата се третирале само како „помали возрасни“ кои помалку јадат, носат помала облека и работат со помало оптоварување. Се сметало дека разликите во нивното мислење и природата на нивните способности се само количински. Се разбира, денес сме свесни за промените што доаѓаат со растењето…

Психолошката дисциплина што се занимава токму со специфичностите на различните возрасти во човечкиот живот е развојна психологија. Нејзината основна цел е разбирање на развојот: низа физички и психолошки промени кои се случуваат од зачетокот до смртта. Оваа дисциплина, со примена на различни видови истражувања, утврдила многу специфичности во мислењето, чувствата, однесувањето и способностите на човекот. Во продолжение ви претставуваме некои од најинтересните истражувања во кои учествувале деца. Иако развојната психологија се занимава со развојот на човекот до крајот на неговиот живот, ние тука ќе се фокусираме само на детскиот развој. Нивните реакции и начин на размислување во некои од овие процедури се навистина неодоливи.

Бебињата во стомакот на мајката сакаат да слушаат музика

Методологијата што денес е развиена овозможува следење на когнитивниот развој на бебињата во стомакот на мајката и благодарение на тоа знаеме која функција кога се развива. Аудиторното учење на фетусот е можно околу 27. недела од бременоста, кога ќе се развие делот од мозокот задолжен за препознавање на звукот. Спелт (1949) бил еден од првите истражувачи што укажале на тоа дека е можно да се услови фетусот на звук, а некои понови истражувања (Partanen et al, 2013) покажале дека постои разлика во мозочната активност на бебињата на кои мајките им пуштале одредена песна додека сè уште биле во стомакот и оние што не ја слушнале таа песна порано, а им се пушта по раѓањето и во 4. месец. Покрај тоа што ја препознаваат песната по одредено време, некои истражувачи тврдат дека бебињата во стомакот покажуваат и дека им се допаѓаат одредени мелодии.

Кој сè уште се плаши од волкот?

Едно од толкувањата е дека децата се раѓаат со вроден страв од висина, па одбиваат да преминат на „подебел“ дел од стакло. Меѓутоа, некои автори не се согласуваат со тоа дека стравот од висина е вроден, туку мислат дека стравовите се учат. Стравот има функција на зачувување на организмот од опасност, но се поставува прашањето дали на светот доаѓаме подготвени на некои опасности или запознавајќи го светот учиме што во него е опасно.

Истражувањата покажале дека таканаречените развојни стравови се јавуваат со одреден редослед: од раѓање имаме страв од врева и паѓање, сепарациона анксиозност се јавува помеѓу 1 и 2 години, страв од мрак и животни помеѓу 4 и 5, од чудовишта помеѓу 3 и 5 години, од евалуација околу 10, а од повреди од 10 до 12 години. Стравот може да се испита со многу едноставна процедура во која детето се става во опкружување на одредени објекти кои би можеле да предизвикаат страв – на пример змија или алигатор и се следи реакцијата на детето. Постојат многу примери кога малите деца не се свесни дека одредени животни може да претставуваат опасност, што ја потврдува хипотезата дека стравовите се научени.

Децата се егоцентрични

Жан Пијаже со својата теорија за когнитивно-интелектуален развој значително влијаел врз развојот од областа на развојната психологија. Едно од неговите запазувања и концепти што ги создал е егоцентризмот на мислења кој се јавува на преоперационален стадиум од когнитивниот развој, помеѓу 2 и 7 години.

Егоцентризмот подразбира центрираност на сопствената точка на гледиште, субјективни критериуми и не земање предвид на туѓите гледишта. Пијаже проверувал дали детето го надминало егоцентризмот во мислењето така што помеѓу детето и испитувачот, кои седат на спротивните страни од масата, поставил планина на чии две страни се наоѓале билки и животни. Доколку детето не е во состојба по замената на местата со истражувачот да каже што гледа истражувачот, туку наместо тоа набројува што тоа самото гледа, тогаш значи дека сè уште не го надминало егоцентризмот во мислењето. Најновиот начин на толкување на однесувањето сличен на оној што Пијаже го нарекува егоцентризам е и теоријата на умот (Велман, 1992), која исто така има интересни испитувања на детското мислење.

Повеќе понекогаш е едноставно повеќе!

Уште еден од концептите што Пијаже ги дефинирал е конзервацијата. Се работи за процес кој се јавува во операционалниот стадиум од когнитивниот развој, помеѓу 7. и 11. година, а подразбира разбирање дека промената на формата на некој објект не ја менува неговата количина, маса или волумен.

Постојат неколку експериментални процедури со кои може да се провери дали тој процес се појавил кај детето, кој го следат карактеристични мислења во овој стадиум: детето не сфаќа дека во низата еднакви елементи стои истиот број на елементи, без разлика на тоа дали низата е развлечена или збиена, дека количината на течност е иста ако течноста се наоѓа во чаши со различен облик, дека количината на пластелинот останува иста иако се менува неговиот облик, дека со делењето на некој елемент на два еднакви дела не се добиваат два нови елементи еднакви на претходниот…

Децата можат да подивеат од гледање филмови

Во низата истражувања на канадскиот психолог Аберт Бандура (1961) испитувано е влијанието од гледањето различни филмови врз однесување на децата. Во најпознатиот експеримент во оваа низа е користена куклата „Бобо“ – кукла чија тежина е концентрирана во нејзиниот долен дел, па се враќа во стоечка положба доколку се удри. Во истражувањето учествувале 3 групи деца, од кои 2 гледале филмови, а третата била контролна. Резултатите покажале дека децата на кои им бил пуштен филм во кој возрасно лице агресивно се однесува кон куклата така што ја удира со тупаници или чекан, ја фрла и ја шутира, се однесувале поагресивно отколку децата што гледале неагресивен филм или не гледале никаков филм. Благодарение на овие резултати Бандура ја завршил својата теорија на социјално учење со докажување дека човечкото однесување во голема мера е обликувано со имитација.

Не е сеедно со какви кукли играат вашите деца

Во детството, во голем дел, при толкувањето и забележувањето на светот се користи категоризација. Децата прво ги делат луѓето по категории, па така ги разликуваат членовите на семејството и странците, момчињата и девојчињата, возрасните и децата… со текот на времето на таа категоризација се додава вреднување: децата учат кои карактеристики се за нив познати категории и врз основа на тоа ги вреднуваат како позитивни или негативни.

Тестот со кукли е експериментална процедура дизајнирана за да се испита нивото на маргинализација предизвикана од предрасуди, дискриминација и расна сегрегација на афроамериканските деца во САД. На децата им се поставуваат низа прашања во врска со две кукли, една црна и една бела. Откако овој експеримент бил првпат спроведен, малку е ако се каже дека резултатите биле поразителни: повеќето црни деца попозитивно ја вреднувале белата кукла и заклучено е дека тоа во голема мера влијае врз нивниот концепт за себеси.

Меѓутоа, поновите истражувања покажуваат дека постои промена во преференциите на децата… Значи, промената е можна и сите можеме да придонесеме кон тоа ниту еден личен атрибут да не биде причина за негативна себеевалуација на ниту една личност, особено не на така мало дете.

За трпение треба да се стрпиме…

Во последно време на интернет може да се видат голем број снимки во кои родителите им нудат на децата слатки и им велат да не ги допираат додека не се вратат бидејќи одат да завршат некоја работа, а потоа ги снимаат нивните реакции. Дали знаете што навистина испитува овој тест? Истражувачите ја замислиле оваа процедура малку поинаку отколку како што се спроведува на интернет: на децата им се дава едно колаче, а истражувачите им велат дека доколку не го допираат, ќе добијат уште еден кога истражувачот ќе се врати бидејќи мора да оди по нешто во друга просторија. Откако истражувачот ќе излезе, се следи однесување на детето.

На помладите деца им е потешко да го одложат задоволството, додека постарите можат успешно да се стрпат и да почекаат за да добијат и второ колаче. Преку следење на децата што успеале да го одложат задоволството се покажало дека тие деца подоцна во животот се поуспешни, но тој резултат неодамна е доведен во прашање. Иако се дебатира дали резултатите од ова истражување можат да се побијат, истражувањето сигурно ќе остане запаметено како едно од оние со најинтересни реакции на испитаниците.

Извор



912

X