Додека ја читате книгата, поставете ја така што детето ќе може да ја види сликата. Понекогаш сликите предизвикуваат децата да имаат разни асоцијации со дневни настани или можни ситуации, па затоа искористете ја сликата за креативно размислување и замислување на можните исходи од насликаното.
На пример, ако детето види слика од куче, може да ви каже дека се исплашило од некое куче или дека би сакало да има куче како милениче, и многу повеќе. Искористете ја книгата за да дознаете што се „крие“ во главата на вашето малечко. На овој начин често излегуваат на површина детските стравови и сомнежи, бидејќи понекогаш детето не е во состојба гласно да вербализира од што се плаши или што го загрижува. Помогнете му со прашања бидејќи мали неискажани и неоткриени стравови навистина можат да го измачуваат детето.
Доколку имате можност, чувајте ги детските книги во детската соба, на полица, на височина што ќе му овозможи на детето самото да ги земе кога ќе посака. Дури и двегодишно дете знае кои книги му се омилени. Пожелно е кориците и страниците на книгите да бидат цврсти или пластифицирани за да не може детето да ги гризе или кине.
Тригодишно дете сака приказни за животни, и тоа за оние што му се блиски – кучиња, мачки, пиленца итн. Приказните за таа возраст мора да бидат кратки и богато илустрирани, со светли бои.
Во четвртата година децата се многу потрпеливи. Тие се добри слушатели, сакаат духовити пресврти во приказните, поврзуваат причина и последица. Приказните не смеат да бидат предолги и во овој период важно е сликите да бидат јасни.
Во петтата година децата се подготвени да слушаат подолги приказни. Тогаш веќе можете да експериментирате со ликовите бидејќи на малите деца на таа возраст им се допаѓаат настани од секојдневниот живот, да им давате други имиња, да ги опишувате ликовите, па дури и да одглумите одредени ликови од приказните.

Вашето дете со големо задоволство ќе го прифати овој начин на забава и игра со ликови, ситуации и настани, бидејќи не е само пасивен слушател, туку и активен учесник и креатор. Попатно, детето можеби ќе сака да ви каже за искуството кое штотуку го преживеало и да постави илјада прашања без да чека одговор. Ако имате време, можете да напишете неколку збора на големи листови хартија и детето самото ќе ја илустрира сопствената „книга“. Ќе бидете многу горди и вие на него, а и детето на самото себе.
Во шестата година децата се многу заинтересирани за мини енциклопедии соодветни на возраста, со прашања и одговори поврзани за човечкото тело, спортот, природните појави, еколошките прашања. Ваквите енциклопедиски книги, од типот прашање и одговор, се добра подготовка за одење на училиште бидејќи вашето дете самоуверено ќе зачекори во новиот свет, со куфер полн со разновидни знаења.
Автор: Маријана Петровиќ/ психолог