Сите играчки, дури и оние најобичните, ја негуваат детската љубопитност. А ако детето во близина нема играчки, ќе користи што било, што и да му е на дофат – предмети од природата, кујнски прибор, прибор за јадење…

Целиот тој слободен простор за игра, во кој детето само носи одлуки за тоа како ќе си игра, му помага да го изгради својот внатрешен свет и да создаде одреден ред во него. Во поволни услови (кога возрасните не ги насочуваат и не им кажуваат на децата како е „правилно“ да се игра), во текот на играта, детето буквално ја прикажува целокупната слика од својот внатрешен свет. А насобраниот гнев, напнатост, внатрешни судири, може да се изразат со војна и борба помеѓу две вклучени играчки.

За жал, родителите често во таквата игра ги прекинуваат верувајќи дека детето на тој начин се оддава на агресивно однесување. Така, со забранување на агресивните игри, може да се прекине единствениот канал за изразување и ослободување на натрупаните негативни емоции во детето. Детето добро ја разбира условната природа на играта. Ако детето во својата суштина и во секојдневното однесување е добро, а само игрите се агресивни и тоа за родителите е малку застрашувачко, тогаш тоа значи дека детето потенцијалот на играта го користи како лек, како своја терапија. Своите натрупани емоции ги репродуцира на најприфатлив начин.

Игра со негативни емоции

Кога им забрануваме на децата игри со негативни емоции, им го кратиме и разбирањето на тие емоции преку играта. Гледајќи ги и слушајќи ги игрите внимателно, родителите можат да научат што е она што го возбудува детето, што го плаши и да ги разберат искуствата на кои мора да обрнат внимание. А ако вашето дете игра „војна“ со другите деца, погледнете го односот помеѓу нив. Важно е сите да бидат вклучени и воодушевени од заплетот, да постои радост, доброволно учествување во „битките“ и можност сите да се откажат кога ќе одлучат.

Фантазии што се спротивставуваат на логиката

Ова се повторно игри кои не се особено прифатливи за повеќето родители. На пример, оние чија приказна се противи на законите на физиката, хемијата, астрономијата и другите науки. Во имагинацијата не е ништо помалку важно од рационалното размислување во истражувањето на светот. Светот на детето е свет на бајки, магични можности, фантастични приказни. Во игрите возот може да се движи во воздух, браќата и сестрите се раѓаат откако возрасните ќе се бакнат, коњот може да лета. И ако имате неодолива потреба на своите деца да им објасните дека сето тоа не е можно – воздржете се додека трае играта. Можете во друга пригода да им го објасните тоа, на пример, преку читање енциклопедија.

Игри насочени на процес, а не на резултат

Детската игра со пластелин, глина, песок, вода, бои може да се стави во оваа категорија. И тука понекогаш возрасните се мешаат обидувајќи се да донесат некаква смисла, по сопствено убедување. Ако детето црта, мора да добие слика. Или топката од пластелин по секоја цена треба да ја претвори во буба-мара, јаболко или нешто трето.

Родителите не мислат на тоа дека детето во процесот на дробење, движење, моделирање, може нешто да научи и да ужива. Можеби детето сака да го провејува песокот, пуштајќи го да му се провлекува низ прстите. Сака да меша различни бои во водата.

Возрасните би требало да имаат време за одмор, но исто така и децата. Потребни им се моменти кога можат да се опуштат. Во горенаведените активности се отвора можноста за опуштање и природна медитација. Детето не може и не мора да го прави само она што родителите го сметаат за разумно и примерно.

Игри со кал

На овие игри треба да им обрнеме повеќе внимание во секојдневниот живот на детето. Тоа се активности што не треба да се ограничуваат бидејќи се извор на сензации кои му се потребни на детето. Преку нив детето се запознава со различни материјали и нивните својства. Истовремено, детето се задоволува со својата истражувачка страст. Постои широко поле за креативно изразување и експериментирање. И многу е жално да се гледаат родителите како интервенираат и ги прекинуваат детските импулси кога се знае колку детето се развива и истовремено ужива во игрите со кал. Меѓутоа, ова секако не значи дека сѐ е дозволено. Возрасните создаваат услови во кои се игра. Играчките треба да бидат безбедни, куќата „подготвена“ со соодветна заштита, ако при играта се предизвикува неред. А ако материјалите оставаат можност за голем неред, детето треба да биде заштитено со престилка.



912

X