Откако ќе наздравиме за нашиот триесетти роденден, грбот наеднаш почнува да нѐ боли на чудни места. Повеќе не можеме да јадеме десет палачинки, чизбургер и половина чоколадна торта без да ги забележиме на нашето тело.

Мислам дека нема потреба да пишувам премногу за излегувањето, количината на алкохолни пијалаци и мамурлакот, бидејќи добро знаете дека веќе не е така лесно да го применувате тоа.

Но по триесеттите најмногу ме фасцинира односот со моите родители, кој се менува на толку суптилно драстичен начин што не знаев дали ми е мило или, пак, жалев поради тоа.

Како возрасни, обично не ни е потребна поддршката од нашите родители за да нè водат во секојдневниот живот, како што тоа било кога сме биле помлади.

Оваа неизбежна трансформација изгледаше непријатно, но и пријатно во исто време. Колку и да е возбудливо што ја имав мојата независност, имаше моменти кога се чувствував како петгодишната Мирна на која сè уште ѝ треба поддршката од мајката и прегратката од таткото. Повеќе од кога било, ми беше важно што ќе ми кажат моите родители и понекогаш се чувствував малку изгубена. Ја задевав мајка ми со прашања кои не ги поставував ни во основно училиште.

Целата независност што толку ја посакував како дете и сега конечно ја добив, падна во вода со првото од илјада прашања: „А што мислиш дека треба да направам со ова и она?“ Кога се навраќам на ваквите ситуации, мислам дека бев изгубена затоа што сакав, а не затоа што навистина беше така.

Тешко беше да се прифати дека односот со родителите се менува, добива нови димензии кои се карактеризираат со еднаквост и меѓусебно почитување. Прекрасно е да се доживее моментот дека повеќе не сме обврзани со улогите на негувател и несамостојно дете и дека продолжуваме да градиме врска базирана на споделени искуства.

Конечно ги гледам моите родители како луѓе, иако знам дека тоа звучи ужасно, но навистина е така. Како дете не размислував за тоа дека отфрлиле сè за мене и за моите сестри, ниту пак размислував за тоа дека тие имаат свои соништа. Тогаш тие беа авторитативни личности кои ме поддржуваа повеќе за разлика од другите родители кои ги знаев, но исто така велеа „не“ кога не сакав да го слушнам тоа.

Во последните неколку години, додека зборуваме повеќе за подлабоки теми, ми стана појасно дека мајките и татковците се исто како нас и дека целото тоа време додека се обидувавме да бидеме мали бунтовници, тие имале еден куп проблеми исто како и ние сега. Тој момент на разбирање ме тера да чувствувам сосема ново ниво на сочувство за нив.

Најдрагата промена што се случува во врска со родителите кога ќе наполните триесет години

Покрај овие вредни сознанија за родителите додека растеме, доаѓа и тој момент кога детето му станува родител на својот родител.

И покрај тоа што разбирам дека моите родители се постари од мене и дека можат да прават што сакаат, јас им се лутам на мајка ми и татко ми, веројатно исто колку што и тие би ми се налутиле ако останам надвор долго време.

Не бев подготвена за тој нов слој на врски, но со оглед на тоа што природно имам способност ненормално да се грижам за сè и секого, тоа чувство не ми беше туѓо. Со оглед на тоа дека од седумнаесет години живеев одвоено од моите родители, секогаш кога ќе се видевме, сѐ повеќе бев свесна дека и тие стареат.

Сега кога се поблиску до мене, го ценам секој момент што го поминуваме заедно, но и бескрајно ги нервирам затоа што ги потсетувам дека треба да пијат повеќе вода, да се хранат поздраво, да не излегуваат премногу, во основа ги нервирам за сето она што тие ни го кажувале кога биле помлади. Универзумот очигледно уредува сè како што треба и како бумеранг нè потсетува дека не се разликуваме толку од оние што нè довеле на овој свет.

Омилената промена што им се случува на нашите родители кога ќе наполниме триесет години – е тоа што ние навистина сакаме да поминуваме време со нив. Сакам да ги слушнам нивните приказни од минатото, иако сигурно ми ги кажале веќе десетина пати, но овој пат навистина сакам да ги слушнам. Сакам да слушнам и со какви предизвици се бореле кога имале триесет години, но сакам и да споделат со мене што повеќе животна мудрост бидејќи сум свесна дека навистина немам поим од животот.

Некои од нас не можат да се запознаат со своите родители како возрасни, но оние што ја имаат таа привилегија едноставно треба да ја направат свој приоритет.

Односот со моите родители е обележан со подеми и падови, смеа и расправии, но тоа е основата на која го градам мојот живот и понатаму. Иако нашиот однос се менува, љубовта што ја делам со моите родители сигурно ќе издржи што и да донесе торнадото на животот.

П.С.: Јавете им се на родителите што е можно поскоро.

Автор: Мирна Диздаревиќ Рогиќ

Извор



912

X