Воспитување

И на мајките им е дозволено да го изгубат трпението понекогаш – и тоа е во ред

Викање, плачење, многу емоции, излив на бес и слично….

Но, ова не му се случуваше на моето 8-годишно дете, туку мене. Тоа беше сцена која се одвиваше пред неколку недели во мојата бања кога се обидував да ѝ ја наместам косата на мојата најмала ќерка за на училиште, каде што требаше да се фотографира со својот клас. За некој што не знае да прави поинакви фризури од опавче, тоа е навистина тешко, но кога имате дете на кое му велите да стои мирно, а тоа прави сѐ само не стои мирно, тогаш притисокот е премногу голем и тоа е резултатот. Додека многумина (разбирливо) би ме погледнале со ужас поради изливот на емоции, мојата ќерка ме погледна, се насмеа и рече: „Мамо изгледаш како мене кога сум лута“. Подоцна тој ден се мислев во врска со тоа што таа ми го рече.

„Изгледаш како мене кога сум лута“

Од една страна, мислев дека тоа е смешно, а од друга, си помислев дека споредбата со дете од основно образование и изливот на емоции и не е баш во ред. Како родители знаеме дека децата обично имаат изливи на бес бидејќи не се доволно способни и развиени за да се справат со големите емоции, па сето тоа е премногу за нив. Но, што е со мене? Имам речиси 40 години – бев малку засрамена и преплашена од своето однесување. Но, потоа имав откровение – нешто кое сметам дека треба да го споделам со сите родители. Без разлика дали е бес поради неможноста да се направи фризура, поради повторувањето по милионити пат децата да ги кренат валканите чорапи, да побрзаат или што и да е, од ова произлезе моето откровение.

„Фрустрацијата која само родител ја знае“

Листата со активности од кои родителите губат трпение е долга. Но, ова е поголемо од само обвинување на децата за нашите изливи на емоции. Всушност, мислам дека е многу важно да ги прифатиме тие наши моменти на губење на трпението како дел од нашето родителство. Кога нашите деца имаат изливи на бес, претпоставуваме дека тие не научиле да се справат со своите емоции на здрав начин. Има и претпоставка дека ние, возрасните, знаеме како. И поголемиот дел од времето знаеме. Но, никој не ни објаснува како да се однесуваме кога има комбинација од неисцрпна листа со активности и моменти на тест во родителството, па едноставно притисокот е преголем – реално, нема водич кој ви објаснува како да издржите во таквите моменти.

„Оставете сѐ да излезе“

Бидејќи некогаш нема нешто што може да се направи, едноставно оставете сѐ да излезе од вас. Некогаш е во ред и ако викате, врескате, па дури и да се превртувате на подот ако така ви е полесно во моментот. Можеби мојот момент пред неколку недели беше нешто за кое се каам и се срамев, но сите што сте имале излив на бес, знајте дека ќе се чувствувате подобро што сте се ослободиле од фрустрацијата. Знам дека барем мени ми беше така.

Не чувствувајте се лошо што сте имале излив на емоции, излив на бес, „момент“ или наречете го како сакате, прифатете го тоа како единственото решение кое во моментот ви е на располагање, токму поради притисокот и фрустрацијата од постојаното повторување, молење, притискање на границите на трпението и сето друго што е дел од родителството.

Плус, дали нашите деца некогаш се чувствуваат лошо поради своите „моменти“? Не.

Автор: Шона Хендли

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top