Баби дедовци, слушајте.

Ве сакаме, навистина. Како родители, повеќето од нас не можат да преживеат без бабите и дедовците кои имаат волја да ни помогнат со тешките предизвици што ги носи родителството. Исто така, кога гледаме дека нашите деца го живеат животот со постарите генерации е прекрасно и може да се види колку ги обожавате нашите деца.

Навистина. Многу сме благодарни. Многу.

Но.

Некои од вас треба да направат огромен чекор назад и да нè остават малку да дишиме.

Затоа што, бабо, ќе изгубам контрола ако само уште еднаш донесеш прескап роденденски подарок, за кој сум ти нагласила дека не ни е потребен. Зошто треба да објаснувам дека не е потребно моето дете да добие 17 десерти кај тебе дома пред да оди во кревет, седум часа подоцна од неговото регуларно одење на спиење. И постојано сум изморена од чувството дека моите деца добиваат повторно родителство од тебе. Тешки зборови се ова, знам. Но, послушај ме.

Го сакав тоа што имав специјална врска со моите баба и дедо додека растев. До ден-денес го помнам секој поглед и мирис од куќата на моите баба и дедо и се смеам секогаш кога ќе ги видам житарките што ме потсетуваат на нив, бидејќи тоа беше единственото време во мојот живот кога ми беше дозволено да јадам благи житарки, оти баба ми ги купуваше.

Мојот дедо ме оставаше да останувам будна подоцна од моите браќа и секогаш ми намигнуваше пред спиење. Седев тивко до неговиот стол и ги гледав омилените ТВ-програми со другите возрасни секој петок, кога одевме на посета.

Да, моите баба и дедо ме оставаа да добивам специјални ужини и ги прекршуваа правилата кои моите родители ги имаа поставено. Но, знаете што не правеа тие?
Моите баба и дедо не се наметнуваа и не ги гледаа своите внуци како втора рунда родителство.

Овие денови толку многу се пишува за „хеликоптер-родители“ – родители кои едноставно не ги оставаат на мир своите деца. Хеликоптер-родителите се вклучени во секој аспект од животот на децата и сега гледаме генерација деца кои се борат со своите животни вештини бидејќи мајките и татковците ќе завршат сè. Но, тука сум да ви кажам дека „хеликоптер-баби и дедовци“ исто така се проблем. Бабите и дедовците излегуваат надвор од контрола со нивните очекувања кога се зборува за поминување време со внуците.

Сведочев на семејни расправии во однос на патувања во „Дизниленд“ откако од бабата и дедото љубезно беше побарано да останат дома, во служба на креирање спомени како непосредно семејство. Имам вести за вас, баби и дедовци: не сте должни да одите во „Дизниленд“ со своите внуци за да се чувствувате подобро околу фактот дека не сте можеле да си дозволите да ги одведете таму своите деца пред 30 години. Уште повеќе, зошто воопшто би сакале да одите во „Дизниленд“ со мали деца?

Сте го заслужиле правото да одите самите на пијалак и да си поминувате време заедно. Затоа одете. Сами. И оставете нè да ги креираме нашите Дизниленд-спомени.

Животот е различен за нас сега, баби и дедовци. Многу поразличен од времето кога вие бевте родители. Сега имаме социјални медиуми и деца со претрупан распоред, со премногу воннаставни активности и тенка линија помеѓу семејниот живот и работата. Светот е многу пострашен и е многу потешко да се воспитуваат деца и понекогаш родителите не сакаат ништо повеќе отколку гушкање со децата на каучот и поминување заедничко време – без јавувањата од бабите и дедовците кои бараат да дојдат со нивните исти пижами и да делат пуканки.

Верувајте ми, ги сакам нашите баби и дедовци, па затоа немојте да ме сфатите погрешно. Признавам дека за многу деца бабите и дедовците обезбедуваат стабилни домови, полни со љубов, кога родителите не можат да постигнат. Тие баби и дедовци – ве поздравувам, бидејќи знам колку е исцрпувачки сето тоа. Можам да замислам сите тие обврски да ги правам во моите 70-те години. Но, не зборувам за нив, туку за оние премногу инволвирани баби и дедовци кои сметаат дека имаат должност да бидат постојано присутни или оние што бараат да бидат поканети на секоја училишна активност. Оние што изгледа не можат да разберат дека е во ред да избегнат некој од концертите на внуците во обичен ден од неделата.

Одејќи на училишни настани деновиве, гледам армии од баби и дедовци со нивните маици „Горд дедо/баба“, кои ми го блокираат видикот со нивните таблети и телефони во воздух, додека зборуваат прегласно за тоа колку се горди на нивното внуче, кое во моментот воопшто и не пее. Едно е да се дава поддршка, а друго е да се биде „дополнителен“ родител.

Моите пријатели раскажуваат приказни за баби и дедовци кои се појавуваат ненајавени за да играат со своите внуци, иако знаат дека домашната работа и училишните активности имаат приоритет преку ден. Една пријателка плачела кога едно божиќно утро бабата и дедото на нејзините деца им донеле билети за концерт на Тејлор Свифт, со што ги ставиле во сенка подароците што тие како родители ги купиле за своите деца.

Сериозно, баби и дедовци, не се сеќавате како беше да се биде родител кој постојано се бори? Не се сеќавате дека ви беа потребни тие моменти на победа? Родителите се потпираат на тие моменти кога нашите деца сметаат дека сме најдобрите родители на светот, бидејќи повеќето денови едвај издржуваме да ги одржиме нашите животи. Не се сеќавате какво беше чувството да се „давите“ во убавите денови и да поземате воздух во лошите денови? Ве преколнувам да направите еден чекор назад и да ни дадете малку простор кога се работи за воспитувањето на нашите деца. Освен тоа, како на децата ќе им недостигате кога секогаш сте тука? И ве молам, ве молам не доделувајте ми листа со подароци што сакате да ги купам за да можете вие да ја земете целата заслуга на Божиќ. Едвај можам да се справам со мојата листа. Направете пауза, бидејќи е наш ред да бидеме родители.

Ви ветуваме дека ќе објавиме фотографии на „Фејсбук“ за да можете да се фалите колку се неверојатни вашите внуци, на сите ваши пријатели.

Автор: Кристин Бурк



912

X