Од што најмногу се плашам?

Се плашам од потезите што ги повлекувам во моментите кога не сум паметна, кога ќе се залетам без размислување, кога ќе ме повлече чувството на незадоволство, фрустрации, бес. Кога малку ќе размислам, човекот си е најголем непријател на себеси (а камоли жена). Сите одлуки, сè што сум правела години наназад, ма какви години, децении… Сè грешка до грешка, од една заблуда во друга.

И многу пати сум се прашувала зошто и како е сето тоа можно. Како е можно една здрава, права, веројатно нормална, образована и пристојно воспитана личност толку да работи против себе. Зошто една жена, која било жена, во овој случај јас, не умее да стави прст на чело, да размисли, сфати, промисли, одлучи и да го спроведе она што знае дека за неа е најдобро. Ете, покрај сите компликации што животот ми ги донесе, или веројатно баш поради сите компликации, постојано си го вртам низ глава ова прашање.

Работиме против себе бидејќи немало кој да нè научи кои сме, што сме и што е она што во животот го заслужуваме. А заслужуваме само најдобро.

Не мислам на пари или на голема љубов или големо семејство, ниту на добра работа. Мислам на внатрешен мир, достоинство и чувство за сопствена вредност. Мислам на нашата вредност како човечки битија. Мислам на смиреност и достоинство како „модус вивенди“, како начин на кој треба да го проживееме својот животен век. Ете, на тоа мислам.

Работам против себе бидејќи пораснав во семејство каде што одгледувањето деца се сведуваше на храна, облека, лекари, училиште и сè беше како што треба, и сето тоа е во ред, бидејќи секогаш имав сè што ми требаше, а често и повеќе од тоа. Сега, низ грешките што сум ги правела и кои и понатаму ги правам, ме стигнува сето она што моите родители погрешно го правеле. Не ги слушаа моите мисли, моите желби, потреби, стравови и дилеми. Бидејќи не е сè во облеката и училиштето.

Нешто е и во чувствата.

Зборувам пред некоја вечер со ќерка ми, вели дека во училиштето тоалетите се грозни. Јасна работа, тоа кај нас е жална класика. Студено е, се случува да нема ниту капак на веце-школката. А и кога има, често е валкан. И така таа не оди во тоалет. Што да правам? Да ѝ скокнам на учителката, на директорката? Залудно е, хигиената е вештина која не ја совладале сите, ниту пак ќе ја совладаат. И го предлагам следното: ќе купам специјална хартија која се става на капакот, а потоа едноставно се фрла во веце-школката. Практична работа. Прво рече може, одлична идеја. Подоцна, од мракот во детската соба – светлото веќе изгасено, време за спиење – ме повика. Не може да спие, размислува. „Мамо, не сакам да ми ја купиш таа хартија, не ми треба“. Утредента се премислуваше, па праша, дали може таа хартија да ја свитка. За никој да не ја види и да не ѝ се потсмева…

Веднаш сфатив: не сака да се разликува од другите деца. Ако никој во тоалетот не носи хартија, тогаш нема да го прави тоа ни таа. Сака да биде иста како другите и тоа е нормално. Подоцна можеби ќе сака да се истакне, да се издвојува од масата, но засега природниот процес на социјализацијата налага да го прави она што го прават и другите, да не отскокнува.

А за тие работи родителите мора да имаат слух.

Бев против „паметен часовник“ додека не сфатив дека повеќето деца во одделението го имаат тој реквизит. И понатаму сметам дека можеби не ѝ е неопходен, но го доби. За да не се издвојува од масата, за да се чувствува добро. Ситница која за неа е многу важна за да стекне самодоверба. Сите тие работи, сите тие моменти за кои не сакаме да размислуваме, кои за нас се глупости, за нашите деца не само што не се, туку се и најважни. Поважни од храна, облека или оценки.

А на родителите најчесто приоритет им е сè друго. На родителите им е важно детето да е најадено, здраво и подготвено да учи. На моите им беше важно да бидам послушна, да не излегувам премногу, дома да се враќам рано и секогаш да ме имаат на видик. Мојата мајка уредно пребаруваше по моите фиоки, но никогаш не седна со мене да разговара како жена со жена. А така тешко може да се созрее. Така јас станав – јас, личност која долго не можеше да сфати дека греши, бидејќи доцна во животот успеала да се избори за право на грешка. Бидејќи немаше кој во грешките да ја следи и советува. Моја пријателка има возрасна ќерка која е заглавена во кредит, па во кредит за отплата на кредит и така во круг. Имала желби, тоа е природна работа. Немала доволно примања за остварување на тие желби и за живот за кој фантазирала, па од грешка во грешка, се довела во тешка ситуација. До тоа можеби не би дошло ако родителите, освен што ја хранеле, облекувале и образовале, ѝ посветеле внимание, она човечко, она што на децата најмногу им треба. Можеби, ако се обиделе да загребат под површината, можеби навистина би го виделе своето дете, она што го направиле, а не некоја личност која ја одгледале, на која ѝ овозможиле материјални услови – и ништо повеќе.

Не сме семоќни и патот до квалитетно родителство е поплочен со грешки кои изгледале како најдобри намери. Што да правиме, а што да не правиме? Не им е на децата важна најубавата облека, навистина не им е. Важно им е да не се разликуваат. А додека не станат свесни за себе и за особините што ги прават уникатни – треба тоа да им го дозволиме, да се вклопат.

Не им е на децата важен часот по странски јазик или пијано. Се разбира, добро ќе им дојде и ќе им значи еден ден. Но, пред сè, сега, во овој момент, баш овој, им значат прегратката и топлиот збор. Пофалбата.

Не им се на децата најважни добрите оценки. Нам ни се, тоа е вистина. Но, ним им е важно времето што го поминуваат со нас, тоа заедничко читање на некоја бајка, заедничко решавање задачи по математика. И пофалби, многу пофалби. И разговори, постојано разговори. За еден ден да не прават погрешни избори или да имаат погрешни потези, за да не се заљубат во погрешната личност. За да не станат најголеми непријатели на себеси и од незнаење и немање искуство да работат против себе.

Како што јас го направив тоа.

Извор



912

X