Денеска слушнав дека една американска држава донела закон – на родителите кои не ја почитуваат желбата на нивното петгодишно дете да го смени полот, ќе им биде одземено детето.
Кога првпат отворив профил на „Инстаграм“, се изненадив кога видов дека камерата веќе е поставена за да се фотографирам себеси, а не надворешниот свет. Се подразбира дека сакаме да се фотографираме, нели, освен ако не се изразиме поинаку. Во тоа симболично го гледам почетокот на ова страшно, бездушно, неморално злосторство со промена на полот на децата. Затоа што кога ги поништуваме СИТЕ традиционални вредности, вклучително и најдобрите и најхуманите, кога лојалноста (во љубовта, пријателството, бизнисот) ја прогласуваме за наивност, кога простувањето и разбирањето меѓу луѓето ги прогласуваме за слабост и недостиг на достоинство, и од друга страна, кога правичниот гнев го прогласуваме за агресија и насилство, кога почнуваме да ја величаме саможивноста и самодоволноста, кога станува нормално да превртуваме очи при ненајавени посети и семејни собири, тогаш што ни останува?
Останува девојката која на својот „Инстаграм“ профил ставила фотографија од СЕБЕ, со балони во форма на број 28 и под сликата пишува: „Среќен роденден на моето најдобро момче“, или невестата која мисли дека нејзината свадба пропаднала затоа што фотографот пропуштил убав момент, или остануваат мајките кои секојдневно ги фотографираат своите деца за да добијат лајкови на социјалните мрежи.
Или, пак, татковци кои кога ќе се вратат од работа, ги креваат нозете и не го пуштаат телефонот додека децата поминуваат покрај нив како да се безживотни трупови, без воопшто да бидат забележани.
Или кога ќе видите заљубена двојка како се бакнува под некое прекрасно расцутено дрво во паркот и едноставно знаете дека некаде имаат телефон со камера, потпрен на некоја гранка, или кога луѓето се очајно гладни за идентитет, гладни за припадност и бараат да ги наречете со називот „небинарен/а“, родово флуентни или што и да е, заради внатрешниот јад и празнина кои ги чувствуваат, бидејќи како и секое здраво суштество, тие треба да знаат кои се и каде припаѓаат.

И, ужасот над сите ужаси – кога ќе сфатите дека некои родители ќе ги користат своите деца за да го добијат истото за себе. За тие сами себе да се прифатат, дури и самите би создале криза на идентитетот кај детето за да носат на гради орден на маченици и праведни борци, за да знаат кои се тие самите и која е смислата на нивниот живот.
Изворот на сето ова зло, барем јас така гледам на нештата, е тоа што на луѓето им е одземено чувството на припадност и знаење, како и здрава, незаканувачка гордост за тоа кои се и од каде доаѓаат.
Автор: Жељка Курјачки Станиќ, психолог и психотерапевт