Лиз Крејгер, мајка на две деца, искрено зборува за тешкотиите низ кои поминува секојдневно, а кои повеќето родители ги кријат…

„Првиот пат кога го изустив тоа гласно, бев сама во бањата.
Беше доцна, вистинско глуво време и ништо во врска со моите малечки деца од осум и четири години не одеше како што треба. Сепак, тоа беше многу повеќе од една тешка ноќ. Беше многу непријатно да се сфати колку многу такви ноќи поминале и уште колку многу ќе ги има. Сѐ повеќе и повеќе. Во тој момент на чиста искреност ги голтнав солзите и конечно признав: ‘Го мразам ова’.

Вториот пат разговарав со мајка ми откако ги однесов децата на училиште, жалејќи ѝ се за некоја тешка фаза низ која поминуваше едно од децата во тој момент. Иако не бевме премногу блиски, во тој момент почувствував силна поврзаност. ‘Понекогаш навистина не го сакам родителството’, ѝ признав. ‘Ги сакам моите деца. Но родителството… повеќето работи што ги вклучува… мислам дека воопшто не го сакам.’

Во текот на последните неколку години во сѐ повеќе разговори со другите мајки додека ги носевме и земавме од училиштето, во фејсбук-групите и на форумите, таа малечка вистина со која се борат родителите, обидувајќи се да го засакаат родителството или барем да пронајдат малку пристојно време, конечно исплива на површината.
На една забава пред неколку години една триесетгодишна жена призна (со помош на неколку чашки вино) дека понекогаш смета дека на своите деца би им била подобра како нивна кул тетка отколку како родител, иако, се разбира, ги обожава од дното на душата. ‘Вината е моја, не е нивна’, рече таа. ‘Тие се нормални деца, но понекогаш замислувам каков би бил животот без нив’.

Кога на некои луѓе им споменав дека пишував на оваа тема (луѓе ова не е план или интервју), добив неколку фаци со подигнати веѓи. Можеби некои реагираа на овој мрачен наслов, иако би можела и да се расправам за тоа дека и самите се несигурни и дека ги кријат сличните чувства. Други едноставно ме прашаа: ‘Зарем не се чувствуваат сите така одвреме-навреме?’

Отворено за темната страна

Дефинитивно се случи подем на жанрот ‘искрена мајка’ – што често се преклопува со ова исфрлање сѐ од себе под дејство на вино, благонаклоно занемарувајќи го тој фазон ‘лоша мајка’, со многу саркастични коментари на ‘Твитер’ и оние што ги исмејуваа тие тешки, мачни и понеубави делови од родителството. Но на некој начин тоа беше и добронамерно, барем за сите нас што се распаѓаме, што сме лути, забарикадирани во бањата, жалејќи се дека не можеме да ги истуркаме сите овие денови, недели, месеци пред нас.

‘Вистина е, родителството главно е тешко и неблагодарно’, додава Кеси Френклин, мајка на две деца, која од дома работи полно работно време. ‘Таа постојана, константна монотонија на сето тоа има големо влијание врз мене: пакување ужини, распакување торби, миење садови, прегледување домашни задачи. Едноставно, не сакам такви работи’.
Иако сѐ повеќе луѓе на социјалните мрежи го коментираат родителството (придружено го голем број пцости), сепак, повеќето постови на ‘Фејсбук’ и натаму се полни со слики и зборови кои нѐ потсетуваат да уживаме во секој момент. ‘Луѓето дефинитивно не зборуваат доволно за тоа’, вели Френклин. ‘На социјалните мрежи сѐ е слатко, совршени моменти и мајки кои зборуваат и плачат затоа што ги оставаат децата во градинка. Јас? Јас воскликнувам – амин!’

Нетрпеливоста кон родителството секако не трае цело време, но растројството дефинитивно е честа појава. ‘Кога децата ни се слатки, фини и внимателни, тоа навистина е награда’, вели една мајка адвокат, која искрено кажува дека не го сака ‘тоа патување’ толку многу, но според нејзини зборови, ‘тоа сепак е околу 70% од времето’.

Слична е математиката и кај уште една мајка, Ана Харлинг, која изјави: ‘Постојано се менува, но сепак, покрај сѐ, 70 отсто не го сакам родителството. Тоа нема никаква врска со моите деца и со тоа колку ги сакам. Всушност, се држам за препораката – ги сакам своите деца, особено кога не сум со нив’.
И таа изјави дека најтешко ѝ паѓа повторувањето на истите работи, што најмногу ја убива среќата. ‘Родителството е чуден спој на очекуваното и неочекуваното, а тоа навистина ме излудува. Тотално оди против правилата на сите односи во твојот живот. Некогаш му велам на детето да легне во вообичаеното време и тоа ќе ме послуша во истиот момент. Следната ноќ ја правам истата работа, во истото време, а за возврат добивам вистинска експлозија’.

Зошто токму сега и зошто ова е поважно од кога било?

Ова воопшто не е изненадувачки, вели Алисон Шафер, семеен консултант. Во суштина, она што може да се наоѓа зад ваквото чувство е ‘симптомот кој произлегува од модерното родителство во западниот свет, каде што и покрај сѐ поголемиот број вработени жени, времето покажува дека поголемиот дел од времето жената го поминува работејќи домашни работи и грижејќи се за децата, и тоа само се зголемува’.
Покрај сето тоа, жените треба да балансираат со грижата за децата, бидејќи времето е сменето. Од активности, преку домашните задачи и обврски, нашите родители ни приближно не биле вклучени во сето тоа, тие за нас правеле многу помалку отколку ние денес за нашите деца. ‘Како родители, бараме многу повеќе од себе’, вели Шафер. ‘Со текот на времето ние го претворивме родителството во професија’.
Повеќе од кога било трчаме наоколу со сите тие активности во текот на неделата. Денес децата во просек имаат од три до пет активности седмично, за разлика од нашето време, кога имавме по една единствена активност. Како родители, сметаме дека сите тие активности се клучни за развојот на детето и тогаш сме под голем стрес заради истражувањата, распоредот и вклученоста во сѐ.

Исто така, тука е и одложувањето на родителството. И јас моето прво дете го добив на 34 години. Ова може да води кон зголемено чувство на губење на автономијата. Мајките може да имаат многу интересно едукативно, професионално, туристичко искуство кое сакаат да го редуцираат за да остават простор за негување на своите деца. Се разбира, многумина го истакнуваат и тоа дека младите мајки пречесто излегуваат и имаат и други активности и не се доволно подготвени за мајчинска улога.

Постои еден брутален факт за децата: се наоѓаат под влијание на фантазиите за семејството и реалноста, каде што нашиот стар начин на живот може да биде целосно надвор од дофат. Се чувствуваме како да мора да направиме избор меѓу долготрајната сатисфакција и моменталната среќа – преку ден да работиме работи кои не ги сакаме за на крај да создадеме среќно семејство. Без оглед на моите силни чувства за родителството, и понатаму сметам дека сум многу среќна, иако тоа е повеќе некоја ‘ретроспективна’ среќа, а не онаа во која навистина уживам во животот од час во час.

Што се однесува до мене, кога се работи за родителството, најважно ми е времето кога сме заедно, врската што ја создавам со моите ќерки. Не сум добра во подготвувањето оброци, но подготвена сум со нив да разговарам со часови, да ги учам на некои работи, да им раскажувам за книги и да им ставам до знаење дека, без оглед на сѐ, тука сум за нив во секое време.

За крај, ни општеството не ни дава никакви заслуги за тоа што сме родители. Бројот на родители кои работат од дома расте, што дава одредена флексибилност во работата, но често прераснува во обид на родителите да работат две работи истовремено, па ‘пукаат’ под притисокот.

По разговорите со многу мајки и експерти во областа на родителството, сфатив дека две спротивни идеи може да коегзистираат во исто време – можеш да ги сакаш своите деца најмногу на светот, додека во исто време ги мразиш сите секојдневни обврски што ги носи мајчинството. Иако ужасно се нервирав правејќи појадок и ги мразев сите активности на пладне, денот сепак не ми е уништен и ќе се вратам во рамнотежа. Тоа беа претешки моменти, но поминаа. Пошироката слика е многу поважна и навистина е совршена.“



912

X