Ако имате дете на која било возраст, тогаш знаете што се случува кога ќе му го одземете мобилниот телефон или друг уред. Пеколен бес од дете на кое му е одземен уредот, без разлика која е причината.
Првиот пат му го зедов телефонот на син ми кога имаше 12 години. Не можев да поверувам што гледам и што слушам. Плачеше долго време и имаше излив на бес кој не наликуваше на ништо што дотогаш го имав видено. Изгледаше депримирано со денови, а помина цела недела додека повторно се врати во нормала.
Тогаш сфатив дека мојот син е посреќен без телефонот.
Излегуваше надвор за да го вози велосипедот. Зборуваше повеќе. Не изгледаше анксиозно. Ова беше пред повеќе од 5 години. Сега сфаќам дека она што мислев дека е интензивен карактер на мојот син, всушност, било нешто повеќе. Моите две помлади деца, кои се поопуштени од постариот, реагираат на ист начин кога ќе им го ограничам времето пред екраните. Како да се претворени во различни луѓе и би направиле сè само за да поминат време пред електронските уреди. Долго време им кажувам дека сум загрижена за нивната состојба и нивната иднина. На 17, 15 и 14, моите деца најголем дел од своето време го поминуваат на нивните телефони. Им реков дека сум истражувала. Знаат дека сум автор и зборував со лекари и психолози за влијанието на уредите врз нивните умови и емоции.
Сепак, не е важно – не ми веруваат мене.
Кога видов документарен филм на „Нетфликс“ за оваа тема – „Социјална дилема“, знаев дека треба да го гледаме. Бидејќи доаѓа од луѓе што работеле во компании како „Инстаграм“, „Фејсбук“, и „Пинтерест“, знаев дека нивните зборови ќе имаат поголем ефект отколку моите – барем се надевав на тоа. И бев во право. Тие беа премногу задлабочени во своите уреди за да ја видат вистината, но откако ги слушнаа зборовите на луѓето кои тоа го работеле, добија увид како всушност им прават телефоните да се чувствуваат. Им беше морничаво и чудно бидејќи добија чувство дека се „шпионирани“ со цел да бидат постојано приклучени на телефоните.
За мене, тоа беше застрашувачко.
Бев свесна дека се чувствувам различно – повеќе сум депримирана и анксиозна откако поседувам паметен телефон. Доволно сум возрасна да имам спомени на време без вакви уреди. Се сеќавам на периодот пред „Инстаграм“ и „Гугл“. Пораснав кога мораше да го чекаме нашето омилено шоу на ТВ, кое се емитуваше еднаш неделно, или се чекаше да се добие телефонски повик од пријател. Имав одличен живот без одвлекувачи на вниманието, за разлика од сега. Не се споредував со стотици луѓе – повеќето од нив непознати кои ги гледам на интернет секој ден, ниту пак „скролав“ со часови. Играв, читав, пишував и поминував часови во дневно сонување. Се радував што ќе ги видам луѓето во реално време и ќе создадам реални односи. Правев вистински планови.
Не може да е случајност што сите мои 3 деца не чувствуваат потреба да излезат надвор и да се социјализираат, или немаат силна желба да ја напуштат својата соба. Во нивните умови останувањето во соба не значи пропуштање нешто од животот, туку немањето телефон и поминувањето време со семејството и пријателите за нив е пропуштање нешто.
Тоа е тажна вистина со која сите мораме да се соочиме.
Мислам дека гледањето на овој филм им помогна да ги разберат работите, но ако сум брутално искрена, тие пак не ги оставаат телефоните. Но, јас не се откажувам. Се надевам дека ваквите дела ќе бидат почесто правени за новите генерации да научат да остават малку простор помеѓу себеси и апликациите. Можеби првиот чекор е да се води според пример – една апликација по една.
Автор: Кејти Бингам – Смит