Поентата е децата да сфатат дека се прифатени, сакани, ценети и важни… и кога не се најдобри. Ако не го пробаат тоа навреме, а многу од нив не добиваат можност, како ќе знаат дека планетата ќе продолжи да се врти иако нешто утнале?!

Како малечка била добро дете. Не викала во влезот, ги средувала своите работи, не ги туркала и корнела за коса своите врсници, ги споделувала играчките, трчала внимателно. На сите часови каде што ја носеле одела со задоволство, прецизно ги миела забите, ги врзувала врвките, јадела сѐ што ќе ѝ понуделе, ги слушала баба и дедо…
Од малечка, во друштво на возрасните за неа се зборувало гласно и гордо, како за модел на дете кое е сон на сите родители. Таа тоа го слушала со години. А кој би сакал да го прокоцка тоа…
Кога тргнала во основно училиште, веќе знаела кирилица и латиница. Била вредна, домашните задачи ги извршувала самостојно, а торбата и облеката ги подготвувала навечер пред првата смена, а не наутро. Ги имала сите петки. На воншколските активности ја префрлиле во напредната група.

Се запишала во најдобрата гимназија со речиси 100 бода. Ги имала сите петки, но мајката забележала дека не се смее многу.
Таткото сметал дека мајката фантазира и дека тоа е само фаза. Бил прегорд на неа и сериозно навикнат на удобноста во улогата на нејзин татко за да ја признае можноста за некаков проблем.

Сите што ги прашувале дали е сѐ во ред (во училиштето, во друштвото, на воншколските активности…) го давале истиот одговор: „Сѐ е во најдобар ред, таа е прекрасно дете, треба да бидете горди.“ И навистина биле. Многу горди.
„Дали се смее?“, ги прашала мајката возрасните што работеле со девојчето. Подзапирале, се запрашувале и збунети од тешкото и неочекувано прашање, велеле: „Па онака… да… веројатно…“ Не обрнале внимание на тоа бидејќи насмевката од пристојност секако постоела.
Мајката загрижена поради отсуството на кикотливо смеење кај нејзината тинејџерка, почнува да се распрашува.
Дознава дека нејзиното дете носи огромна, тешка вреќа на одговорност да биде најдобра и да остане на самиот врв на скалата, бидејќи така навикнала. Таму е родена. Не морала посебно да се труди околу тоа до дванаесеттата година, но потоа станувало сѐ потешко и потешко да остане на тронот, каде што била родена. На 16 години таа ги поминува деновите во расположение на хирург пред операција. Подготвена, одговорна, сериозна, свесна за ризикот и БЕЗ право на грешка. Многу се плаши од грешка. Тука нема место за кикотење, а таа е само дете.

Освестете се себеси и ослободете ги своите деца од тежината на титулата „најдобри“. Таа титула е опасна за квалитетот на животот, еднакво како и етикетата „најлоши“.
Искусните колеги советуваат дека низата успеси, постигнати главно заради вродените предиспозиции, треба да се прекине уште во второ одделение со лоша оценка по музичко, па подоцна по ликовно.
Поентата е децата да сфатат дека се прифатени, сакани, ценети и важни… и кога не се најдобри. Ако не го пробаат тоа навреме, а многу од нив не добиваат можност, како ќе знаат дека планетата ќе продолжи да се врти иако нешто утнале?!

Додека гласно го фалите своето дете во друштво, дури и кога секоја пофалба е реална, трупате непромислено големи очекувања во вреќата на неговиот мал грб.
„Велат дека е најдобар/а во својата генерација…“ не се вели пред децата ако сакате кикотење.
За жал, пречесто во практиката се среќавам со луѓе со слични тажни приказни, секако поплочени со добри намери, главно од успешни родители. Во овој случај не се работи за неостварените амбиции на родителите, туку за високото ниво на развој на детето во раното детство, кој е пренагласен од страна на околината.
Напомена: чест за исклучоците, кои не се свиткале под тежината на вреќата!

Автор: Снежана Голиќ, педагог



912

X