Децата често ги гледаат нештата на бинарен начин – добро/лошо, среќно/тажно итн. Тоа е така затоа што ги немаат истите животни искуства како возрасните за да ги разберат и другите нијанси во животот. Дури и како возрасни имаме проблем да гледаме небинарно на ситуациите. Полесно е за нашиот ум да ги стави работите во една категорија. Но, животните искуства не се бинарни. Комплицирани се и со повеќе слоеви и треба да бидат подлабоко истражувани. Прашањето што го добивам од родител е: „Како можеш да ја развиеш емпатијата кај моите деца?“
Оваа желба да се биде емпатичен е еден од најдобрите човечки квалитети. Истражувањата за емоции ја дефинираат емпатијата како способност да се чувствуваат чувствата на другите луѓе, комбинирана со способноста да се замисли како некој друг се чувствува или како размислува. Развојот на емпатијата не е ист кај секое дете – некои ја покажуваат од 2 или 3 години, а кај некои е потребно подолго време. Генерално, повеќето деца во раното детство имаат тешкотија целосно да ја разберат перспективата на другиот. Како што растат, повеќе почнуваат да присвојуваат сфаќање кое ги вклучува и другите. Да се биде емпатичен, потребна е способност да се размислува апстрактно, па бидејќи децата на возраст под 6 години имаат конкретни мисли, тие почнуваат со апстрактно размислување околу 7. година.
Мора да запомниме дека емпатијата е процес и треба да се учи, негува и истражува. Емпатијата нè учи како да ги применуваме љубезноста и сочувството во нашите врски. Мора да можеме да разбереме како и некој друг се чувствува. Така ќе сфаќаме и како нашите избори имаат влијание врз другите.
Фразата што поттикнува емпатија
Кога се обидувам да култивирам емпатија и љубезност кај моите деца, еве што велам: „Не ја знаеме нивната приказна“. Едноставно е, но е моќно бидејќи е вистина. Моите деца доаѓаат од училиште и велат: „Ох, едно момче во одделението секогаш запаѓа во неволја. Навистина е лош“. Ова е вообичаено тврдење и соодветно ако го земеме предвид бинарното размислување на таа возраст. И реков на ќерка ми: „Не ја знаеме неговата приказна“. Таа рече: „Како мислиш?“, а јас ѝ објаснив: „Па, како и ти, секој има своја приказна и не ни се на сите исти приказните. Некои деца имаат двајца родители дома, некои не. Сите сакаме или не сакаме различни работи, одредени работи, пак, може да растажат некого, додека некои други чувствуваат среќа. Некои деца учат на уникатни начини, а за некои деца училиштето е потешко. Кога размислуваш вака, кога нешто е тешко, како се чувствуваш? Смирено или фрустрирано. Таа рече – фрустрирано. Дали некогаш правиш избори кои не се најдобрата опција кога се чувствуваш така? – Да. Дали тоа значи дека си лоша? – Не. Па да се вратиме на пријателот од одделението. Можеби прави избори кои не се добри, но тоа не значи дека е лош. Запомни, не ја знаеме неговата приказна“.

Во нашиот дом оваа фраза се користи континуирано со години. Сега имам 18 и 15-годишник дома, па сè уште велиме „не ја знаеме нивната приказна“. Секогаш кога ја користиме фразата, оставаме простор за емпатија и сочувство, а децата истражуваат реалност која е различна од нивната. Ваквиот пристап нè омекнува, а предрасудите исчезнуваат. Наместо тоа, отворени сме и имаме разбирање. Како што децата растеа, така јас ја користев фразата, но и на различни начини. Еден од нивните пријатели поминуваше низ тежок период и носеше непосакувани избори, па важно беше моите деца да постават здрави граници. Можеби тоа лице не е некој со кого сакате да сте најдобар пријател, но тоа не значи дека е ужасно и не може да се донесе целосен заклучок за тоа кој е. Запомнете, не ја знаеме неговата приказна.
Повторно ќе кажам, одолејте на брзата реакција со бинарен пристап. Можете да одлучите дека некој не е добар пријател, додека истовремено покажувате милост и сочувство за тоа лице. Човечкото искуство е комплексно и се манифестира различно кај сите нас. Не можеме да очекуваме децата целосно да разберат низ што поминува некој друг. Но, кога ќе почнеме со едноставно тврдење – не ја знаеме нивната приказна – го започнуваме патот кој ќе го држи нашето срце отворено, ќе вежбаме емпатија и ќе покажуваме сочувство. Мора да покажеме волја за да се разбереме и почитуваме едни со други и нашите уникатни приказни.
Автор: Албиона М. Ракипи