Мајката најдобро може да го разбере секое неискажано чувство, секое страдање и болка на детето.
„На моето слатко момче,
Едноставно ќе го кажам тоа – ужасно е да се биде помалиот брат. Не можам да речам дека знам како се чувствуваш бидејќи јас како најстара, не сум била во твоја кожа. Сепак, секогаш се сеќавам како јас се однесував кон мојот помлад брат и за ништо не би се менувала со него.
Како твоја мајка, срцето ми се кине секогаш кога сестра ти ги повредува твоите чувства или те остава сам, или кога ќе те направи помалку вреден. Верувам дека постои некаков вид карма бидејќи кога ќе го видам тоа, се сеќавам каква сум била кон твојот вујко и сега ми е јасно колку сум грешела.
Знам дека постојано гледаш во твојата сестра. Знам дека ти треба нејзиното одобрување. Знам дека единствено сакаш да ја почувствуваш нејзината љубов. Можам да видам, во текот на ‘добрите денови’ колку те прави среќен кога е добра кон тебе и во тие ретки моменти кога се забавувате правејќи нешто заедно – како минатата недела кога се превртувавте по огромната хартија во гаражата, видов дека не сакавте тоа да престане. А во текот на другите, не толку добри денови, кога ќе ти каже дека ќе си игра со тебе, а потоа ќе го промени своето мислење, го гледам твоето огромно разочарување. Кога ти вика и ти вели дека си досаден, јасно ми е колку си повреден. Кога ќе ја прашаш нешто и едноставно ти кажува дека тоа не е твоја работа, болката се гледа на твоето лице.
Во таквите моменти најмногу сакам да те гушнам и да ја истерам целата болка, но знам дека не можам, тоа единствено го може твојата сестра.
Се разбира, не велам дека ти си целосно невин. Некогаш произведуваш толку иритирачки звуци што секому би му оделе на нерви по половина час. Се случува да го кажуваш твоето мислење кога никој не го бара, за работи кои навистина не те засегаат. Исто така, умееш да кажеш навистина многу злобни коментари, како тогаш кога пред сите на масата ѝ рече на сестра ти дека мора да ги искубе веѓите бидејќи многу ѝ се бушави.
Сепак, кога сестра ти ќе се вознемири околу тоа, не ѝ трае долго, за разлика од тебе… тоа не е затоа што си почувствителен од неа, туку, иако грубо звучи, затоа што твоето мислење нема да влијае врз нејзиното мислење за себе. А тебе, јас и ти го знаеме тоа, нејзиното мислење ти е поважно од сè, зарем не?
За тоа сакам да зборувам во ова писмо, љубов моја. Сакам да ти кажам дека не смееш да дозволиш таа да те дефинира тебе.
Не си напорна личност само затоа што нејзе си ѝ напорен. Забавен си, имаш добро срце и љубезен си, луѓето сакаат да бидат во твое друштво. Децата буквално ме бомбардираат со барања да си играат со тебе.
Не си глупав ако таа знае повеќе од тебе. Многу си паметен, но мора да знаеш дека три години си помлад од неа и не е можно да знаеш сè што знае таа.
И за крај, ти не си – многу е важно да го разбереш ова – не си помалку важен затоа што нејзе си ѝ помалку важен. Не дозволувај чувствата на сестра ти за тебе да влијаат врз твојот живот и чувството дека си им помалку важен на другите луѓе, или дека не си доволно важен да прашаш нешто. Важен си! Исто колку и сите други и секако, еднакво колку твојата сестра. Другарче, не дозволувај да влијае врз твојата самодоверба. Чувствувај се добро во својата кожа, ти навистина си феноменален. Постојат милион работи поради кои треба да се чувствуваш добро.
Јасно ми е дека нема во истиот момент да се почувствуваш добро, но еве и добри вести: еден ден со сестра ти ќе бидете возрасни. Ќе излезете во светот, ќе се вработите, ќе имате партнери, деца, ќе ги изградите вашите животи.
И двајцата ќе бидете зрели, таа ќе те гледа како прекрасен маж бидејќи знам дека тоа ќе станеш. И ќе ти стане јасно дека таа не беше навистина злобна кон тебе, само беше тинејџер со луди хормони, а ти си бил момче кое немало среќа и го извлекло подебелиот крај. А кога тоа ќе се случи, таа ќе сака да поминува време со тебе.
Сепак, не постои никој на светот што може да знае како е јас да сум му мајка, а вашиот татко – татко, и никој подобро нема да разбере како беше да се расте во оваа куќа. Споделувате иста крв, исти спомени. На крајот од денот, ти сепак си нејзиното мало братче, а кога двајцата ќе остарите и ќе побелите, ти ќе ѝ значиш повеќе од кој било на светот.
Дотогаш, држи се, малечок. И сети се, можеби навистина е тешко да се биде помладиот, но ти си добил право да спиеш подолго отколку што таа кога било спиеше на твои години.
Те сака мама!“