Мамо! Мамо! Мамичке, мамо, мамоооо! Колку пати дневно ги слушате вашите деца како ве довикуваат? Доволно за да дојдете до работ на нервите. Дури и кога има совршено способен возрасен присутен наоколу – друг родител, дадилка или друга возрасна личност која може да се грижи – сепак барањата од мајката како никогаш да не престануваат. Дали децата воопшто ги гледаат другите возрасни во собата? Изгледа дека не баш.
Д-р Рејчел Бузман, директор на Институтот „Детски ум“ во одделот за анксиозни нарушувања, вели дека има причина зошто децата постојано си ја бараат мајка си.
Земете ја предвид возраста на децата
„Во зависност од возраста, има 2 различни ситуации“, вели Бузман. За малечко дете од претшколска возраст, таа вели дека тоа е природно и соодветно. „Ја гледаат мајка си и ја поврзуваат со задоволување на своите потреби“, вели таа. Ако работите од дома или сте зафатени на друг начин, тоа не значи ништо за мало дете. Децата не се способни да разделуваат. Тие не можат да го рационализираат работењето. Но, за постарите деца, некои од „мамо, мамо, мамо“ обраќањата може да се поврзани и со пандемијата. „Дури и кога е мирно во домот, дури и во најдобрите денови, децата гледаат на тие ситуации како на необични нешта. Со други зборови, кога работите се надвор од контрола, децата на која било возраст ќе го поистоветат тоа со она што го знаат. А тие знаат дека им е пријатно и удобно со мама“, вели Бузман.
Земете ја предвид сечија улога
Поверојатно е децата да бараат едниот родител или старател да направи нешто специфично. „Често луѓето имаат одредена улога во семејствата. На пример, дете го прашува таткото за нешто, но таткото го упатува кон мајката. Старател или дадилка, во отсуство на родителот, има моќ да донесе одлуки. Но, ако мајката е дома, тие може да ѝ се обратат. Па што се случува следно? Децата го согледуваат тоа и потоа се обидуваат да го исфрлат човекот помеѓу. Мајката е оставена да се соочува со постојани барања, дури и ако други возрасни лица се присутни. Понекогаш се работи за ситуација која мајката може да ја менаџира брзо, па тоа и го прави. Тоа испраќа суптилна порака дека ДА, треба да проверите со мама“, вели Бузман.

Овластување на другите возрасни
Да се овластат другите возрасни дома и за возврат да ѝ се даде на мајката пауза, вели Бузман, додавајќи дека е многу важно да се моделира однесувањето што сакате да го видите. „Покажете му на детето што очекувате. Тоа може да значи создавање лесни граници за разбирање, на пример, зелено и црвено светло на вратата од собата на мајката, или јасно тврдење кој е на должност во моментот, за детето да знае кому да се обрати кога ќе дојде период за ужина“. Исто така, важно е, според Бузман, другите возрасни во домот да знаат дека на децата им се поставени границите. На тој начин, кога детето ќе има барање, но мајката ќе замине, веќе ќе биде одлучено меѓу возрасните кој е задолжен за решавање на проблемот.
Поврзување и емпатија
Бузман предлага семејни состаноци и да се водат според техниките што функционираат. Таа вели дека откако нешто ќе се утврди, треба да видите што ќе се случи кога ќе има повеќе возрасни во домот, а мајката нема да биде достапна. Едно решение е детето да го запише своето прашање и да го залепи на видливо место за мајката да го одговори кога ќе биде достапна. „Мора да имаме сочувство и за себеси и за другите возрасни и деца. Комплицирано е за сите. Една година во пандемија и мора да сфатиме дека ова е маратон, а не спринт трчање – вели Бузман.
Автор: Џеневив Шо Браун