Воспитување

Два клучни фактори во детството за успех и среќа во животот

Најдолгата лонгитудинална студија некогаш спроведена е наречена „Харвард Грант“ студија. Таа покажала дека професионалниот успех во животот, кон кој сите се стремиме кога се во прашање нашите деца, всушност произлегува од обврските што децата ги имаат дома од мали нозе. И колку побрзо започнете, толку подобро. Зошто?

Па, едноставно е. Ако вашиот начин на размислување е среден уште од мали нозе, нормално е да ги засукате ракавите и да го правите она што треба да се направи, а ако вашиот мозок е само научен да го следи мотото „ок, тука има некоја работа што треба да се направи, а не е многу пријатна, некој треба да го направи тоа, а тој некој би можел да бидам и јас“, тогаш тој начин на размислување ќе се пренесе и во други сегменти од животот, вклучително и професионалниот развој и кариерата. И сето тоа звучи логично, родителите го знаат тоа. Сепак, тие се склони да ги ослободуваат децата од сите домашни обврски за да имаат време за сите оние дополнителни активности што им се на распоредот, а кои вообичаено им ги наметнале родителите. И тие деца, тогаш, завршуваат како млади возрасни со некоја работа каде што сè уште чекаат некој да им закаже активности за да ги завршат. Затоа што за нив, од мали нозе, светот функционирал на таков начин.

Но, замислете, тоа не постои на работното место. На работа очекуваат инстинкт, импулс – да ги засукате ракавите и да го направите она што гледате дека треба да се направи. На работа напредуваат оние што знаат да погледнат наоколу и да помислат „што друго би можел да направам овде?“

Друго и еднакво важно откритие направено во студијата е дека среќата во животот доаѓа од ЉУБОВТА.

Љубовта што ни ја даваат партнерот, семејството, пријателите, родителите. Затоа, задача на родителите е да ги научат децата да сакаат. Но, пред да можат да ги сакаат другите, мора да бидат способни да се сакаат себеси. И тие можат да научат да се сакаат само ако ние, родителите, им ја дадеме нашата безусловна љубов.

И така, наместо да бидеме опседнати со оценките и просеците и секогаш да ги пречекуваме со истото прашање кога ќе се вратат од училиште или ние од работа, треба да ги спуштиме телефоните, да ги погледнеме в очи и да им покажеме радост кога ги гледаме, повторно со насмевка. И дури тогаш да кажете: „Како ти помина денот? Дали нешто те направи среќен?“ И кога вашето дете ќе одговори на ова прашање, на пример – играњето фудбал на одмор, додека вие очекувате да слушнете што добил на тестот по математика, треба да останете фокусирани на тоа играње фудбал на одморот. Наместо да се каже: „Убаво, одлично. А математика?“, вие речете: „Што беше толку добро во играњето фудбал?“

Децата треба да знаат дека ни се важни, дека ги сакаме нив, а не нивните оценки.

И сега си мислите – сè е супер, љубов и домашни работи. Но тоа нема да се бара при запишување средно училиште или факултет. Ќе се бараат оценки и просек. Тоа е вистина. Ќе бараат. Но, нема да ви кажат дека воопшто не мора да го завршите нивното престижно училиште за да бидете среќни и успешни во животот. Среќни и успешни луѓе дипломирале и на престижни и на помалку престижни факултети и училишта – и јавни и приватни.

Останува родителите да го тргнат своето его од равенката со која ги пресметуваат успехот и среќата на своите деца и да разберат дека запишувањето и завршувањето во најдоброто училиште во градот или државата нема да значи дека нивното дете ќе биде посреќно отколку ако заврши во просечното средно училиште каде што живее. Тоа само ќе значи дека ќе имате со што да се пофалите пред пријателите и семејството.

И тоа, навистина, не е важно.

Ваша работа, драги родители, не е да ги направите вашите деца успешни како што сте замислувале. Ваша работа е само да им обезбедите услови, атмосфера и опкружување што ќе ги поттикне да станат она што треба да бидат. А што ќе бидат, тоа е нивна одлука.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top