Повеќето родители не признаваат, но имаат „омилено“ меѓу децата, а начинот на кој се однесуваат кон тоа дете во споредба со неговите браќа и сестри може да има долгорочни последици.
Истражувањата покажуваат дека фаворизирањето на децата е изненадувачки честа појава. Се јавува кај околу 65 проценти од семејствата и е идентификувано и проучувано во различни култури. Колку и да е вообичаено, ова фаворизирање може да ѝ наштети на благосостојбата на децата во текот на целиот животен век, од нивниот зачеток, до средната возраст и пошироко. Се смета за толку важен фактор во низата емоционални проблеми, што психолозите дури имаат име и акроним за истиот: „родителски диференцијален третман“ (PDT).
Меѓутоа, обично се случува браќата и сестрите од исто семејство да не се согласуваат за тоа кое било омиленото дете во семејството. Се разбира, тоа е така затоа што чувството дека родителите го фаворизираат братот или сестрата е крајно субјективно, забележува Лори Крамер, професорка по психологија на Универзитетот „Нортвестерн“ во САД.
Сепак, за личност која се чувствува помалку сакана од братот или сестрата, последиците можат да бидат длабоки. Истражувањата покажуваат дека децата се свесни за различниот третман уште од рана возраст. Таквото воочено родителско фаворизирање е поврзано со ниска самодоверба кај децата, како и со детска анксиозност, депресија и проблеми во однесувањето, вклучително и ризично однесување.
Истражувачите во Кина, на пример, утврдиле дека фаворизирањето на одредено дете е показател за тоа дали адолесцентите ќе развијат зависност од мобилни телефони. Во една мала канадска студија на осум тинејџери бездомници, седуммина рекле дека чувствуваат оти нивните родители го фаворизираат нивниот брат или сестра и дека тие отсекогаш биле „проблематичното дете“, па тоа придонесува за распаѓање на семејните врски.
Иако оваа студија била спроведена на премногу мал примерок за да се извлечат пошироки заклучоци, таа нагласува колку далеку можат да одат децата кога се чувствуваат помалку сакани.
Зарем родителите не можат да го избегнат ваквиот избор?
Според професорката Крамер, родителите не го прават тоа намерно, а веројатно не се ни свесни за тоа.
„Преференцијален третман кон едно од децата може да биде едноставно затоа што тоа дете помалку бара, полесно комуницираат со него или гледаат повеќе сличности меѓу себе и детето“, вели психологот.
Нејзиното истражување на адолесцентите и нивните родители покажало дека семејствата не зборуваат за тоа, што уште повеќе го отежнува елиминирањето на психолошката траума или недоразбирањата. „Ако овие ситуации се решат на деликатен начин, каде што никој од членовите на семејството нема да чувствува дека е виновен или дека е исклучиво виновен еден член, преку отворен разговор, тие можеби ќе можат подобро да се разберат“, вели Крамер.
Родителите може, на пример, да прашаат зошто детето мисли дека го претпочитаат неговиот брат или сестра.
„Ако родителот слуша (и) потоа дава причини за различни однесувања кон децата, тоа може да направи чуда. Детето може да разбере дека има практична причина, па да сфати дека не се работи за тоа дека братот или сестрата е повеќе сакана“.
Меган Гилиган, вонреден професор по развојна психологија и семејни односи на Универзитетот во Мисури, работела со Џил Сутор, професор по социологија на Универзитетот „Пердју“ и Карл Пилемер, професор по психологија на Универзитетот „Корнел“, на студијата за разлики во семејствата во САД, а се работело за лонгитудинална студија финансирана од страна на Националниот институт за стареење. Проектот следел различни семејства во времетраење од две децении, со цел подобро да се разберат односите меѓу генерациите. Како дел од студијата, истражувачите им поставиле директно прашање на мајките и татковците за фаворизирањето – за многумина, тоа било првпат кога некој ги прашал за тоа.
Прашањето гласело вака: „Со кое од вашите деца чувствувате најголема емоционална блискост?“ По малку размислување, голем процент од мајките (75 проценти) именувале едно од своите деца. Останатите не избрале ниту едно или рекле дека се чувствуваат еднакво блиски со сите свои деца. Ги прашале и со кое дете најмногу имале судири и кое најмногу ги разочарало. Излегло дека детето кое било така етикетирано имало последици во текот на целиот живот, со тоа што „разочарувачкото“ дете подоцна било и така третирано.
Првородените не се нужно најсакани
Редоследот на раѓање одиграл улога во некои аспекти на фаворизирањето, но можеби не толку колку што се претпоставува.
-Во зрелата возраст, истражувањата не откриваат дека ова е неопходен предиктор за фаворизирање. Конкретно, мојата претпоставка дека првороденото дете природно би било избрано за „златно дете“ не е поткрепено со научни истражувања. За емоционална блискост, поверојатно е да се избере најмалото дете – вели Гилиган.
Но, најсилниот индикатор за емоционална блискост се чувствата на родителите дека детето е слично на нив.
Гилиган, исто така, ја истакнува вистинската штета што може да произлезе од диференцијалниот третман, што се покажало во една лонгитудинална студија, а тука спаѓаат: лошите односи меѓу браќата и сестрите, како помалку фаворизираните браќа и сестри и фактот дека не успеваат да формираат добри партнерства, а имаат и помалку позитивни односи со родителите.

Не е лесно да се биде омилено дете
Да се биде „златното дете“ може да има и лоши последици.
-Можеби очекуваме омиленото дете да има многу предности, но тоа може да предизвика и емоционален стрес кај возрасните деца. Откривме дека фаворизирањето е поврзано со поизразени симптоми на депресија кај омилените деца. Веруваме дека тоа е така затоа што „омиленото дете“ на мајката било во конфликтна врска со неговите браќа и сестри. Откривме дека оваа напнатост со браќата и сестрите во зрелоста е во корелација со психолошката благосостојба – вели професорката Гилиган.
Исто така, може да доведе до нееднакви оптоварувања подоцна во животот. Кога на старите родители им е потребна грижата од семејството, често се обраќаат кон детето кое им било омилено.
Невозможно е еднакво да се третираат децата
Решението не е во тоа да ги третирате сите ваши деца сосема исто, вели проф. Кремер.
„Невозможно е еднакво да се третираат децата во секоја ситуација, а ниту децата го сакаат тоа. Сакаат да бидат прифатени такви какви што се, нивната возраст, интереси, пол, личност. Но, свесноста за третманот на децата може да им помогне на родителите да избегнуваат постојано предизвикување на нефер ситуации“, советува професорката.
Ова е особено важно затоа што децата можат да научат модел на фаворизирање, и како возрасни, да го применуваат на нивниот сопствен родителски стил и односи: „Ако не сме свесни за тоа и не преземеме чекори за да го запреме тој пренос, веројатно ќе го усвоиме истото однесување“.
912