Си беше една зграда. Всушност, не беше зграда, но беше нечие живеалиште. Ви реков „зграда“ за полесно да си замислите место кое го населуваат повеќе станари истовремено. Па, тоа што за нас луѓето е зградата, за животните е Големиот бор, на пример. Е, тој Бор, пак, си живееше на еден рид, во еден двор, и беше средовечен. Жителите на Борот беа задоволни членови на неговата Дружина (тоа ви е како Куќен совет во зградите). Претпоставувам (но вие можете да си мислите поинаку!) дека најсреќни беа тие што живееја на највисокиот кат затоа што имаа бесценет поглед кон Белото Езеро. Но, ајде да видиме кој сè стануваше на овој стамен Бор.

Во станот со поглед кон езерото живееја три семејства врапци: Цилевци, Милевци и Гилевци. Тие беа преносниците на важните вести, зашто – вррр – постојано беа во движење.

Малку под нив, а сепак на врвот, беше сместена и свраката (тоа е птица што креска, нешто како гавран). Се викаше ЕфГенија, оти многу сакаше да пее, а особено имаше желба да го достигне високото Еф.

На средината, на најшироката гранка, беа сместени Евелина Султан Кадравелова и Мици, две верверички. Оваа Евелина имаше благородничко потекло и беше прапраправнука на големецот Вервер Султан. Таа малку повеќе беше покондирена тиква, за разлика од Мици, инаку нејзина братучетка, која беше дружељубива и весела.

Прв сосед на Евелина и Мици им беше клукајдрвецот Мирко и беше задолжен за свикување на Големото собрание на Дружината на Борот, кога имаше потреба од таков собир.

На приземјето живееја Пандора, многу возрасна госпоѓа-желка која имаше задача да памети сè што се случуваше во Дружината и околу нивното живеалиште, и Герасим – ежот-архитект на дворските патеки.

Еден од најважните соседи беше и Мудрило, був во завидни години, но почитуван од сите. Неговиот збор секој беспоговорно го прифаќаше како вистина… Иако, ретко зборуваше. Само кога ќе го прашаа нешто. Инаку, мудро си молчеше.

И сè така си функционираше беспрекорно, сè додека во дворот на Борот не се појави новодојденец.

− Чудо! Чудо! Мачка го одмина Дворот на мачките на Госпоѓа Кристина и се упати кон нашиот двор!

Гилевци прифатија:

− Непознато животно се движи по патот кон нас! А Цилевци дополнија:

− Страшно непознато животно влегува во Дворот, во нашиот двор!

Низ гранките на Борот зацари стаписана тишина. Сите очи беа вперени кон влезните скали…

Токму тогаш тетка Лиле (која ѝ припаѓаше на Постојаната дружина на куќата) се качуваше по скалите, со пазарската торба в рака…

− Види ти, мало маче! Од кај доаѓаш, мило?…

− О, па ти си рането… Не грижи се, сега сè ќе средиме – рече тетка Лиле и енергично тргна накај куќичката.

Ете ти проблем. Замислете вам да ви се досели нов сосед што не е упатен во Куќниот ред и си постапува по свое. Вие како би постапиле кон него? Што мислите дека сториле станарите на Големиот Бор во врска со овој проблем?

Впрочем, не мора да се измачувате со мисли. Прочитајте што направиле тие во првата приказна од книгата „Дружината на борот и други приказни“ од авторката Снежана Анастасова-Чадиковска. Таму ќе најдете уште четири други приказни, преубави цртежи и можни решенија при непријатни ситуации како во горната приказна. Запомнете, не читаме само заради разонода. Мислам дека книгава ќе ви стане една од омилените читанки.



912

X