Драго мое бебе,

знам дека си зафатен со игра, но можеш ли да дојдеш до мојот скут за да ти кажам неколку работи? Кога стана толку голем? Не толку одамна учеше да одиш, а денес утрово самостојно се облече со голема брзина. Гордо гледав во тебе кога излезе од својата соба во совршено одбрана комбинација, толку горда, но со потајно олеснување кога те видов дека сè уште се бориш со копчињата на маиците. Дали ги остави за мене?

Училиштето почнува наскоро, а да бидам искрена – не сум сигурна како се чувствувам поради тоа. Ти си подготвен. Јас сум подготвена. Но, знам дека пред нас е нов период од животот во кој повторно ќе мораме многу нешта да научиме. И јас и ти. Биди трпелив со мене. Можеби ќе ми треба време да се навикнам на нашето ново нормално, но никогаш нема да те спречувам во ширењето на твоите крилја – одлучна сум во тоа, ти ветувам!

Пред да зачекориш во ова нова и важна доба од твојот живот и да го напуштиш она што си го познавал повеќе од 6 години, постојат неколку работи што би сакала да ги знаеш…

Ќе ми недостигаат нашите заеднички долги денови. Само јас и ти. Читање, играње, дури и заедничко извршување на обврските. Тие нормални, еднолични моменти, зборување со грицки и сложувалки – тоа се некои од моите најдраги денови во мајчинството. Дури и кога ќе тргнеш на училиште, ти ветувам дека ќе најдеме време да бидеме заедно без големи планови или очекувања. Без распореди или домашни задачи. Само ти и јас, твоите најдраги играчки и сад со нашите најдраги грицки. Оваа нова авантура можеби ќе биде застрашувачка, но знам дека заедно ќе растеме преку неа. Промената е тешка, дури и кога е возбудлива, а училиштето ќе биде големо приспособување за нас двајцата. Но, исто така знам дека ако бидеме трпеливи еден со друг и ако разговараме за подемите и падовите – полесно ќе го пребродиме ова возбудливо патување во непознатото.

Нашиот голем свет има потреба од тебе и знам дека си подготвен да го оставиш својот печат. Ти имаш прекрасни, единствени дарби кои на светот му се потребни. Имав привилегија заедно со тебе да откријам некои од тие дарби, а многу од нив ќе дојдат дури кога ќе зачекориш во прекрасната разновидна заедница на учители, ученици и знаења.

Немој да заборавиш кој си, но немој да се плашиш да растеш. Дозволи им на добрите денови да ја наполнат твојата страст за учење, но немој да им дозволиш на тешките денови да ја отстранат сета забава.

Нема да те лажам – училиштето ќе биде забавно, но ќе има и тешки моменти. Колку повеќе твојот ум се соочува со предизвици, толку понепријатно можеби ќе се чувствуваш. Запомни, дури и тешките работи може да бидат забавни ако го прифатиш предизвикот со позитивен став. Јас сум тука да ти помогнам да се соочиш со секој од нив со веселост.

Имаш можност да ја споделуваш љубовта секојдневно. Обрни внимание на оние на кои им е најпотребна. Ти си светлина, љубов моја. Свети силно секој ден! Пронајди ги оние на кои им се потребни твоите дарби и великодушно сподели ги! Да се биде дел од таа заедница е голема привилегија. Биди благодарен за своето образование. Жалењето и приговорите нема да ни помогнат во тешките работи. Но, благодарноста може да помогне дури и во најтешките ситуации.

Ти ветувам дека и јас ќе останам благодарна и ќе ти помогнам да го пронајдеш доброто во секоја ситуација.

Без разлика што ќе ти се случи на училиште, домот секогаш ќе биде твоето сигурно место. Без разлика со што ќе се соочиш – сè ќе биде добро бидејќи си сакан.

Сè е само прашање на време. Стоиме на работ на сето она што некогаш сме го познавале и знам дека си подготвен да ги рашириш своите крилја и да полеташ во својата иднина. Ништо веќе нема да биде исто освен љубовта што ја чувствувам кон тебе. Се надевам дека токму таа ќе те носи и ќе те одржува низ оваа голема авантура!

Те сакам,

Мама.

Автор: Џесика Волстенхом

Извор



912

X