Ова е писмо на блогерката Сандра Тодоровиќ во кое на децата им дава прецизни упатства во случај да ѝ се случи нешто непредвидено, а со години е многу популарно.
„Ви ги пишувам овие редови во случај, не дај Боже, да ме удри некој скап автомобил додека ја преминувам улицата на зелено, или ако ме посети оној Германецот Алцхајмер, па да заборавам кои сте и чии сте.
Би сакала, пред сè, од срце да ви се извинам што ве родив овде, а не на некое подобро место. За жал, верував дека ќе дојдат подобри времиња, но не дојдоа. Тие колективни надевања се ужасна работа, но повторно некако те одржуваат во живот и ти даваат енергија да преживееш до утре. Секогаш помислувам: па и не е толку страшно, има за леб и бензин, сметките да ги платам, можат само да ми го запленат ова посвоено куче и да ми го исклучат интернетот. Ве учев да бидете чесни луѓе, да се почитувате себеси и другите. Да помогнете кога треба и да бидете благородни. Пари не позајмувајте од никого и на никого. Долгот не е долг. Пријателите едноставно ќе останат, ќе се издвојат од толпата луѓе што ќе се вртат околу вас во животот. Тие што ќе останат, ќе ви бидат како свесно одбрано семејство кое ни со родените немате можност да го направите. А ако сте малку како мене, луѓето ќе ве сакаат, најдете им се и во добро и во лошо. Почитувајте ги роднините колку и тие вас. Не купувајте им бесмислени подароци за свадби, не дај Боже некое ќебе. Секогаш давајте им пари во фин плик и потпишете се. По тоа ќе ве помнат и нема да ве озборуваат.
За љубовта би можела да напишам есеј, но нема. Ќе ја препознаете кога за тоа ќе дојде време, а кога и кому ќе му се случи, тоа е веќе дискутабилно. Кога мене ми се случи, мислев дека сопственото срце ќе го повратам од убавина. Тврдам дека многу пати ќе ви изгледа како љубов, а нема да биде, туку ќе биде само опиеност која со време ќе помине како тежок мамурлак. Одбирајте на себе слични и нема да погрешите. Во оваа земја во која со тешка мака ве хранев, нема никаков ред, ниту поредок. На тоа се навикнуваш со текот на времето и ти станува нормално. Бидете успешни во тоа што ќе изберете да го правите, можеби некој авион ќе се вика по вас, или брз воз кој кај нас не го измислиле.
Доживеав бомбардирање на Белград, ја помнам војната во Босна, мигрантите, хиперинфлацијата, санкциите, немаштијата… Овде децата умираат пред очите на оние што можат да им помогнат, а не сакаат. Храна купувавме на улица, бензин во шише од сок, исто така, на улица. Тоа беа страшни времиња, но повторно подобри отколку овие сега. Народот ни е гладен и бесен. Дискретен по прашањето за својата беспомошност, молчи во своите јами и чека… Што ли чека тој народ, уште никој не утврдил. Не чекајте ништо! Бегајте од овде во првата пригода! Нема овде ништо. Ни пиво по десет часот навечер. Ни планови подолги од задутре. Културата е на смртна постела, па кога ќе бидете возрасни, веројатно наместо Народен музеј, ќе има маркет или паркинг.
Бидете толерантни кон различните од вас. Ако некој има друга боја на кожата или сексуална ориентација, не значи дека е лош, само е поразличен од вас. Не можеме сите да бидеме исти. Свеста за екологијата ви ја развивав од мали нозе. Чувајте ја својата околина, посадете нешто, исчистете зад себе. Верувам дека и вас, како и мене ќе ве нервираат оние што не го прават тоа. Научете ги. Сакајте го и почитувајте го секое битие во природата. Крзно никогаш не носев, но не затоа што не можев да си го дозволам, туку затоа што ми изгледаше неправедно. Тука почитувајте ме. Слушајте исклучиво добра музика… се знае што е добра музика.
Синко, биди внимателен кон жените, почитувај ги, немој никогаш да бидеш насилник, сето тоа се враќа со инстант карма и те погодува кога најмалку се надеваш. Плати вечера, купи цвеќе, ќе го добиеш она што си го сакал веќе на првиот состанок. Секогаш користи заштита и нема зошто да се грижиш. Свири на некој инструмент, жените го сакаат тоа. Патувај. Биди самостоен, зготви си сопствен оброк, испеглај кошула, поправи нешто дома. Ако седнеш на мотор, во гроб ќе се превртувам како прасе на жар. Заработи си за мерцедес, биди господин. Реставрирај го оној креденец од баба, жалосно е да пропадне. Панталоните носи ги малку над чевлите и соблечи ги чорапите кога имаш секс. Не прави будала од себе. Кога пиеш, не мешај пијалаци… никогаш! Знам за што ти зборувам. Не тепај се, умот царува… те учев на тоа. Дрогата е зло. Коцкањето исто. Марихуаната не е дрога. Најголемата човечка особина е умереност во сè, па ако тоа го постигнеш, значи дека си успеал. Научи барем два светски јазици. Заврши факултет. Се потпирам на тебе – дека ќе смислиш нешто што ќе го промени светот, или барем мал дел од него. Кога женско ќе те праша дали е дебела, кажи ѝ ја вистината. Ако каже дека сè е во ред, ништо не е во ред, верувај ми.
На ќерките имам да кажам неколку важни работи. Обидете се да учите од туѓите искуства. Знам дека нема да ме послушате и ќе одите со главата низ ѕид како и јас, но моја должност е да ве предупредам. Пред да се омажите, завршете факултет. Ако некој од неговото семејство ве праша што знаете и умеете, кажете: ништо! Сè што ќе направите по таа изјава ќе биде проследено со аплауз. Јас тука погрешив. Не бричете ги нозете во петто одделение! Не фарбајте ја косата црна, ве преколнувам! Бидете женствени во мера која вам ви одговара. Не ставајте силиконски гради. Хулахопките не се облекуваат како панталони, ќе ги искинете. За чорапи ќе дадете цело богатство. Убавината боли. Витканата коса е убава, не исправувајте ја. Веѓите се секогаш различни, колку и да се трудите да ги средувате на ист начин. Ставањето римел е вештина. Совладајте ја. Ако мислите дека ќе играте цела вечер во чевли на штикла, тоа нема да се случи. Секогаш да имате рамни чевли во багажникот. Витлерите се навртуваат нанадвор. Во диети и таблети за слабеење не верувајте, тоа е глупост. Испотете се и ќе ослабете. Мажите се едноставни. Не додевај му, не прогонувај го, биди мистериозна и заводлива и ќе бидеш најсакана. Не земај го в раце неговиот телефон, не проверувај му во џебовите. Не плачи за мажите, не е вредно. Не биди кучка, тоа никој не го сака, ПМС не е изговор. Научи да готвиш. Љубовта доаѓа преку стомакот. Никогаш, никогаш не престанувајте да се занимавате со уметност. Нека уметноста ви биде ѕвезда водилка. Мене ме одведе таму каде што требаше. Во џемот секогаш ставете малку ванила. Ајварот е поубав во мали тегли и не се расипува. Ако ја пресолите супата, ставете внатре две тапи да се варат пет минути и решен проблем.
На таванот имате еден ковчег кој го наменив за вас. Во него има плочи, касети, цедиња, видеокасети, флопи-дискови, видеорекордер и цеде-плеер. Најдете на интернет што е што. Во една кеса има преса и вретено од баба ми, најдете на интернет што е и тоа. Оние смешни чевли ви ги оставив за да видите колку беше кретенска модата во осумдесеттите. Сребрениот балски фустан е од баба ви. Облечете го барем еднаш во животот. Јас го облеков. Има таму и еден блок со автограми што ги собирав, џамлии од моето детство и некои кристални чаши. Графиките и сликите поделете ги рамноправно, кому што му се допаѓа. Ако нешто заборавив, не замерувајте ми. Тешко е сите мудрости да се искажат со само неколку илјади збора. Ве молам, немојте да ми направите некој кретенски споменик, на пр., во облик на мерцедес, кога ќе умрам. Нешто дискретно, може и некој камен од Дунав, опуштено.
И да. Оној вентил за вода на плацот се врти на спротивната страна.
Бескрајно ве сакам,
мама.
Автор: Сандра Тодоровиќ